Меѓу небото и Земјата: кон изложбата на Валентина Поцеска „Quo Vadis“

14.03.2024 00:37
Меѓу небото и Земјата: кон изложбата на Валентина Поцеска „Quo Vadis“

Quo Vadis

Во изложените дела на Поцеска доминираат три геометриски форми, триаголникот, кругот и квадратот. Според нејзиниот уметнички и духовен сензибилитет овие форми се „врската“ меѓу физичкото и духовното. Од една страна, тие претставуваат физички фигури врз кои се темелат основните архитектонски закони, а од друга страна, секој од нив е симбол за определена духовна димензија. Од христијанска толковна точка кругот е симбол на вечноста, триаголникот на Светата Троица, а квадратот на правдата и на вистината. Оваа интуитивна „теолошка“ беседа на Поцеска станува повпечатлива со не толку честото, но значително, вклучување и на фигурата на крстот – најважниот христијански симбол. Колажните апстракции на Поцеска се втемелени во катафатичките физички феномени и конципирани преку апофатичките метафизички идеи.

Затоа мојот осврт го нареков „Меѓу небото и Земјата“. Поцеска е еднакво заинтересирана за земното и за небесното и еднакво фасцинирана од нив. Како уметник, таа знае дека човечкото искуство ја наложува важноста на телесноста не само за духовното, туку и за интелектуалното. Мисловниот субјект е невозможен без дефинирано тело исто како што сликата е невозможна без дефинирана рамка.

Имајќи го ова предвид избраните дела на Поцеска ги поделив во пет групи и низ нив го образложив физичко-метафизичкиот сооднос.

Довидување

На сликата „Моќ?“ доминира црвената боја. Моќта и страста се опишани со црвената боја. Првата е состојба, а втората дејство. И двете одиграле клучни улоги, возвишени и трагични, во обликувањето на човечката цивилизација. Волјата за моќ и нагонот за страст придонесле кон мигови за восхит и мигови за ужасување. Под нанесената црвена боја врз рециклирана книга се читаат две имиња, Троцки и Ленин. Сојузници кои станале најголеми непријатели. Умови со возвишени идеи кои во практика завршиле како најголем терор. Црвеното на платното се „колеба“ меѓу свежата и засирената крв. Најсветлите нијанси даваат впечаток не само на крв, туку и на разгорен пламен. Пред нас, на платното, револуцијата е во тек. Неумолива страст и манијакална волја за моќ. Поцеска внела значителен дел од нејзината теориска ерудиција во нејзиниот уметнички израз. За моќта и страста да имаат возвишувачки ефект потребна е ориентација. Во спротивно, човечките умови лесно потпаѓаат под теориите на заговор за што пишува Умберто Еко во Фукоовото нишало. Според Еко, желбата да се биде моќен и важен, а не некаков незначителен запчаник во бесмислен механизам, е неисцрпен извор на теории на заговор. Потребна е „Ориентација“. На оваа слика се нанесени четирите горенаведени геометриски фигури, а врз нив се прецизно нацртани жолти концентрични кругови и две вкрстени линии. Рециклираниот материјал е од книги со кинеско и со кирилично писмо. Во долниот десен агол има баркод и самиот честа тема на теоретичарите на заговор. Наспроти мешаницата се жолтите кругови и двете линии вкрстени под прав агол кои даваат впечаток на хармонија и на рамнотежа. Ориентацијата е предуслов за бирањето на насока. Тема која Поцеска ја загатнува во сликата „Патоказ“. На неа има фигури на стрелки што покажуваат на сите четири страни, а некои си „противречат“ свртени едни наспроти други. Патоказите не треба да нѐ присилуваат да одиме во насоката која ја покажуваат, но важно е точно да ја покажуваат насоката кон која посочуваат во дадениот простор. Композицијата на стрелките покажува дека Поцеска не сака да „наметне“ насока. Нејзината слика укажува на важноста да ги разбереме патоказите во дадениот контекст и сами да избереме. Без разлика која е „Равенката“ која ќе ја употребиме за да определиме што ни е најважно во животот. На оваа слика гледаме равенка со три букви додека под неа се препознатливите триаголници на Поцеска. Композиција во себеси крие натрапник во форма на еден единствен квадрат. На горната и на десната страна од триаголниците има бели и жолти полни кругови, а во долниот десен агол има кружен печат со знакот на „Исус Христос Победник“. Пред нас стои отворено прашање, „Која е равенката за животот?“

