Што е апциклирање?

01.04.2024 01:24
Што е апциклирање?

Рецкилирањето е нашироко познат поим: пластиката, стаклото или хартијата ги праќаме во посебни центри каде од, условно кажано, ѓубре се добиваат нови материјали.

А дали сте слушнале за танакареченото апциклирање (upcycling)? Суштината е слична, баш како што сугерира основата на двата збора во англискиот јазик - cycling, со што се означува кружењето.

Разликата ја прават префиксите.

Рециклирањето бара фабричка обработка, а рециклираните материјали продолжуваат да кружат на пазарот во форма на некое ново шише или дури накит, доколку се рециклира сребро или злато.

Од друга страна, апциклирањето е нешто што може да го направи секој од нас во домашни услови така што од нуспроизводот, отпад или стари, неисправни или истрошени предмети кои веќе ги поседува може да направи - нов апциклиран производ со поголема вредност. Токму up-(англ. горе) го отсликува таквиот напредок на некој предмет кон производ кој во одреден момент за вас е повреден.

Добар пример се крпите од износена облека или постелнина со кои нашите баби ги бришеле подовите наместо едноставно да ги фрлат, како и чашите направени од садови во кои претходно „домувале“ свеќи кои претходно сте ги исчистиле од восокот.

Ако одгледувате зеленчук или цвеќиња веројатно веќе сте апциклирале, а за тоа не сте ни биле свесни: можеби пластичните шишиња некогаш по користењето сте ги наполниле со вода, во нив сте направиле ситни дупчиња и сте ги ставиле во земја во својата градина или во саксиите.

Така сте му го продолжиле животот на нешто што вообичаено се смета за ѓубре. Но на тој начин на пластичните шишиња сте им дале значително поголема целисходност одошто би ја имале скапувајќи на депониите: сега тие служат за наводнување растенија.

Секако, не треба да бидете градинар за да апциклирате - апциклажата им е достапна на сите, а нејзините граници се креативноста на нејзиниот апциклер.

Апциклирањето постои илјадници години наназад пред воопшто да го сковаме терминот

Без оглед на тоа што кованицата upcycling е од понов датум, настаната во деведесеттите години од минатиот век, корените на апциклирањето одат длабоко во историјата па тоа било застапено уште во антиката.

Уште во петтиот век пред новата ера, на територијата на Грција, Рим и Византија (денешен Истанбул), историчарите откриле дека луѓето употребувале материјали, вклучувајќи и украси, од стари градби при градењето нови објекти.

Иако апциклирањето станува сè попопуларно во модерната доба, не смееме да заборавиме дека и нашите претци на сличен начин настојувале да ги зачуваат ограничените ресурси илјадници години пред нас, многу, многу пред оваа практика и официјално да го добие својот назив.

Меѓу културите со повеќевековна традиција на апциклирање се и Јапонците. Тие стотици години своите искршени садови ги спасуваат со помош на една интересна техника, кинтсуги. Во буквален превод од јапонски тоа значи „златна поправка“, а добро ја илустрира самата постапка:

Пукнатините на грнчаријата се пополнуваат со лак во кој најчесто е измешано злато во прав. Тоа служи како своевидно лепило, но и декор, со оглед на тоа дека кинтсуги керамиката е прошарана со златни линии со неправилна форма кои ги држат напукнатите делови.

Пред дваесетина години, кога јас и брат ми бевме мали, и кај нас дома се кршеа разни керамички садови. А мајка ми, слично како Јапонците, успеваше да ги „оживее“ - додуша, не со помош на злато. Скршените делови ги собираше и ги користеше како декорација во камењарот со зеленило во нашиот двор.

На интернет можат да се најдат безброј совети за апциклирање - доволно е само да ги препознаете своите интереси, вештини, ресурси и потреби.

Од дрвени палети - мебел за градина и основа за зелен ѕид

Пред неколку години на социјалните мрежи одекна тренд за правење мебел за градини од дрвени палети. Така во многу домови можевме да ги видиме на терасите или во градините. Од дрвени палети се правеа дури и кревети.

Но ваквите каучи, аголни гарнитури, фотељи и кревети не се воопшто неудобни како што се чини. За тоа се заслужни перниците, а дрвените палети се како база. Со оглед на тоа дека вообичаено се користат при превоз на стока тие се мошне издржливи.

Од друга страна, ако ја промениме перспективата, поточно ориентацијата на дрвените палети и ако ги исправиме, можеме да им дадеме друга намена - од нив може да се направи зелен ѕид.

Апциклирањето се појавува и во уметноста па така германскиот уметник Јохан Дитер Васман во 1897 година ја изработи необичната скулптура Одиме напред.

Градежништвото исто така има голем потенцијал за имплементација на апциклирањето. Со оглед на тоа дека ветерниците имаат животен век до триесет години, современите инженери се потрудија тие да продолжат да живеат дури и кога ќе се расклопат - во форма на мост.

Луѓето посегнуваат кон апциклирањето во кризни времиња - а во моментов сме во криза на повеќе фронтови

Навидум интуитивно, кон поголема одржливост и штедење претежно прибегнуваме во кризни времиња кога оскудуваме во сè.

На пример, додека беснееше Втората светска војна, во 1943-та година во Велика Британија започна кампања со слоганот Make Do & Mend. Таа ги поттикнуваше жените на поправка и пронаоѓање креативни начини за повторна употреба на облеката.

Денес кога нашата планета се соочува со огромно загадување и климатски промени (а ни војните не ги оставивме во минатото), зачувувањето на ресурсите не е помалку важно. Апциклирањето е само еден од начините на кој можеме да придонесеме во оваа глобална мисија - истовремено јакнејќи го сопственото креативно размислување и намалувајќи ги трошоците.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Penny Hardy

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото