1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Откако се вратив од овогодинешниот Светски економски форум во Давос, многу луѓе ме прашаа кои се најважните сознанија кои ги донесов оттаму. Една од темите за кои најмногу се дискутираше беше вештачката интелигенција - особено генеративната вештачка интелигенција („GenAi“). По појавата на големите јазични модели (како што е моделот двигател на ChatGPT) многу надеж се вложува во вештачката интелигенција како можен генератор на продуктивност и иден економски раст.
Но кога ѝ пристапуваме на оваа тема не смееме да заборавиме дека на состојбата на нашиот свет сè уште многу повеќе влијае човечката глупост отколку вештачката интелигенција. Ширењето на мегазаканите - од кои секоја е уште една алка во ланецот на „поликризата“ - зборува за тоа колку нашиот политички живот е дисфункционален и колку усвоените државни политики се неадекватни за решавање на најсериозните и најочигледни закани кои го загрозуваат опстанокот на човечкиот вид. Тоа ги вклучува климатските промени и високата економска цена кои ја носат со себе; држави кои пропаѓаат, заради што миграциските бранови заради климатските промени ќе бидат многу поголеми; и периодични вирулентни пандемии кои ќе бидат попогубни за економијата од Ковид-19.
За нештата да бидат полоши, ризичните геополитички ривалства сега прераснуваат во нови студени војни - како што е онаа помеѓу САД и Кина - и потенцијално експлозивни реални војни, како оние во Украина и на Блискиот исток. Ширум светот, растечката приходна и имотна нееднаквост, за која донекаде придонесоа хиперглобализацијата и технологиите кои го елиминираат човечкиот труд, ги изложува либералните демократии на напади и отвора простор за популистите, автократите и насилните политички движења.
Неодржливото ниво на приватниот и јавниот долг се заканува да предизвика нова должничка и финансиска криза, а сè уште се можни враќање на инфлацијата и стагфлаторни шокови заради падот на агрегатната понуда. Пошироките глобални трендови вклучуваат враќање на протекционизмот, деглобализација, економска фрагментација и дедоларизација.
Исто така, и покрај ветувањата за економски раст и подобрување на човечката благосостојба, храбриот нов свет на технологијата на вештачката интелигенција носи значителен деструктивен потенцијал. Вештачката интелигенција веќе се користи за ширење дезинформации, креирање лажни вести и манипулирање со изборните процеси. Тука е и стравот од можна трајна технолошка невработеност и понатамошно продлабочување на нееднаквоста. Мошне злокобно делува и развојот на автономното оружје и технологијата за сајбер војување со кои ќе управува вештачката интелигенција.
Заслепени од сјајот на вештачката интелигенција, учесниците на собирот во Давос не зборуваа многу за мегазаканите. Тоа не ме изненадува. Од моето искуство, духот на времето кој се проектира на овие собири вообичаено е дијаметрално спротивен на правецот во кој навистина се движи светот. Креаторите на државните политики и лидерите од деловниот свет доаѓаат да ги фалат своите книги и да повторуваат флоскули. Тие се претставници на конвенционалната мудрост која го усвојува ретроспективниот поглед на глобалните и макроекономските трендови.
Кога на собирот во 2006 година предупредував за надоаѓачката глобална финансиска криза, ме отпишаа како заплашувач. Кога во 2007 година предвидов дека повеќе земји од еврозоната ќе имаат сериозен проблем со јавниот долг, вербално ме заплашуваше италијанскиот министер за финансии. Кога во 2016 година ме прашаа дали крахот на кинеската берза ќе доведе до тврдо приземјување и ќе предизвика нова глобална финансиска криза, одговорив - точно - дека приземјувањето на кинеската економија ќе биде турбулентно, но контролирано. На собирите од 2019 до 2021 година главна тема беше меурот на криптовалутите кој пукна во 2022 година. Тогаш фокусот беше пренасочен на чистата енергија и зелениот водород - уште една помодарска тема која веќе го губи значењето.
Кога станува збор за вештачката интелигенција, има големи шанси оваа технологија навистина да го промени светот во децениите што доаѓаат. Но опсесијата на Светскиот економски форум со GenAI технологиите веќе изгледа депласирано, зашто технологиите на вештачката интелигенција и индустриите ќе отидат многу подалеку. Само да ја погледнеме револуцијата која се одвива во роботиката и автоматизацијата. Наскоро би можеле да имаме роботи со човечки квалитети, способни да учат и паралелно да извршуваат повеќе задачи, исто како луѓето. Да замислиме што сè би можела да донесе вештачката интелигенција на полето на биотехнологијата, медицината, човечкото здравје и животниот век. Подеднакво интересни се пробивите во квантната информатика кои со текот на времето ќе се спојат со вештачката интелигенција и ќе донесат нови криптографски апликации и многу повисоко ниво на безбедност во сајбер светот.
Иста долгорочна перспектива треба да се усвои и во дебатите за климата. Сè поверојатно е дека проблемот нема да се реши со обновливите извори на енергија - кои се воведуваат премногу бавно - или со скапите технологии за спојување на јаглеродот и зелениот водород. Можен излез е револуција во технологијата на фузиските реактори, под услов тоа да се случи во наредните 15 години. Изобилството евтина и чиста енергија со пристапната технологија за десалинизација, како и новите агро-технологии, ќе овозможат да прехраниме 10 милијарди луѓе на крајот од овој век.
Исто така, револуцијата во светот на финансиските услуги нема да донесе блокчејн и децентрализирани криптовалути, туку централизирана финансиска технологија која се потпира на вештачката интелигенција и веќе ги подобрува нашите системи за плаќања, алокацијата на кредити, осигурувањата и управувањето со имотот. Револуцијата во истражувањето материјали ќе донесе нови компоненти, масовно производство во технологијата со 3Д печатењето, нанотехнологијата и синтетичката биологија. Истражувањето и експлоатацијата на вселената можат да помогнат да ја сочуваме планетата и да ги испитаме можностите за живот на други места.
Сите споменати и многу други технологии можат да го променат светот кон подобро, но само ако успееме да ги ставиме под контрола нивните несакани ефекти и ако ги употребиме за решавање на мегазаканите. Да се надеваме дека вештачката интелигенција ќе ја победи човечката глупост. Но тоа нема да биде можно ако претходно ја уништиме планетата и животот на неа.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Kim Daehyun
Извор: https://www.project-syndicate.org/