Исповед

Прашањето го претпоставува основното онтолошко прашање, „Што е изворот на сѐ?“ Кругот, триаголникот или квадратот? Или сите три заедно? Како да се даде дефиниран одговор за субјект што по суштина не може да се дефинира? Никако! Како ограничени и веројатни битија во некој одговор можеме само да веруваме, но не и да го дефинираме. Има ли апсолутен „Источник,“ и ако има, како воопшто можеме да знаеме нешто за него? Сеедно, капацитетот за овие размисли е обврзувачки. Еднаш откако сме се одвоиле од другиот жив свет како мисловни суштества, „осудени“ сме на оваа размисла. Задачата на уметникот е логосната ризница да ја изрази сликовито зашто една слика е еднаква на илјада зборови. Поцеска со неколку едноставни потези го отсликала праисконскиот поим за „Источникот“. Овој поим е тесно поврзан со поимите „Вечност и време“. Чувството дека времето минува е универзално. Но, исто така неговото „мерење“ не соодветствува првенствено на времето како феномен, туку на брзината на движењето на светлината низ просторот. Поезијата убаво го опишува ова универзално чувство .

Ние мерка на вселената ѝ кроиме
Одблиску огромно си изгледаме
Убаво нѐ учеше лекарот поет Анте
Не минувало времето, туку животот.

