„Иван Вазов” - европска театарска драгоценост

09.04.2024 11:18
„Иван Вазов” - европска театарска драгоценост

Василена Винченцо како Ариел (во преден план) во „Бура” на Вилијам Шекспир, во режија на Роберт Вилсон.
Фото: Гергана Дамјанова.

(Кон театарскиот „шоукејс” на Народниот театар „Иван Вазов” од Софија, Бугарија).

Со своето постење од цели дванаесет децении, Народниот театар „Иван Вазов” од Софија обележува една совршено голема траекторија на театарско живеење во Европа. Оформен во далечната 1904, на самиот почеток од минатиот век, овој театар одбележува огромна театарска вистина во време кога две гломазни војни го потресуваа светот и кога политичките и општествени турбуленции не ја оставија рамнодушна ни Бугарија. На својата 120-годишнина театарот „Иван Вазов” го создаде и својот прв шоукејс со одличен избор од својот репертоар: „Бура” на Вилијам Шекспир во режија на Роберт Вилсон, „Нора” од Хенрик Ибзен во режија на Тимофеј Кулјабин, „Моби Дик” по текст на Александар Секулов во режија на Дијана Добрева, „Хаг” од Саша Денисова во режија на Галин Стоев и „Орфеј” во драматуршка обработка на Матиц Старина и во режија на Јернеј Лоренци.

Овој избор зборува за една темелна посветеност на овој театар на актуелниот театарски момент во светот со тоа што во неговиот репертоар се наоѓаат и големи театарски имиња како Роберт Вилсон и Тимофеј Кулјабин, големите театарски режисери на регионот како што е Јернеј Лоренци, но и најголемите бугарски театарски уметници како што се Дијана Добрева, Александар Секулов и Галин Стоев и секако модерните театарски драмски изрази преку драмскиот текст на Саша Денисова. Оваа заокруженост на шоукејсот ни наметнува помисла дека во овој театар се случува голем уметнички блесок чија есенцијалност плени и возбудува.

„Нора” од Хенрик Ибзен, во режија на Тимофеј Кулјабин
Фото: Стефан Н.Штерев

Изборот на првиот шоукејс на „Иван Вазов” ни донесува сосема различни начини на мислење, режисерски ракописи чија специфика е исклучително интересна, пораки кои остануваат во цивилизациската меморија, но и една огромна посветеност на актерите и актерките, столбови на целата институција.

Артизмот на овие претстави е на ниво кое не само што донесува силни впечатоци, но ни отвора и промисли за тоа каде е театарскиот миг кога е во прашање општествениот и социјален опстанок на човековата цивилизација. Имено, модерното толкување на разочараните и обесправените, но и обесхрабрени владетели во режијата на Вилсон ни ја отвораат дилемата што со години и децении се провлекува, а тоа е: дали правдољубивоста донесува прогрес. Неговата препознатлива гротеска се пресликува во трагичните реконструирања на светскиот поредок кој Шекспир мошне убаво ги опишал во својот драмски текст, а Вилсон со деталиризарата рециклажа на истиот тој текст ни покажува дека владетелот мора да биде разочаран за поданикот да биде среќен.

Во овој избор импресионира чудното, но мошне иновативно видување на режисерот Кулјабин на класичниот текст на Хенрик Ибзен кој е буквално фрлен во водите на модерната комуникациска технологија врамувајќи ја „Нора” во кратките и остри пораки на социјалните мрежи. Одржувајќи ја напнатоста на Ибзеновата драматика до последниот миг, Кулјабин ни покажува дека модерните социјални болести инклинираат и во овој век исто како и два века порано, но со поголема болка и трагедија која се провлекува во една несмирена, но совршено присутна форма.

„Моби Дик” според драмскиот текст на Александар Секулов, во режија на Дијана Добрева.
Фото: Александар Богдан Томпсон

Кога сме веќе кај класичните модели, Дијана Добрева нѐ одведе во театарска интерпретација на „Моби Дик” на Херман Мелвил, но преку одличниот оригинален драмски текст на Александар Секулов и создаде претстава која се одвива низ една блага филмска поетика, но со една визуелна велелепност од која застанува здивот. Оваа интерпретација на „Моби Дик” и покрај својата спектакуларност, со себе носи една многу важна порака испратена низ театарскиот инструментариум, а тоа е дека вечноста ја создаваме со своите дела, а не со своите небулози.

Секако, „Хаг” на Саша Денисова нѐ потсети на тоа дека декадентната војна во дваесет и првиот век може да донесе само поголемо страдање и дека во ова време нејзината бесмисленост е поголема отколку пред осумдестина години кога технологијата била посиромашна од денес. Галин Стоев со целата своја суптилност нѐ одведе во едно фарсично толкување на текстот на Денисова и нѐ воведе во интерпретација која во својата подлога е застрашувачка и предупредувачка.


„Хаг” на Саша Денисова и Галин Стоев
Фото: Борјана Пандова

Конечно, како дијаметрално различен театарски дискурс ќе го спомене „Орфеј” на Јернеј Лоренци кој Матиц Старина го деконструира и повторно го рекомпонира со висока доза на постдраматика која низ наративните салви на актерите делува моќно и доста доминантно. Митот за Орфеј и Евридика зборува за една пожртвувана љубов која во режисерското видување на Лоренци е растурена под налетот на хипокризијата на дваесет и првиот век како пепел низ морето.

Секако, првиот шоукејс на театарот „Иван Вазов” ни претстави плејада на одлични актерски остварувања како што е Орфеј на Дејан Донков, Просперо на Веселин Мезеклиев, Ахав на Христо Петков, Ишмаил на Владимир Пенев, Нора на Радина Крџалова, Крогстад на Дарин Ангелов и други одлични актерски остварувања вредни за секоја почит.

Театарот кој има три сцени и работи со полна пареа играјќи огромен број претстави секоја година, оваа година иницира и алијанса на национални театри од регионот кои на својата прва средба отворија многу интересни иницијативи, а неговиот репертоар во иднина ќе ја импресионира публиката и со уште многу интересни начини на мислење следејќи го светскиот театарски моментум. Наречен НТ – Мини, овој шоукејс говори токму обратно, за големината на театарот кој во една театарска сезона одигрува околу 600 репризи, десет премиери со различни режисерски видувања и пристапи, а своите врати ги отвора за 150 000 гледачи.

Големиот театарски деец Питер Брук во еден миг ќе рече: „Ништо во театарот нема никакво значење пред или потоа. Значењето е сега. ” А „Иван Вазов” е токму тоа – театар на актуелниот миг.

Дејан Донков како Орфеј во „Орфеј”, според драмскиот текст на Матиц Старина, во режија на Јернеј Лоренци.
Фото: Стефан Н.Штерев