Песимизмот на посткапитализмот

29.03.2024 02:48
Песимизмот на посткапитализмот

Според славниот коментар на книжевниот критичар Фредрик Џејмсон, „полесно е да се замисли крај на светот отколку крај на капитализмот“. Првпат во два века, забележува Џејмсон, капитализмот се гледа како деструктивен и непоправлив. Слабеењето на верата во можноста за посткапиталистичка иднина е извор на длабок песимизам.

Ваквиот преовладувачки очај го евоцира есејот на Џон Мајнард Кејнз од 1930-та година „Економските можности за нашите внуци“, во кој се предупредува на „двете спротивставени грешки на песимизмот“. Првата е песимизмот на „револуционерите кои мислат дека нештата се толку лоши што ништо не може да нè спаси освен насилна промена“. Втората е песимизмот на реакционерите кои веруваат дека економските и општествените структури се „толку нестабилни што не смееме да ризикуваме со никакви експерименти“.

Како одговор на песимизмот од неговото време, Кејнз понудил алтернативна визија, предвидувајќи дека технологијата ќе покрене доба на невидено изобилство. Во рок од еден век, тврди Кејнз, континуираниот технолошки напредок ќе го подигне животниот стандард - барем во „цивилизираниот“ свет - за четири до осум пати повеќе од стандардот од дваесеттите години. Тоа на внуците на неговата генерација ќе им овозможи да работат помалку отколку што работеле нивните претци.

Теоријата за краткорочно вработување според која Кејнз стана познат, беше дел од општата визија на технолошката утопија. Според неговото уверување, водењето на економијата во полн капацитет е најбрзиот пат од нужност до слобода. Кога еднаш ќе ја постигнеме таа цел, економската „стоматологија“ која го преокупирала Кејнз, би станала одвишна. Тогаш вниманието ќе можеме да го пренасочиме кон „нашите вистински проблеми“, проблемите на „животот и човечките односи, творењето, однесувањето и религијата“.

Иако Кејнз сметал дека идеите на Карл Маркс се неразбирливи, неговата визија за посткапиталистичката иднина личела на марксовата од Германската идеологија. Маркс го гледал капитализмот како средство за решавање на проблемите во производството, додека комунизмот како начин за управување со дистрибуцијата, со што се елиминира потребата за подебла на трудот.

Слично на Кејнз, визијата на Маркс за иднината го промовира култивираниот аматер, што е улога која традиционално е резервирана за аристократијата. Маркс замислувал општество во кое „наутро може да се лови, попладне да се оди на риболов, навечер да се занимава со стока“ и „критички да се разговара по вечерата“, а притоа луѓето не се ограничени на улогата ловец, рибар, сточар или критичар. Како и Кејнз, и Маркс го гледал капитализмот како мачно искушение кое човештвото мора да го издржи за да може да се демократизира добриот живот.

Иако и Кејнз и Маркс го сметале капитализмот за нужно зло, двајцата се противеле на избрзаните обиди за негово укинување или премногу насилните вмешувања во неговите процеси. Кејнз предупредувал против предвремената разградба на капиталистичкиот систем преку прераспределба на богатството и добивката, додека Маркс верувал дека обидите на реформистите да го хуманизираат капитализмот само ќе ја одложат револуцијата. Ваквите ригидни ставови на крајот се покажале како премногу екстремни за кејнзијанците и социјалистите кои тежнееле кон воспоставување на кејнзијанските социјалдемократии кон средината на 20-от век.

Но и покрај нивните утописки визии за посткапиталистичкиот свет, Кејнз и Маркс имале фундаментално различни погледи како да се надмине капиталистичкото „чудовиште“, врз основа на своите различни толкувања на системот. За Кејнз, капитализмот бил духовна деформација која во западната цивилизација се шири на векторот на пуританизмот и природно ќе изумре кога веќе нема да биде потребен. Во доба на изобилство „ќе стане јасно дека љубовта кон парите како имот - која се разликува од љубовта кон парите како средство потребно и за животни задоволства и за неволји - е одвратна состојба која со стресот им се предава на специјалистите за ментални болести“.

Од друга страна, Маркс не сметал дека капитализмот е психолошко нарушување, туку политички и општествен систем во кој капиталистичката класа ги монополизира сопственоста и контролата над земјата и капиталот. Таквата доминација им овозможила на капиталистите да го извлечат вишокот вредност од работниците, кои единственото нешто што можат да го продадат е своајата работна сила. Капитализмот, според Маркс, нема едноставно да изумре; мора да биде срушен, но не пред целосно да се оствари неговиот создавачки потенцијал.

Марксовиот приказ на капитализмот како креативна сила бил вкоренет во хегеловата дијалектика и бил под големо влијание на романот Франкенштајн или модерниот Прометеј на Мери Шели од 1818 година. Вториот извор на инспирација бил Фауст на Гете, во кој Мефисто е прикажан како грижлив извршувач на божествениот план за искупување на луѓето.

Современиот песимизам во многу аспекти е подлабок од оној што го идентификувал Кејнз во 1930-та година. Левичарските револуционери сè уште копнеат за пад на капитализмот, но не успеаја да пружат одржлива алтернатива уште од колапсот на советскиот комунизам. Во меѓувреме, конзервативизмот еволуираше во „радикална десница“, која се карактеризира со огорченост и шовинизам, но нема кохерентна визија за хармонична иднина. Се чини дека ниедна страна не нуди светлина на крајот од тунелот.

Токму отсуството на искупувачка визија го поддржува, а делумно и го дефинира денешниот преовладувачки песимизам. Додека Кејнз и Маркс верувале во еманципаторската моќ на машините, на технологијата сега претежно се гледа како на закана, иако нашата иднина со неа е суштински испреплетена. Исто така, Кејнз и Маркс претпоставувале дека капитализмот ќе пропадне пред природата да се побуни против експлоатацијата; денес се соочуваме со егзистенцијална закана од климатските промени и слабите шанси за успешно глобално решение. Најмногу од сè вознемирува тоа што забрзано еродира довербата на јавноста во способноста на демократските системи да остварат значаен напредок.

Разумно е да бидеме песимисти кога сме соочени со избор помеѓу паразитски капитализам и неофашзам во создавање. Но со оглед на тоа дека ни крајот на светот ни крајот на капитализмот нема да се случи наскоро, останува прашањето: каде понатаму?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Narsiso Martinez

Извор: https://www.project-syndicate.org/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото