1016 hPa
87 %

11 °C
Скопје - Нед, 27.04.2025 01:59
„Единствен матичен број”, Лидија Димковска, „Три”
Требаше да бидам како брат ми, да не ме засега ништо од нашата семејна историја, од судбината на татко ми, од карактерот на мајка ми. Да прифаќам сѐ како да е нормално и вообичаено, а не необично или лошо. Да не жалам за сите промашени блискости. Да не барам причини и оправдување за молкот на татко ми, за коментарите на мајка ми. И да не копам во нивното минато. Да не ме интересира зошто мајка ми отишла на сезонска работа на Кипар и таму, во хотелот во кој работела како перачка и пеглачка, го запознала татко ми, кој работел како домар. Живеел недалеку од хотелот, во населбата Вароша. Била 1974 година, девет години пред делот во кој живеел да се прогласи за Турска Република Северен Кипар, една година пред да се роди брат ми и седум години пред да се родам јас. Како мала се чудев како сум се родила цели седум години по брат ми, кога сите деца во соседството имаа браќа или сестри најмногу три години поголеми или помали од себе. Подоцна се чудев што татко ми и мајка ми воделе љубов уште цели седум години откако се зеле, со астматичните напади на татко ми и со сите главоболки, ногоболки,забоболки, стомачни болки, вртоглавици и хипохондриски болести на мајка ми. Кога бев дете знаев често да ѝ ја прегледувам здравствената книшка кога беше на работа, но не можев да најдам ништо друго освен препишани лексилиуми и чај против хемороиди. Мајка ми беше здрава, но самата си се сметаше за болна. Татко ми, пак, обратно.
Татко ми никогаш не зборуваше за своето потекло. Кога ќе го покажеа Кипар на телевизија, ликот му се згрчуваше, меѓу веѓите му се исцртуваше длабока брчка, нечујно ја подголтнуваше плунката и чекаше прилогот да заврши. И ние одвај го чекавме тоа, не осудувајќи се дури ни да дишиме.Мајка ми обично ќе влезеше во кујната и ќе промрмореше: „Тие ќе ја решеле ситуацијата, како да не! Со нив ни Господ не може да се разбере!“, а татко ми веќе стануваше, го гаснеше телевизорот, промрморуваше: „Човек да фати пустелија!“ и кашлајќи одеше кон тоалетот. Потоа излегуваше од дома. Брат ми влегуваше во нашата соба, а јас останував седната пред исклучениот телевизор не знаејќи што да правам со рацете и нозете, со устата и очите. Ја слушав мајка ми како си вели во кујната: „Море само Турците за нив, никој друг!“, па и јас станував и влегував во собата. Се качував на мојот кревет и од горните полици извлекував некоја книга. Клатејќи се врз креветот ја подотворав, читнував неколку реда, ги вртев страниците, пак читнував по нешто, ја враќав на полицата, извлекував друга и така стоев врз креветот сѐ дури брат ми, клекнат на подот со расфрлени касети околу касетофонот, не ми подвикнеше: „Симни се веќе еднаш!“ Слегував тетеравејќи се од креветот и затоа што се плашев од наредбата на брат ми, многу поголем од мене, и затоа што знаев дека, ако креветот се скрши под мојата тежина, нов нема да добијам. Го извлекував од под креветот географскиот атлас што сам се отвораше на страницата каде што меѓу Грција и Турција постоеше една мала точка копно со морски граници - на север со Турција, на југ со Египет, на исток со Сирија и Либан, а на запад со Крит. Линијата меѓу двата дела на островот можев да ја видам само со лупата, што исто така ми стоеше под креветот.
