1022 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 21:59
(Кон претставата „Моби Дик” по текст на Александар Секулов, во режија на Дијана Добрева и во изведба на Националниот театар „Иван Вазов ” од Софија. Главни улоги: Христо Петков, Владимир Пенев, Пламен Димов, Параскева Џукелова, Снежина Петрова)
Митот за китот „убиец” е само структура која нѐ води во веќе проверените модели на борбата меѓу „доброто и злото”, каде што освојувачот е оној што се одлучил да ја скроти силата која доаѓа од морето. „Моби Дик” е повеќе епопеја за заловувањето на вечноста која без остаток се крие во оние сили што векови пред нас биле обожавани како божества. Херман Малвил се одлучил да пишува за одбраните што ќе се искачат на божествените скалила ставајќи ја човечката мудрост и умешност над непознатото. Неговиот Ахав во еден момент вели: „Што се однесува до мене, ме мачи вечното раздразнување за далечните нешта. Обожавам да пловам по забранети мориња и да допловувам на варварски брегови”.
Драмскиот текст на Алекандар Секулов говори токму за тие релации на цивилизација и варваризам, она што Мелвил го проблематизира, но го потопува во една блага индиспонираност на тогашното Американско општество. Остар и недвосмислен, драмскиот текст на Секулов навлегува во сите пори на значенската координата на овој мит, не заборавајќи ја приказната и ликовите. Оваа верзија на „Моби Дик” е благородно посветување на она што значи судбинска врска на пленот и ловецот, филозофска константа која Шопенхауер ја позиционира велејќи дека „Секој човек ги зема границите на сопственото видно поле за граници на светот”. Се чини дека тука се движат одлуките на Ахав, но и дилемите на Исмаил. Секулов во неговиот драмски текст се одвојува од тие констатации и создава драмска верзија која ги отвора современите аспекти на митот за човекот што сака да го улови она суштество кое царува со океанот.
Дијана Добрева на сето ова му приоѓа многу мудро: го врамува и текстот и митот во просторот на спектакуларноста и гради претстава која има филмски крвоток, но во исто време и театарски силна мизансценска и карактерна провиниенција. „Моби Дик” во нејзината режија е трагање по вечноста која Старбак не ја разбира, Исмаил можеби ја почувствувал, но Ахав не се откажува од својата мисија. И да, токму „мисија” е зборот кој ги отвора дилемите кои струјат низ целата претстава: и кај морнарите, и кај нивните сопруги што ги чекаат, но најмногу кај оној што не може да се ослободи од својата опсесија да го скроти она што владее со водите во светот.
Градирајќи исклучително високо, оваа претстава е совршена полифонија на она што Мелвил се обидувал да го опише, Секулов да го артикулира со еден модерен драмски јазик, и на актерската енергија која е еден од најголемите нејзини одблесоци. Дијана Добрева низ својот концепт навлегува и во интимните трауми и во проблематиката на варваризмот и цивилизираноста, но она што го одбележува вистинското јадро на нејзиниот начин на промислување е посегнувањето по судбината. Токму затоа го споменав зборот „полифонија”. Добрева посветува посебно внимание на органското во својата режија, што е основна подлога на компактноста на целата претстава. Таа, како голема режисерка успева да ги искристализира ликовите во ситуациите кои преку одличната драматика на Секулов се третирани со една невидено содржајна визуелност и сето тоа успева да го интегрира во уметничко дело кое и воодушевува, но и наведува на размислување.
Кога сме кај актерската енергија која во оваа претстава импонира со својата компактност, би го издвоиле Христо Петков кој својот Ахав го игра со голема доза на строгост и стаменост. Навидум ригиден, но емотивен, неговиот Ахав нѐ вовлекува во светот на големите одлуки, на несовршеноста, на тежнеењето да се допре вечноста, на една вечна дилема која Петков ја одигрува со голема посветеност, со една актерска умешност која импресионира. Овој Ахав не е робустен и шармантен, неговиот Ахав е создаден од грижи и недоречености, но Петков таа упорност ја одигрува извонредно, извлекувајќи ги од ликот сите оние карактеристики кои го допираат модерното сфаќање на оние што се одлучиле за потфати кои ги донеле до здивот на смртта.
Голема контраст на него е Исмаил на Владимир Пенев, лик од којшто зрачи мудрост и контемплативност, еден актерски сензибилитет кој пленува со својата суптилност и прецизност во интерпретацијата. Пенев одигрува Исмаил кој го мисли она што го зборува со целиот свој хабитус, кој поминал Сцили и Харибди, но повремено се подава на стравот и трепетот на еден исто така сокриен и само насетен начин. Овде не можеме а да не го споменеме и Старбак на Пламен Димов, лик чија младешка бунтовност е уште еден од пристаните на Мелвил. Херман Мелвил имал само 32 години кога го напишал „Моби Дик”, па во младешките изблици на Старбак можема да ја препознаеме неговата младешка бунтовност. Пламен Димов во својата интерпретација се посветува на она што значи реалитет во ситуациите и она што значи предупредување. Со силна актерска зрелост, овој млад актер гради лик кој се потпира врз она што го кажува логиката, но во секој случај, не се откажува од мисијата. Храбар и силен, неговиот Старбак е совеста на целиот потфат и неговата понатамошна резонантност за сите настани. Со сјајна актерска артикулација, оваа креација на Пламен Димов е една од најзабележителните во претставата. Во остнатите улоги блескаат и: Ненчо Костов, Стелијан Радев, Димитар Николов, Асен Данков, Јавор Валканов, Кире Ѓоревски, Жорета Николова, Александра Василева, Параскева Џукелова, Билјана Петринска и други.
„Моби Дик” на Дијана Добрева се одликува со извонредна визеулност, па така во сценографијата на Мира Каланова и видео дизајнот на Петко Танчев се крие велелепноста на целата претстава. Сцената која во голем дел претставува палуба од брод е вовлечена во сјајните видео презентации кои ја надополнуваат со она што се чини дека е можеби неизводливо на театарската сцена. Оваа визуелна епика докажува дека во театарот, всушност сѐ е возможно, ако е добро искоординирано. Блескавите костими на Марина Рајчинова се врв на една компатибилност која е на некој начин цврста подлога и за режисерската концепција, но и за актерската игра. Тука се вклучува мошне доминантната музичка илустрација на Петја Диманова која импресионира до последниот момент, а и атрактивната кореографија на Дејан Георгиев која импонираше со својата содржајност.
Мелвил во својот „Моби Дик” проговорува и за нешто друго: „Има мудрост што причинува несреќа; но има и несреќа која води до лудило. И во некои души го има орелот кој може да се нурне во најцрните клисури, повторно да се издигне од нив и да стане невидлив во сончевите простори. И дури и ако тој засекогаш лета низ клисурата, таа клисура е во планините; така што планинскиот орел и при најнискиот налет е сепак повисоко од другите птици на рамнината, иако тие се издигнуваат”. Тоа е лудилото што иако е ирационално, во себе ја содржи целата храбртост на човековата цивилизација.
И Секулов, и Дијана Добрева, а и актерите во оваа прекрасна претстава зборуваат за рационалниот сублимат на едно лудило кое човекот го носи со себе во сите доба од својот развиток. Моби Дик, китот, е природна величина која треба да се достигне, а е и сила која треба да се заузда. Ахав е онаа друга сила што човекот ќе го донесе на Месечината, што ќе го извие во воздухот за да му се спротивстави и на времето, но во подлогата на сето е судбината и она што никогаш не може да се достигне иако човекот можеби самиот се убедува дека е блиску до неа – вечноста.
Фото: Александар Богдан Томпсон