1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 12:59
Интернет-порталот „Окно“ бележи 15 години опстојување во медиумскиот простор. Која беше првичната идеја за основање на порталот?
Во првите денови, во март 2009, ги објавивме целите кон кои се стремиме: Окно е создавач на нови, веродостојни, креативни и квалитетни медиумски содржини. Окно е собиралиште на новите критички и креативни генерации пред сè од сферата на културата и активизмот. Ги покриваме темите и областите кои се важни за јавниот живот, а се слабо застапени во „меинстрим“ медиумите: јавни простори, книжевност, уметност, наука, теорија, историја, активизам, квир, Европа, регион, свет...
Исклучително важно ни е културното значење на Окно, особено зашто не постојат сериозни и влијателни медиуми за култура во нашата опустошена и брутализирана земја. Окно е важно и за самиот медиумски сектор, како знак дека можат да се прават и поинакви медиуми, непрофитни и несензационалистички. Окно е важно и во општествено‒политичко смисла, како добар пример дека некои работи можат да се прават поинаку, и пак да бидат влијателни и одржливи.
Кои се суштинските карактеристики што „Окно“ настојува да ги задржи од основањето до денес?
Суштината на нашата уредувачка политика е: отвореност кон полето на културата, кон невладиниот сектор и кон општествениот активизам, промовирање, афирмирање и продукција на културни и уметнички содржини, отвореност кон регионот и светот, критичност спрема власта, борба против тесноградоста, паланката, поданичката свест...
Окно настана како дел од новите медиуми кои поинтензивно почнаа да се појавуваат пред дваесетина години, со експанзијата на интернетот. Јас тоа го видов како добра прилика да придонесам за демократизација и еманципација на македонскиот во секоја смисла ограничен медиумски простор, но и да ја преиспитам дотогашната своја работа во јавната сфера. Возбудливо беше да се работи како екипа, заеднички да се создава нешто важно. Се разбира, важно беше и уживањето во откривањето нови изразни средства и концепти. Новите медиуми беа фасцинантни заради нивната хибридна природа: интернетот понуди и радио и телевизија и печат на едно место. Така го замислувавме Окно на почетоците. Тоа беше шанса да се поработи и на подолгорочно создавање публика која ќе има повисоки информативни, културни и демократски стандарди.
Дали денешната публика, не само кај нас, навистина има повисоки информативни, културни и демократски стандарди?! Тешко прашање кое ја допира и смислата на она што го работите и живеете, не само во медиумската сфера.
Од друга страна, важно е да се нагласи, мојата позиција сепак, во ова општество, е критичка и маргинална, во смисла дека никогаш не ме интересирало да ги менувам убедувањата на мнозинството, па дури не ни на владеачката елита, академска, политичка, економска. Никогаш не сум бил амбициозен во квантитативна смисла, особено не во поглед на пари, инфраструктура, досег... Ме водеше, ме води, согледувањето на Жак Дерида: „Мора да постои, според Фројд, табу на вистината, врз чиишто маргини би требало да може да се пишува.“
Во интернет-просторот веќе има многу портали; малку од нив имаат културолошка позадина. Какви се предизвиците материјално да се одржи портал чија содржина е базирана на повеќе аспекти од областа на културата?
Претпоставувате, финансиските предизвици се големи, често нерешливи и предизвикуваат фрустрации. Најголем дел од парите, исклучиво за скромни хонорари, во првите осум години доаѓаа од Фондацијата Отворено Општество Македонија. Последниве пет години добиваме скромни грантови (од сто до двесте илјади денари годишно) од Министерството за култура на РС Македонија. Порталот од самиот почеток опстојува со малку пари и со многу рационално економизирање. Канцеларии никогаш немавме (освен првите година‒две, благодарение на здружението Контрапункт). Во добрите години трошевме околу 1000 евра месечно, за хонорари на пет‒шест луѓе. Во лошите години се снаоѓаме, со помош на трикови и магија :)
Критичкиот дискурс, отвореноста кон активизмот и невладиниот сектор, поддршката на уметниците и промоцијата на нивните дела од сите уметнички жанрови се одлика на содржините на „Окно“. Каква мисија има „Окно“ во нашиот општествен амбиент?
Самиот се трудам да се ослободам од мистиката на идентитетот, од илузиите за нужноста на историското течение и од верувањето во неизбежноста на лошата власт. Се раководам, како главен уредник на Окно, со трите активни принципи на францускиот филозоф Етјен Балибар, принципи со кои се устројува граѓанскоста, односно демократската политика: тоа се еманципацијата, или колективното освојување на основните индивидуални права; општествената преобразба на структурите на доминацијата и односите на моќта; и најпосле, цивилноста, или произведувањето на услови и претпоставки, „теренски“ и „теориски“, за едно поинакво политичко дејствување воопшто да биде можно.
Колку соработници како автори биле дел од содржините на „Окно“ во овие 15 години, а во кои услови работи редакцијата денес?
Низ редакцијата на Окно досега поминале триесетина луѓе. Автор(к)и и соработници - неколку стотици. Заедно со странските автори и уметници, на Окно сме прикажале, низ збор, слика, музика, над 1000 луѓе.
Да бидам посликовит, во ниеден македонски медиум од 1945 навака не се појавиле толку многу уметнички дела и толку многу уметници, од разни гранки и сфери – колку што се појавиле во Окно.
Во секоја од најважните рубрики на Окно има по неколку илјади прилози: Уметност, Книжевност, Јавни простори, Општество, Култура, Фотографија, Виц, Боли глава, Секој ден песна итн. Само насловни страници има повеќе од 3000. Насловните, инаку, ни ги прави графичкото студио Кома, од самиот почеток. Студиото го води, брат ми, Небојша Гелевски, кој ми пружа голема помош над 30 години.
Да се вратам на содржините на Окно, со индикативен пример: објавивме повеќе од 5000 песни! Тоа се 100 стихозбирки, т.е. сто антологии на најразлични теми: љубовни, ангажирани, песни за деца, поетски хумор... Голем дел од песните се преводи направени од десетици наши преведувач(к)и од сите генерации. Имаме и многу преводи од теоријата и науката. Тоа се значајни фондови и архиви.
Во рубриката е-библиотека исто така имаме неколку стотици книги. Објавуваме и многу прилози на теми со кои речиси никој не се занимава, а кои ги сметаме за особено важни: феминизам, квир, попреченост, теорија, психоанализа итн.
Надминавме многу овдешни медиумски преовладувачки рамки. И, се разбира, воспоставивме нови, кои ќе бидат мерка и стандард за некои следни генерации, да се надеваме подобри од нас („во мерата што ја одредила љубовта“, како што вели Конески).
Што ви дава мотив и волја да опстоите и во услови кои не се наклонети за работа во областа на културата?
Во ваква морничава средина волја за борба ми даваат натпреварувачиот дух и инаетот. Придружени, се разбира, со витешки дух и одредено џентлменство. Го знаете она славното, веројатно на Џејмс Џојс: Џентлмен е оној што секогаш се бори за однапред изгубени работи.
Всушност, повеќе се чувствувам како изрод отколку џентлмен оти овде е тешко да се бориш за еманципаторски политики а да не бидеш „изрод“. Агнеш Хелер велеше: „Демократската нација настанува во дисконтинуитет со својата сопствена историја“. Дотолку, да се биде (не „органски наследник“ туку) „органски интелектуалец“ денес во Македонија значи, на некој начин, да се биде незаконско дете на една суштински поданичка традиција. Значи да се биде изрод. Всушност, родното место на европскиот интелектуалец токму е јавната употреба на умот која се случува низ бескомпромисна општествена критика: борбата против повредите на човечките права, борбата за јавните интереси и потиснатите вистини, разоткривањето на скриените механизми на моќта - сето тоа се клучните места на раѓањето на европската идеја за слобода и демократија.
