Како ги бираме партнерите

25.02.2011 09:36
Како ги бираме партнерите

Иако вистинската љубов е збир од карактеристики, околности, вистинскиот миг и уште многу други фактори, антрополозите открија зошто некои врски успеваат, а некои – не.

Клучот е во биолошкиот темперамент и нивото на хормони, смета антропологот Хелен Фишер, која спровела истражување врз 30 000 луѓе во текот на 30 години. Таа вели дека е битен соодносот меѓу хормоните и хемикалиите кои ги произведува мозокот, а кои нè делат на четири основни групи. Па така, со оглед на нивото на допамин, серотонин, естроген и тестостерон, постојат истражувачи, градители, управувачи и преговарачи.

Ако во организмот преовладува поголемо количество допамин, вие спаѓате во луѓето кои постојано ќе бараат нешто ново и возбудливо. Според Фишер, овие луѓе спаѓаат во истражувачите. Кај лицата чиј мозок произведува повеќе серотонин преовладуваат особини како лојалност и смиреност. Овие лица ги почитуваат правилата и редот, а исто така имаат и развиени социјални вештини, па затоа Фишер ги нарекува градители. Луѓето со зголемено ниво на тестостерон спаѓаат во групата управувачи. Тие се директни, одлучни и добри при стратешките промислувања. Лицата со зголемено ниво на естроген имаат преговарачки способности, емпатични се и имаат развиена фантазија, како и добри вербални и социјални вештини. Тие спаѓаат во групата преговарачи.

Според истражувањата на Фишер, сите луѓе се мешавина од два типа карактеристики, но еден секогаш преовладува и влијае на нашето однесување, па така и на бирањето на партнерот.

Еве некои карактеристики:

ИСТРАЖУВАЧИ

Сакаат непредвидливи ситуации. Здодевно им е кога се повторуваат одредени активности. Имаат широки интереси. Пооптимистични се од повеќето луѓе. Креативни се. Секогаш ги интересираат нови нешта. Преземаат ризици.

Добри страни

Истражувачите се флексибилни и дарежливи кога станува збор за парите, времето и идеите. Не се плашат од преземање ризици за да искусат нови авантури.

Лоши особини

Нивната желба за авантури често не може да ги држи на едно место, знаат да бидат импулсивни и се посклони кон разводи од останатите.

ГРАДИТЕЛИ

Сакаат цврсти правила. Почитуваат авторитет. Ги испитуваат сите опции пред да донесат одлука. Сакаат да планираат однапред. Внимателни се. Ја почитуваат традицијата.

Добри страни

Лојални се и одговорни, и имаат одредени морални начела.

Лоши особини

Сметаат дека го знаат вистинскиот начин како да ги решаваат работите и знаат да бидат доста тврдоглави.

УПРАВУВАЧИ

Уживаат во компетитивните разговори. Аналитични се и логични. Проблемите ги решаваат без вклучување на емоциите. Немаат проблеми во донесувањето одлуки.

Добри страни

Решителни се и независни. Кај партнерот бараат ум и интелигенција.

Лоши особини

Не се најдруштвени, а знаат да бидат и емоционално доста затворени. Понекогаш знаат да бидат безобѕирни.

ПРЕГОВАРАЧИ

Сакаат да знаат како им се чувствуваат пријателите. Имаат бујна фантазија и се сочувствителни. Сè доживуваат силно. Многу лесно можат да го сменат мислењето. Го следат своето срце кога треба да се донесе некоја одлука.

Добри страни

Интуитивни се и ги сакаат луѓето, а и сакаат да бидат сакани. Тие се дипломати и претпазливи.

Лоши особини

Склони се кон депресија.

Ова се и најчестите комбинации меѓу групите:

Истражувачите главно бираат истражувачи за животни партнери, а најмалку се склони кон лицата со управувачки способности.

Градителите најмалку се склони кон преговарачите, а најслични им се другите градители и обично бираат луѓе со слични особини.

Управувачите најмногу бираат преговарачи, а со преговарачите е обратно – тие најмногу ги бираат управувачите за свои партнери.

Женските преговарачи, пак, најчесто ќе се решат за личност која сака предизвици и која спаѓа во истражувачите.

Статистички гледано, најмали изгледи за долга врска имаат истражувачите кои се во врска со друг истражувач. Најсигурна комбинација е градител со градител, и тоа обично се браковите кои траат и над 50 години.

Извор: t-portal

ОкоБоли главаВицФото