Концепт

Ете не сме сигурни ни за времето, а имаме и универзално чувство за вечноста. Но, не само поезијата е соодветна да го опише неискажливото. Исто така и уметничката слика. Токму тоа го прави Поцеска со делото „Вечност и време“. По некоја случајност или не, запишаната година на рециклираната хартија е 1991, последната година од Македонија во рамките на Југославија. Четирите водечки форми се на сликата. Крстот стои осамен настрана од другите три. Поцеска го поставува прашањето за кое ни треба англиски јазик, „How to square the circle?“ Најблискиот превод на македонски јазик би бил „Како да ја оправиме Македонија?“ Одговорот и на двете прашања? „Речиси е невозможно“. Уметниците и поетите одат онаму каде што физичарите не се осмелуваат. Право во срцевината и оттаму црпат надеж. Поцеска до тоа место нѐ води со нејзината слика „Срцевина“. Црн квардат како на Малевич, а во него неизбежните три фигури во делата на овој автор. Периферијата на сликата е со бледи земјени бои што уште повеќе ја нагласува црната срцевина. Тука се оди на „сѐ или ништо“. Духовната симболика на геометриските форми може да значи дека црниот квадрат е таа семоќна гравитациска сила преку која се минува во друга непозната димензија или пак, е навистина само обична црна дупка која голта сѐ и сѐ душмански го задушува во себеси. Какво ли е устројството на вселената? Еден автор, кого го познаваме под псевдонимот Дионисиј Ареопагит, го опишува со негова лична кованица – хиерархија. Според овој автор од доцниот петти или ран шести век, целата несоздадена и создадена стварност е устроена во хиерархии. Хиерархиите почнуваат со несоздадената Света Троица која е создател на сѐ друго. Преку престоли, тронови и сили, се доаѓа до нашиот физички свет. На Поцеска, како некој кој интимно ја познава историјата на иконата и теологијата на иконата, ова ѝ е добро познато. „Хиерархии“ е слика со девет триаголници во девет квадрати. Преку оваа слика Поцеска нѐ поттикнува да размислуваме за устројството на светот и со тоа за устројството на животот. Оваа размисла неминовно е поврзана со карактерот на хиерархиите и која е нивната улога. Од нив ќе зависи како некој ѝ пристапува на стварноста, а особено како им пристапува на другите луѓе. Сѐ се чини дека Поцеска повикува длабокоумна размисла за нашето внатрешно јас. За она што човештвото од памтивек се обидува да го постигне. Спокојство на духот, на душата и на телото. Суштината на овој копнеж се манифестира во исповедањето. „Исповед“ е уште една слика со сличен стил како претходните. Заднината и периферијата на сликата е со ситно кинеско писмо. На него има апликација на печатот „Исус Христос Победник“. Она што отскокнува од другите вакви композиции е „падината“, стрма удолнина и угорнина. Искачувањето нагоре е бавно и тешко, но надолу е стрмоглаво. Така е и со доблестите и со пороците, со подвижувањето и со гревот. Возвишувањето бара сѐ од нас, паѓањето се случува според силата на гравитацијата. Затоа ни е потребен „Концепт“. Ова дело оддава „воздушест“ впечаток. Објектите на сликата „левитираат“ налево и нагоре. Најголем дел од заднината и од периферијата е во рамнотежа и под прав агол. Дури и црвениот евхаристиски печат се оцртува во јасен полн круг. Мора да имаме концепт, мора да си ги средиме мислите, а оваа слика на Поцеска ни ги смирува мислите и му дозволува на умот да направи духовен инвентар. Интуитивно или когнитивно бројни фигури на триаголниците и на круговите се антропоморфни. Кругот и триаголникот прават човечка глава и торзо. Повнимателно набљудување ќе открие дека круговите се дијагонално во иста линија. Истото важи за триаголниците и за квадратите. Само така ќе знаеме каде одиме. Не само во просторна смисла, туку уште повеќе во етичка смисла а тоа ги претпоставува и духовната, културната и уметничката димензија. Прашањето „Quo Vadis“ или „Каде одиш“ Сјенкевич го направи легендарно со неговата истоимена книга. Упатено му е на Петар додека бега од прогонството во Рим. Среќавајќи го Христос, кој се упатил во спротивната насока за да биде распнат по втор пат, Петар одговорот го дава со тоа што се враќа назад. Одговорот на ова прашање ќе ја определи судбината на бројни христијани од првиот век и сѐ така повеќе од две илјади години. Низ милениумите разни христијански автори го разгледувале секој аспект на прашањето до најситен детаљ. Еден таков автор е Евагриј Понтски. Тој прашањето „Quo Vadis“ го поставил преку образложувањето на „осумте зли мисли“ или страсти. Тие се, лакомост (γαστριμαργία), похота (πορνεία), среброљубие (φιλαργυρία), мака (λύπη), бес (ὀργή), униние (ἀκηδία), суета (κενοδοξία), гордост (ὑπερηφανία). Влијанието на овој мислител, особено со овој концепт, е огромно во рамките на западната цивилизација. Источното и западното христијанство, а со тоа и самата култура ги вградиле овие осум мисли во нејзините клучни структури. Овие страсти не се зли сами по себе, туку се искривоколчување на природните страсти чија намена е благосостојбата на другите. Поцеска на едноставен начин успеала овие страсти да ги претстави и да ги протолкува ликовно.

Равенка

Како академски сликар таа знае дека толкувањето на определен феномен е исто толку значаен, ако не и повеќе, колку и неговото претставување. Интертекстуалноста во сликата „Интертекстуалност“ ѝ е добро позната. Оваа правоаголна слика концептуално отстапува во формата и апликациите. Воведен е бел квадрат, паралелни црни линии, а крстот е во три бои. Во левиот горен агол се појавува кинеско писмо во поголем формат од вообичаено. Има и мини секвенца од арапско писмо. Поцеска на едно место собира разни епохи, јазици, култури религии и воопшто симболи. Ова е „говорот“ на светот за оној кој има уши да го слушне. Или да го прочита. Една друга варијација на темата интертекстуалност е сликата „Коресподенција“. Дваесет и пет мали квадрати во голем квадрат кои се или заличуваат на поштенски марки. Тие се сега сместени во една слика, но буквално или метафорично го пропатувале светот. Формите и знаците на нив сведочат за развојот на писменоста која според Црноризец Храбар меѓу Словените почнува „со цртички и рецки“. Има многу цртички и рецки на делото „Коресподенција“ на Поцеска. Во некои квадратчиња има знаци кои личат на клинесто писмо, има арапски бројки, а тука е и за овој сликар неизбежното кинеско писмо. Има две букви кои се дел и од кириличната и од латинската азбука. Има и еден интерпункциски знак. Коресподенција низ времето и просторот.