Токму кога настануваше Окно напишав ода за изродот (кој може да се сфати и како Голгаз Таламбас, за кого исто имам долга песна). „Изродот“ го карактеризира, значи, критички рефлексивната дистанца во однос на сопствениот идентитет, во однос на културното наследство и општествените институции. „Изродот“ верува дека државата и народот не се некакви трансцендентални и метафизички форми туку дека произлегуваат од меѓусебното договарање меѓу луѓето и дека се менливи. Општеството не е отелотворување на некаков метафизички поредок во кој луѓето дејствуваат само во строго зададени и засекогаш присутни рамки, ниту општеството се конституира врз метафизички темели. „Изродот“ верува во постојаното создавање на единство и толеранција врз нови принципи: старото општествено единство исчезнува, а на негово место треба да дојде ново. А еден од најважните фактори што ќе го воспостави тоа ново општествено единство токму е јавната сфера. Затоа, во најголема мера, постојат Маргина, Окно и книгите на Темплум.
Во современата култура „изродот“ добива нови подрачја на дејствување: отворен е кон феномените на масовната култура; постојано ја доведува во прашање сопствената елитна позиција; принципиелно ја поттикнува културата на разлики; се чувствува одговорен за демократскиот развој на општеството во целина...
Годинава ќе биде одбележан уште еден јубилеј – 30 години списание за култура „Маргина“. Во кој формат излегува списанието и какви се плановите во однос на јубилејот? Која е заедничката точка на порталот „Окно“, списанието „Маргина“ и книжевниот фестивал „Друга приказна“?
Последниве десетина години Маргина излегува еднаш годишно на околу двесте страници. Досега се излезени 95 броеви во 70 книги. Маргина ја поврзав со нашиот книжевен фестивал „Друга приказна“ кој следната година одбележува десет години. Во Маргина ги објавуваме темите и авторите присутни на фестивалот. Се трудам да ги поврзувам, во интересни геометриски фигури и преплети, работите што ме возбудуваат и што ми се важни: Темплум, продукцијата на книги, учеството во јавната сфера, најмногу преку Окно, списанието како општествено-уметнички артефакт, што е Маргина, регионалните поврзувања, и поврзувањата воопшто, локални и глобални, преку фестивалот Друга приказна...
Целиот досегашен живот го помина со пишување, издаваштво, публицистика во областа на културата. Што доби за возврат, има ли задоволство во таквата работа и колку сметаш дека тоа е „паметна“ одлука?
Ќе ви одговорам парафразирајќи две песни од Блаже Конески:
Петнаесет години Окно.
И што е сторено?
Петнаесет скршени врчки.
Детето во нас затворено во кафез од брчки.
Тие сметаат дека е моја должност да останам млад заради нив. Но смрзнат е мојот крвоток како потоците на Гренланд што не се распознаваат. Сомнителна е и самата моја исклучителност. На строгите закони подлежам што нè унижуваат. Но нивната порака е цврста и очајна: Не изневеруј ги нашите последни надежи! Остани млад.
Ќе останам млад, ветувам :) Но не ветувам дека Окно и Маргина ќе останат живи. Можеби треба да умрат, ко сè што умира. Можеби ќе ми се отвори нов простор за живот, со нивната смрт?! Нејсе. Сите наши иднини, поединечни и колективни, се екстремно несигурни. Живееме во морничава доба-природа (време-простор) во која, меѓу другото, и преку Окно и Маргина, јас се обидувам да се ориентирам, артикулирам, сфатам. И себеси и заедницата.
Ја користам можноста и вашата добра волја за отстапениот простор, Тони, да им се заблагодарам на сите луѓе кои низ деценииве ги создаваа Окно и Маргина , уредници, соработници и луѓе кои ни ги праќаа своите прилози, најчесто бесплатно. Им благодарам искрено и сесрдно и на сите читатели и поддржувачи.
(Разговорот го водеше Тони Димков.)
Фотографии: Небојша Гелевски, на фестивалот Друга приказна 2023
Првично објавено во Слободен печат на 23.03.24.