На оние кои легнале на брашно (пет песни)

19.04.2024 11:58
На оние кои легнале на брашно (пет песни)

Во третиот том на едицијата ОК.NO., посветен на фашизмот, штотуку излегоа петте нови наслови во џебен формат: Бертолт Брехт - На оние кои легнале на брашно; Вилхелм Рајх - Слушни, мал човеку; Енцо Траверсо - Баучите на фашизмот; Теодор Ф. Адорно - Ф-СКАЛА; Умберто Еко - Прафашизам.

Овде пренесуваме пет песни од Бертолт Брехт.


Сосед

Јас сум сосед. Јас го поткажав.

Не сакаме во куќата

Да имаме хушкачи.

 

Кога го закачивме знамето со кукаст крст,

Тој не го закачи.

Кога инсистиравме тоа да го направи,

Нè праша дали во собата

Во која живееме со четири деца

Имаме место и за копје за знаме.

Кога рековме дека одново веруваме во иднината,

Тој се смееше.

 

Не ни се допадна тоа што

Го претепаа на скали. Му ја скинаа работната облека.

Тоа не беше нужно. Баш толку работни облеки

Никој од нас нема.

 

Но сега, барем, замина, и во куќата владее мир.

Имаме баеги грижи во главата, па

Мора да владее макар мир.

 

Веќе забележавме, некои

Гледаат настрана кога се среќаваат со нас. Ама

Оние што го одведоа велат

Дека правилно сме постапиле.


Јас, преживеаниот

Знам, се разбира: само благодарение на среќата

Надживеав толку пријатели. Но ноќеска в сон

Ги слушнав тие пријатели како за мене велат

„Посилниот преживеа“,

Та се замразев себеси.

Песна на додворувачот

1.

Душата цела ми се возбудува,

Во мене сè се бунтува

Кога ќе видам некој човек

Од кого секој со право веднаш се трга.

Самиот себе нека се обвинува што веќе

Градот не го ни знае, ниту му оддава чест!

Зарем со него да се поздравувам било кога

Сега кога од власта е жигосан!

Не, тоа не ми е можно!

Не, тоа не ми е можно!

 

2.

Не е важно, ниту ми е грижа

Што стварно станало со него.

Горе го запишаа

Лошо – за мене со тоа отпишан е.

Секое друго чувство ми пречи.

За нив горе незгоден е, лош!

Зарем мене да ме видат со него да шетам?

Зарем да кажат: Овој со него уште зборува?

Не, тоа не ми е можно!

Не, тоа не ми е можно!

 

3.

Што се упропасти така!

Зошто не внимаваше на својот пат!

Лош глас брзо се стекнува, лесно,

И после горе си омрзнат.

Оној што го навредува мојот господар,

Оној што дрско му пркоси,

Зарем да речат него јас го бранам,

Зарем да речат јас сум комуњара?

Не, тоа не ми е можно!

Не, тоа не ми е можно!


Што кај тебе беше брдо

Што кај тебе беше брдо,

Го порамнија,

А твојот дол

Го посипаа,

Преку тебе води

Удобен пат.

На родените по нас

1.

Навистина, живеам во мрачно време!

Безопасниот збор е глупав. Безгрижното чело

знак е на неосетливост. Оној што се смее

само сè уште не ја примил

ужасната вест.

 

Какво е тоа време во кое

разговорот за стеблата е речиси злостор

зашто подразбира молчење за толку злодела!

Зарем оној што таму мирно минува улица

стварно не е дома за своите пријатели

коишто имаат тешкотии?

 

Вистина: уште заработувам за живот.

Но, верувајте ми: сосема случајно. Ништо

од сè што правам не ми дава право сит да си се најадам.

Случајно сум поштеден. (Ако ме напушти среќата,

ќе бидам изгубен.)

 

Ми велат: Јади и пиј! Биди среќен што имаш што!

Но како да јадам и пијам

кога изеденото го грабам од гладниот,

а чашата вода што ја испивам му фали на жедниот?

