1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
На 7 април (недела), во 12 часот, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоција на автобиографската книга на д-р Џемиле Берат насловена „Мојот сон”.
„Автобиографијата на д-р Џемиле Берат е важен придонес во нашата книжевност од повеќе причини. Најпрво, станува збор за дело напишано со едноставен, разбирлив јазик што лесно се чита и не ги остава читателите спокојни до самиот крај, предизвикувајќи кај нив ерупција од чувства. Книгата е автобиографија на првата Ромка од Македонија која заврши Медицински факултет и сиот свој работен век го помина дарувајќи здравје на луѓето со нагласена хуманост и грижлвост, подеднакво кон сите пациенти без разлика на полот, расата и социјалната положба, и тоа во услови и ситуации кога нејзиниот живот бил во опасност – загрозен од воени дејствија, како и од пандемијата, што однесоа многу животи. Оттука, ова дело е пример за посветеноста на поединецот во општеството за заедничко добро – врвен хуман принцип.
Меѓутоа, автобиграфијата на Џемиле Берат е и уверлив и сугестивен показ и доказ дека со верба, љубов, надеж, посветеност и работливост може да се стаса до „ѕвездите”. Тој пат вообичаено е трнлив, исполнет со премрежја, разочарувања од суровата општествената стварност која е оптоварена со предрасуди од најразличен вид. Така е и во случајот со д-р Џемиле Берат, која својот животен пат во автобиографијата го изнесува длабоко искрено, уверливо, автентично и, пред сè емотивно, сакајќи да ги охрабри младите – пред сè младите Роми – дека и покрај сите реални тешкотии може да се стаса на „врвот“. Ad astra per aspera – „Преку трње до ѕвезди” вели латинската крилатица што е мото што може да се извлече по читањето на автобиографијата на д-р Берат”, пишува Гоце Ристовски за книгата на Џемиле Берат.
„Јас, Џемиле Берат, сум родена на 13 јуни 1957 година во Крива Паланка, во сиромашно ромско семејство со шест деца. Татко ми беше работник, а мајка ми домаќинка. Основно и средно образование (гимназија) завршив во родниот град со одличен успех како една од најдобрите ученици во генерацијата. Во 1976 година се запишав на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и бев првата ромка и жена запишана на факултетот во Република Македонија, а и пошироко во тогашните југословенски простори. Моите најблиски со скепса, недоверба гледаа на мојата одлука; професорите од факултетот беа изненадени, но и воодушевени и ме поддржуваа за време на целите студии. Во остварувањето на својата желба да бидам докторка, особен удел има мојот брат Себо кој за цело време ме подржуваше, како морално, така и финансиски, како и стипендијата Титов Фонд која ја добиваа добри и редовни студенти. Дипломирав на Медицинскиот Факултет во 1982 година во редовен рок и со добар просек. Како стипендист веднаш бев запослена во Здравствениот Дом во Крива Паланка. После стапувањето во брак поради потребите на мажот ми кој беше воен доктор, се преселивме во Бјеловар, Република Хрватска, каде што работевме во Воената амбуланта. Во 1991 година, кога се распадна СФРЈ, како раселени лица се вративме во Македонија и почнав да работам во Воената болница. Заради потребите во болницата, во 1993 година почнав специјализација по психијатрија на Клиниката за психијатрија која ја завршив во 1997 година. Од тогаш, па сè до моето пензионирање пред три години, работев во Воената болница како специјалист-психијатар. Работата си ја сакав и работев со голема љубов, професионалнст, одговорност и преданост. На работното место ја почувствував стигматизацијата и како жена, но и како ромка. Пишувањето на оваа автобиографска книга ја чувствував како должност зашто сакав да биде мотивирачка за сиромашните, интелигентни млади луѓе, особено за мојата ромска нација, дека желбата, трудот и упорноста секогаш победуваат во остварувањето на својот сон како што ми помогнаа и мене. Го остварив својот сон, станав докторка и тоа прва докторка Ромка”.
Авторка на сликата на корицата е Елизабета Костова
Издавањето на книгата „Мојот сон” е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија.