Секој ден песна - мала антологија на светската современа поезија

17.04.2024 11:07
Секој ден песна - мала антологија на светската современа поезија

„Книгава е веројатно првата антологија на светската современа поезија на македонски. Една од причините за овој труд е и порталот Окно кој годинава слави 15-годишнина. Поезијата на Окно е интензивно и обемно застапена од првите денови; објавени се неколку илјади песни (само во рубриката „Секој ден песна“ досега се објавени околу 2300 песни).

Од тој огромен фонд избрав 100 песни, од 50 поетеси и 50 поети. Изборот е мошне личен, ги избрав песните кои во прв ред ми се допаѓаат. Во втор и трет ред ги избирав и според темите, географијата, возраста на автор(к)ите, читливоста, итн. Антологијава е современа иако најстарите застапени автор(к)и се родени пред 110 години. Сеедно, сметав дека се современи, од разни причини; една од нив е воспоставувањето континуитет меѓу мртвите и живите писател(к)и. Најстарата застапена авторка е родена 1914, а најмладата 1990, така што книгава, правејќи круг, фаќа распон од околу 76 години, еден просечен човечки живот.“

Н. Гелевски, од предговорот


Ален Боске

Поезија без дефиниција

Поезија, тој чир што се шири низ грлото.

Поезија, тој орел што ти го чисти черепот.

Поезија, таа коцкарска игра во која го губиш разумот.

Поезија, таа задача како да се ослободиш од реалноста.

Поезија, тој молк во кој заемно се убиваат мртвите.

Поезија, тој цвет-месојадец со дречливи бои.

Поезија, таа сестра што ти спие под кожата.

Поезија, тие неправди нанесени на најблагите нешта.

Поезија, таа мешаница од длабочините на нежноста.

Поезија, твоето одбивање на видливото кралство.

Поезија, тој отров што ти го внесува сомневањето.

Поезија, таа градина полна со луди дрвја.

Поезија, твојата лекција што те учи на неучење.

Поезија, твоето враќање во родниот океан.

Поезија, твојата среќа да бидеш некој што е различен од тебе.

Превод: Влада Урошевиќ

 

Вера Павлова

(Ќе ти пишувам писма...)

Ќе ти пишувам писма

во кои нема да има

разубавувања, поигрувања, пренемагања,

ласкања, невистини, извештачености,

жалби, дрскости, бес,

продавање памет и лакрдијашење...

Ќе ти пишувам писма

во кои нема да има зборови.

Превод: П. Вулкански

 

Јехуда Амихај

Штета. Бевме толку добар изум.

Бедрата ти ги ампутираа

од колковите мои.

 

Што се однесува до мене, сите

тие се хирурзи. Сите тие.

 

Нè размонтираа

еден од друг.

Што се однесува до мене, сите

тие се инженери. Сите тие.

 

Штета. Бевме толку добар

и толку симпатичен изум:

Воздухоплов од човек и жена.

Со крилја и сè што треба.

Лебдевме малку над земјата.

Дури малкуцка и летавме.

Превод: П. Вулкански

 

Радмила Лазиќ

Жабец

Сплескан и расчепен.

Зелен.

Со штикла во срцето

лежиш на плочникот

каде што те оставив

некој час порано, палав

и спремен за приказна:

„Мила... итн.“

 

Доста беше

крекање и брчкање

во барата на метафорите.

 

Сега малку лежи мртов.

Превод: П. Вулкански

 

Вислава Шимборска

Женски портрет

Мора да биде по избор.

Да се менува, но ништо да не се промени.

Тоа е лесно, неможно, тешко, заслужува обид.

Очи има, ако треба, еднаш сини, еднаш сиви,

црни, весели, безразложно полни со солзи.

Спие со него, како прва на која налетува, единствена на светот.

Му раѓа четири деца, ниедно, едно дете.

Наивна, но дава најдобар совет.

Слаба, но издржлива.

Нема глава на вратот, но ќе има.

Чита Јасперс и женски списанија.

Не знае чуму служи таа завртка, но ќе изгради мост.

Млада, обично млада, сè уште млада.

Во рацете држи врапче со скршено крило,

своите пари за далечните и долги патувања,

сатарот за месо, облогот и чашката ракија.

Каде трча така, зар не е уморна?

Ама не е, само малку, многу, ништо не пречи.

Или го сака, или е непокорна.

За добро, за зло и за милост божја.

Превод: П. Вулкански

 

Оља Савичевиќ Иванчевиќ

Не читаш жени

Велиш, не читаш жени

Што тие би можеле да ти речат

Те научиле да зборуваш

Те научиле да одиш

Те научиле да јадеш

Те научиле да мочаш

Те научиле да водиш љубов

Стварно што тие

Би можеле да знаат за тебе

И за твоето искуство

Сите тие векови не создале

Една која би била голема

Како големиот писател

Кому му ги перела чорапите

Велиш, не читаш жени

Жените те учеле да читаш

Те учеле да пишуваш

Те учеле да живееш

Стварно, момче

Беше тоа

Во најдобар случај

Залудна работа

Превод: П. Вулкански

 

Георги Господинов

Кучето на Габриела

Татко му е српска овчарка

мајка му – албанска загарка

Едниот дедо – бугарска каракачанка

Другиот по мајчина линија доаѓа од Солун

Балкански мелез – се смее Габриела

(таа е Австријка со мајка Унгарка)

Не се плаши од истрели

добро е за лов

им ги лиже рацете на сите

не се лути кога му викаш

само понекогаш само понекогаш

(иако многу ретко)

се нафрлува и гризе гризе...

Превод: Никола Маџиров

 

Тадеуш Ружевич

Писмо до човекојадците

Драги човекојадци

Не гледајте го непријателски

Човекот

Кој прашува за слободно место

Во купе во воз

Разберете

Другите луѓе исто така имаат

Две нозе и задник

Драги човекојадци

Застанете малку

Не понижувајте ги послабите

Не чкрипете со забите

Разберете

Луѓе има многу

ќе ги има уште повеќе

значи раздвојте се малку

Повлечете се

Драги човекојадци

Не купувајте сè

Свеќи, врвки, шпагети

Не зборувајте со грбот свртени:

Јас мене мој мое

Мојот желудник мојата коса

Мојот отпечаток моите панталони

Мојата жена моите деца

Моето мислење

Драги човекојадци

Да не се јадеме едни со други

Може

Оти нема да воскреснеме

Навистина

Превод: П. Вулкански

 

Светлана Макарович

Зелен Ѓорѓи

Отворете пенџери, отворете порти!

В галоп јазди Зелен Ѓорѓи

во зелено поле, на зелен ат.

Да му дадеме што не видел:

жед да згасне од стомне со солзи

па да му извадиме очи сјајни

свиткан да оди ко што одиме сами.

 

Потем народ се збра в круг.

Секој гледаше еден крај друг

и машко дете со камење гаѓаа.

Под камење дете маж ми стана

и в незнајни краишта одјава.

И го немаше недоброј години.

Народот брзо на него заборави.

 

Затворете пенџери, затворете порти!

В галоп јазди Зелен Ѓорѓи

по сива калдрма на ат од коски.

Сјајна кама в раце носи.

Ни најтешко резе не му пркоси.

По куќи оди, ѕрцки траќа.

Што добил еднаш, стократно враќа.

Превод: Лидија Димковска

 

Шунтаро Таникава

Партали

Поезијата

дојде

пред зори

 

облечена

во гнасни зборови.

 

Немам ништо

да ѝ дадам.

Ми се нуди

 

нејзината гола снага

што се проѕира

низ крпите.

 

Уште еднаш

ѝ ги крпам

парталите.

Превод: Зоран Анчевски


Слики: Sigmar Polke

Извор за песните: „Секој ден песна“ (мала антологија на светската современа поезија); Темплум, едиција „Модерна Македонија“, 2024.