Концерт на Летечки Пекинезери во МКЦ

24.02.2011 10:58
Летечки Пекинезери

Младинскиот културен центар Ве поканува на првиот концерт на Летечки Пекинезери квинтет, во кино Фросина, на 25-ти февруари (петок,) со почеток во 21 часот. Влезницата ќе биде 200 денари.

Во соодветен амбиент, Пекинезери ќе Ве запознаат со својата музика, која е веќе подготвена да се најде на нивната прва плоча и за која се заинтересираа неколку странски издавачи.

Сигурни дека нема да имате проблем со беспрекорното пркосење на современиот аудио притисок и никому потребната (вештачка) одговорност кон минатото, Ве каниме да ѕирнете низ летачката призма.

Имајќи предвид дека свингот низ стоте последни години на луѓето им нудел оддишка од рецесии, војни и секакви сопки, а на оние кои сакаат да вршат притисок во континуитет им бил трн во око, Ви нудиме да се опуштиме од каков било притисок. Со помош на свежиот материјал за кој одговорно тврдиме дека ќе Ви ја измами насмевката и ќе Ви понуди една фино избалансирана детска наивност, да олабавиме.

Пекинезерите не размислуваат за својата музика, таа излегува од не баш завидното изведувачко и образовно (интерконтинентално) искуство, илјадниците часови преслушана музика и искрената дружба. Кога сфатија дека работава не е играчка, запнаа и на хартија го пренесоа онае што љубоморно го чуваат за својата душа, за кога ќе стигнат до интерпретацијата, пекинезерот да биде ослободен.

Летечки Пекинезери квинтет се: Бојан Петков на гитара, Иво Солдатовиќ на кларинет, контрабасот е на Кирил Туфекчиевски, на тапани е Славчо Коцев, а за тенор саксофонот е задолжен Петар Христов.

Дотерајте се затоа што се снима, а и сешто може да се случи кога пекинезерот ќе полета.

ОкоБоли главаВицФото