Но, за суштинска размена на идеи потребно е да се приближи до инстанцата за да се допре и да се биде допир. Поцеска го претставува тоа со слика во техника која е сосема различна од сите други композиции на оваа изложба. Сликата допир е пред сѐ апстрактно дело со смели бои. Со исклучок на отсутната црвена боја и на самите форми оваа слика како да е под влијание на Модријан, секако и на Кандински. Допир е дело што ја рефлектира идејата на Мондријан за „универзална хармонија“ и на Кандински за комуникацијата за „духовни вистини“ поттиканати од „внатрешната неопходност“. А за допир е потребно „Заедништво“, тема на слика која Поцеска ја реализира исклучиво со триаголници. Од определен ракурс и дистанца триаголниците како да се држат за рака и да прикажуваат дводимензионално оро. Оваа слика е поливалентна со тоа што за нејзиното создавање Поцеска црпи од македонскиот фолклор како и од кинематографијата. И во првиот и во вториот случај се работи за движење, едното во реален простор, а другото како мали кадри кои со циклично вртење даваат чувство на движење.

Срцевина

Во последниот блок на коментирани слики Поцеска преминува од „комуникација“ кон „интроспекција“. Првиот чекор во ова когнитивно дејство е претставен со сликата „Контраст“. Но десната на сликата имаме дел од натпис кој претставува нешто ефемерно, секојдневно, речиси тривијално. Од изразот „На жар“ нам на Балканот веднаш ни паѓа мислата за „скара на жар“. Налево, на поголемиот дел од сликата има голем бел квадрат и концентрични испресечени кругови. Како што погледот се сосредоточува на круговите набљудувачот е вовлечен во маѓепсувачкиот ритам на постојаното смалување. Пред очи ни се открива создавање нови форми, нови димензии и нови светови. Со секој премин кон помал круг во него се отвора бесконечен мултиверзум и колку помали стануваат премините на круговите толку поголеми стануваат мултиверзните реалности. Новите светови што се појавуваат низ црните точки не се неминовно црни. Има во нив разни контрасти. Таков свет ни прикажува Поцеска со сликата „Контраст“. Се работи за белата наспроти темносината. Белите форми се веќе познати, круг, триаголник и квадрат. Потсетуваат на девственост и на сигурност. Околу нив се случува контрастна раздвиженост на таинствени контури во темносино. Земјата пред милијарди години во засилена вулканска активност? Приказ на миговите пред неживата примордијална „супа“ да биде повикана во живот? Набљудувачот е слободен да донесе свој заклучок. Ова е вечно нагодување на сите човечки генерации филигрански запишано и со симболи кои се често контраинтутивни. Како што е примерот со крстот, кој во христијанството ја претставува победата на смртта, како што дел од литургијата вели, „Со својата смрт ја победи смртта“.Поцеска ја претставила смртта на најпластичен можен начин. Со фотографија на вистински мртовец. Две монахињи се таговно загледани во мртвото лице на нивната содружничка во монашкиот живот. Тажни се, но не и очајни. Гледајќи го во спокојното лице онаа која се збогувала со овој живот речиси како да сакаат да си ги заменат местата. Не не се работи за бегство од овој телесен живот и напуштање на душата тело-затворот. Се работи за нешто друго. Тие знаат дека следниот миг, кој мртвата монахиња ќе го доживее во тело. ќе биде на денот на воскресението. Затоа оваа слика не е наречена „Збогум,“ или „Последен поздрав“. Наречена е „Довидување“ зашто двете сега живи очекуваат повторна средба не само на душите, туку и на телата. Каква ода на животот!

Изложбата на Валентина Поцеска е уметнички израз со кој таа му се радува на животот и благодари за животот „Меѓу небото и Земјата.“ Таа го прашува светот и сите нас пристуни тука, „Quo Vadis“, но одговорот го очекува да си го дадеме секој сам на себе.

ОкоБоли главаВицФото