Јас во мое време учев дека воздухот нема својства, нема мирис, нема вкус, нема боја… Фактот дека во нашата пракса воздухот буквално може да се види, да се опипа, да се вкуси, да се помириса… говори дека има нешто страшно погрешно во нашиот образовен систем. Или во воздухот? Или во нас самите?
Просто е неверојатно со каков душевен мир (не) се справуваме со тивкиот убиец – нечистиот воздух. (Проценка е дека на годишно ниво, меѓу 17 и 19 проценти од вкупната смртност во Македонија е резултат токму на загадениот воздух).
Во времето на короната, популарен беше еден термин, „имунитет на стадото“. Мислам дека овој термин многу повеќе прилега на нашиот однос кон смогот и кон воздухот што го дишеме. Како да сме имуни на него. И како да сме навистина стадо.
Со сигурност знаеме дека хомосапиенсот потекнува директно од македонскиот бел стаорец-итроман што пред 65 милиони години, кога умирале џиновските рептили, решил пар децении да престојува во своите подземни простории, во безбеден земјен меур. Кај македонскиот сапиенс тој меур со тек на времето еволуирал во ментален, во една сосем специјална дарба за неразбирање која обично ја нарекуваме глупост.