Разговараме со... Димитар Кондовски

04.04.2024 09:20
Разговараме со... Димитар Кондовски

Со ликовниот уметник Димитар Кондовски разговаравме во неговото атеље. Оние, што редовно го следат ликовниот живот во Македонија, веројатно знаат дека Кондовски е сликарот кој само за една година доби три големи ликовни награди.

Во 1963 година Димитар Кондовски ја освои откупната награда на Александриското биенале, а потоа стана добитник на Октомвриската награда на Македонија и наградата на Белградското триенале. Меѓутоа, овој наш истакнат ликовен творец вие го познавате по многубројните илустрации на книгите за деца.

— Кога почнавте да цртате? — го прашавме Кондовски.

— Почнав да цртам од оној момент кога почнав свесно да размислувам. А цртав како и секое дете — ни подобро ни полошо.

— Што ве натера да бидете сликар?

— Ми се чини дека за тоа најмногу придонесе мојот татко, кој беше сликар-аматер. Уште од првите години на моето детство го почувствував мирисот на боите, кои потоа станаа моето секојдневие.

Димитар Кондовски често се присетува на деновите кога потајно влегувал во собата на неговиот татко и ги земал маслените бои за да си поигра. Но, се случувало, и тоа многу често, да биде откриен и фатен во моментот кога со четката и боите шарал по ѕидовите.


— За да се спаси татко ми од мојата лоша игра со маслените бои, беше принуден многу рано да ми купи акварелни бои. Всушност, тоа беше и мојот ликовен почеток — раскажува Кондовски.

— Кажете ни некои ликовни спомени од училишната клупа?

— Додека бев во осумгодишното училиште, меѓу децата важев за вистински сликар. Во тоа, по се’ изгледа, веруваа и моите учители, па затоа почесто ме тераа да ги правам ѕидните весници и да ги уредувам училишните изложби.

— Што ќе им порачате на читателите на „Наш свет“?

— Оние што ја сакаат ликовната уметност, да не се задоволуваат само со сакањето. Нека цртаат, онака како што знаат и умеат, а успехот ќе дојде порано или подоцна. Би им порачал и почести средби во изложбените простори.
Објавено во Наш свет, број 263 од 8 јануари 1969 година


Извор и скенирање: Златко Ангелески

Илустрации на Кондовски на Окно