Во таа 1974 година, на први јуни, повеќе девојки од Југославија заминале на Кипар на сезонска работа. Автобусот на „Ласта“ од Белград застанал на автобуската во Скопје да ги земе мајка ми, братучетка ѝ Мара и уште неколку други девојки, и продолжил кон Солун. Оттаму се качиле на брод до Крит, па на уште еден до Фамагуста. Ги пречекал морскиот брег со хотели како во холивудските филмови. Во женските списанија што ги купувала братучетка ѝ Мара, кај која живеела неколку години откако дошла од село и се вработила во претпријатието за обработка на кожа, пишувало дека најверојатно и таа година во монденска Фамагуста на Кипар ќе престојуваат Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Брижит Бардо, Пол Њумен и многу други холивудски ѕвезди. Тоа било една година по филмот „Битката на Сутјеска“ во кој глуми Ричард Бартон. Со него на Бриони пристигнала и Елизабет Тејлор, која немало девојка во Југославија што не ја чувствувала за блиска, речиси своја. Токму во тоа време една младинска задруга од Белград организирала работа на Кипар. Огласот се појавил во неколку весници низ Југославија, па повеќе девојки, наместо на работна акција на пругата Белград – Бар, се пријавиле за собарки, пеглачки, перачки, готвачки, за сѐ што се барало тоа жешко лето во Фамагуста.
***
„Писма од лудница” ,Срѓан Ивановиќ, „Арс Либрис”
Војдан беше подготвен за најстрашното. Очекуваше да види слабо осветлена, влажна и валкана зандана, во која ќелави типови со лузни на лицето го врзуваат за дрвен стол и го удираат безмилосно по лицето, главата и по стомакот, му ги кршат нозете и му го горат телото.
Но, ниту за миг не помисли дека испрашувањето ќе се одвива во многу симпатична кафеана, каде служеа одлична ракија од дуња, а скарата беше толку вкусна што тој, без да се консултира претходно со строгата тетка на Ружа, се осмели да нарача уште еден овал нареден со вкусни парчиња месо.
Почна со ракија, а потоа продолжи со кригли студено пиво, кои во потполност му го вратија расположението, па дури почна неврзан разговор со двете жени.
- Ружа ви е внука, значи вие сте ѝ тетка, така?
- Да –малку резервирано, а сепак љубезно му одговори таа.
- Сестра на нејзината мајка? – настојуваше упорно Војдан.
- Не – продолжи таа малку нервозно – нејзината мајка немаше сестри. Немаше ни браќа – таинствената жена со крајот од окото ја погледна Ружа, која беше загледана во својата чинија и изгледаше како да не ја засега разговорот што се одвиваше во моментот. – Но, јас бев единствената која беше подготвена да се грижи за малото девојче кое остана само на светот.
- Ружа е сираче? – извика тој полугласно, конечно предизвикувајќи ја Ружа, која иако не кажа ништо, за момент го крена погледот.
- Да – овој пат тетката ја подигна едната веѓа, ставајќи му до знаење на Војдан дека претерал – јас му бев сестра на нејзиниот татко.
- Ах – изусти несигурно Војдан – тоа има повеќе смисла.
- Сакам да ти кажам – продолжи тетката - дека ние двете веќе долго време се обидуваме да ги исправиме грешките од минатото. Нејзината мајка беше прогонувана од претходниот систем.
- Од комунистите? – праша Војдан зачудено.
-Да – одговори таа нестрпливо - не знам зошто се чудиш толку, многумина беа прогонувани од комунистите во поранешна Југославија.
- Секако – одговори несигурно тој – но тоа е одамна завршено, комунизмот и Југославија се распаднаа пред речиси три децении.
-Тоа не значи дека ние не треба да ја добиеме нашата сатисфакција. Некои луѓе, поточно еден човек е директно одговорен за смртта на мојот брат и на мојата снаа.Тој никогаш не одговараше за своите злодела, а верувај ми дека ги имаше премногу. Целата земја се тресеше од неговиот чекор, како и емигрантите раштркани низ целиот свет. Ние имаме лична одмазда кога е тој во прашање, но сигурна сум дека голем број растурени семејства како нашето ќе аплаудираат кога тој ќе ја добие казната.
- Планирате да го убиете?
- Што ќе правиме со него, тоа не е твоја работа!
- Па, тогаш, што ќе сум ви јас? Ако ви треба некое старо комунистичко дртало, тогаш одете кај него дома, киднапирајте го и донесете го тука на јадење и пиење. И нема потреба Ружа да спие со него, сигурен сум дека вие ќе му бидете таман.
- Слушај, копиле едно – процеди таа низ усните – престани така да зборуваш - во тој момент Војдан со крајот на окото забележа дека Ружа го гледа. Таа молчеше, но со насолзените очи како да се обидуваше да му каже дека е во опасност, дека мора да престане.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.