Дали моќта на САД е на својот залез

24.02.2011 12:37
Дали моќта на САД е на својот залез

Кој седи пред управувачот на светот?

Хершиевиот чоколаден свет не е ни најголемиот ни најпопуларниот забавен парк во САД, но овој парк ја слави Америка која секој Американец може да ја препознае – земјата во која сè е насочено кон поединецот, заедницата и, пред сè, успехот.

Пред забавниот парк, кој се наоѓа во сојузната држава Пенсилванија, расположението е мрачно. Не се работи само за економските проблеми од последниве неколку години – се чини, корените се многу подлабоки.

„Застрашувачки е колку децата се зафатени од технологијата. Повеќе воопшто не си играат надвор, не се дружат, туку само седат пред компјутерите. Како да го изгубивме претприемачкиот дух“, вели една соговорничка.

Никој од посетителите не го споменува Египет, но Американците се свесни дека повеќе не седат пред управувачот на светското возило.

Дали тоа место засекогаш го изгубија, и ако го изгубиле – зошто се случи тоа?

Ричард Хас е поранешен функционер на Стејт департментот, а сега работи во најугледниот американски дипломатски институт – Советот за надворешни работи. За него проблемот е многу едноставен – земјата е презадолжена, дефицитот е неодржлив.

Тој предвидува дека берзите ќе ја изгубат довербата во способноста на САД да ги отплаќаат долговите, што ќе доведе до драматичен раст на каматните стапки.

„Тоа би ги намалило расположливите средства за американската надворешна политика, за одбраната и странската помош. Ако САД не ја доведат својата куќа во ред, 21-от век би можел да биде многу бурен“, вели Хас.

Надворешни и внатрешни закани

По сè изгледа, клучот е во средувањето на својата куќа, т.е. политиката.

Заканите повеќе не доаѓаат однадвор, од непријателите како Русија, Кина или Ал Каеда.

Френсис Фукујама, еден од најпознатите американски филозофи, вели дека најголем проблем претставуваат некои уважени национални навики:

„Американците го сакаат оружјето, не зашто го сакаат ловот, туку зашто веруваат дека така можат да и’ пружат отпор на тиранската власт, како што нивните предци во 18-от век му се спротивставија на британскиот крал Џорџ.“

„Имате лудаци кои се вооружуваат зашто веруваат дека Обама е левичарски социјалист од кој мораат да се одбранат. Наш моментален проблем е тоа што политичката недоверба во земјата е толку голема што поширокиот политички консензус е практично невозможен. Економските и фискалните проблеми можат да се решат, но политичкиот систем не и’ е дораснат на ситуацијата“, вели Фукујама.

На Америка и’ треба суштинска обнова

Америка сè уште е во состојба да се обедини – неодамнешното финале на првенството во американски футбал, т.н. супербол, го гледаа 111 милиони луѓе, односно половина американски домаќинства.

Но дали политичкото единство е навистина пожелно?

Харвардскиот економист Џефри Сакс смета дека решението не е во партиската согласност. Според него, тоа е проблемот.

„Обете партии се за мали даноци, обете им олеснуваат на богатите и не се склони кон реформски потези, така што моментално во земјава имаме две партии од десниот центар. Додека јавното мислење силно го поддржува укинувањето на даночните олеснувања за богатите, највлијателните демократски политичари се против тоа, бидејќи ќе нема кој да им ја плаќа изборната кампања за 2012 г.“

„Со американската политика, повеќе од кога и да е, управуваат парите“, заклучува Сакс.

Сето тоа, според одредени американски интелектуалци, звучи премногу песимистички.

Ен Мари Слотер, која до неодамна беше шеф на Отсекот за планирање на Стејт департментот, а сега е професор на универзитетот Принстон, смета дека се занемарува потиснатата енергија на нацијата.

„Најдобрите студенти од одличните универзитети од светот доаѓаат кај нас за да научат дека патот до највисоката оценка е да му се спротивставите на професорот, а не да ги повторувате неговите зборови. Таквиот став е потребен за да се смени нешто во општеството. Културниот образец кој налага ставовите на власта секогаш да се преиспитуваат е добредојден во светот во кој знаењето, идеите и иновациите се главната монета. Америка не ја изгуби таа способност, ама и’ е потребна суштинска обнова.“

Г. Херши, сопственикот на најпознатата американска фабрика за чоколади, најверојатно само би одмавнал со раката на сево ова – расправите за американската пропаст се стари колку и Америка.

Можеби и оваа ќе заврши на некој сличен начин – со некој нов, неочекуван успех.

Извор: BBC

ОкоБоли главаВицФото