А сепак јадам и пијам.

 

Би сакал и да сум мудар.

Во староставните книги пишува што е мудро:

да не се мешаш во кавгата на светот и својот кус век

да го проживееш без страв.

Да се одржиш и без насилство,

на злото да враќаш со добро,

своите желби да не ги исполнуваш, туку да ги забораваш

‒ се смета како мудро.

Јас сето тоа не го можам:

навистина, живеам во мрачно време!

 

2.

Во градовите дојдов во време на нередите

кога во нив владееше гладта.

Меѓу луѓето дојдов во време на буните

и заедно со нив се бунев.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

 

Јадев помеѓу битките,

на починка легнував меѓу убијци.

Љубов водев немарно,

а природата ја гледав без трпение.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

 

Патиштата во мое време водеа во мочуришта.

Говорот ме издаваше пред џелатот.

Малку нешта можев. Но властодршците,

се надевав, побезбедно ќе си седеа да ме немаше.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

 

Силите беа слаби. Целта

лежеше мошне далеку.

Беше јасно видлива, иако за мене

речиси недостижна.

Така измина времето

што ми беше дадено на земјата.

 

3.

Вие што ќе изнурнете од потопот

во којшто ние потонавме,

спомнете си,

кога ќе зборувате за нашите слабости,

и на мрачново време

од кое вие избегавте.

 

Оти ние одевме, менувајќи ги земјите почесто од чевли,

низ војните на класите, очајни

кога само неправди, но не и буни имаше.

 

А знаеме и самите:

омразата, дури и спрема подлоста,

ги унаказува цртите на лицето.

Гневот, дури и оној поради неправда,

го прави гласот засипнат. Ах, ние

што сакавме да го подготвиме тлото за љубезност,

самите не можевме да бидеме љубезни.

 

Но вие, кога најпосле ќе дојде времето

човек на човека да му биде другар,

спомнете нè

со трпеливост.

Белешка за авторот

Бертолт Брехт е роден 1898 година во Аугсбург. Уште од првите антивоени песни објавени 1916 година се труди да ја „проучува реалноста“, да создава „дела со употребна вредност“ што имаат „сила на документи“. Продлабочување на општествената критика, поточно критиката на капиталистичките односи, ќе следи откако ќе го проучи Капиталот на Маркс. Со создавањето на „епскиот театар“ Брехт преку ноќ стекнува слава. Од тој младешки период најпозната драма му е Опера за три гроша, првпат изведена во 1928 година во Берлин.

Во 1930 година почнува неговото отворено спротивставување на националсоцијалистите. Во 1933 година мора да ја напушти Германија и тоа го прави еден ден по палењето на Рајхстагот. Во април 1933 година ќе се најде на познатата нацистичка „црна листа“, а во мај неговите книги ќе бидат јавно запалени. Брехт станува забранет писател во Германија, а во 1935 година му е одземено германското државјанство. Емигрантската одисеја го води во Чешка, Австрија, Швајцарија, Данска, Шведска, Финска.

Во периодот помеѓу 1941 и 1947 живее и работи во Холивуд, во САД. Но и во егзил Брехт постојано пишува. Во уметноста го интересира реалноста која е економски и политички одредена. Неговата уметност е практична, ангажирана. Неговите политички убедувања го одредиле и неговиот творечки развој. Своето спротивставување на нацизмот го платил со долгогодишен егзил, а лојалноста на социјалистичката идеологија го довела во ситуација во Источна Германија по Втората светска војна да биде инструментализиран во државен писател. Но, токму тврдата политичка реалност ја претворила социјалистичката утопија во држава на функционери и бирократија, од што Брехт уметнички сè повеќе се дистанцирал. Умрел ненадејно од инфаркт, 1953 година, во Берлин.

Повторното читање и рехабилитацијата на Брехт во Западна Германија се случува дури во шеесеттите и седумдесеттите години, откако претходно бил презрен како комунистички писател.

Денес се смета за еден од најважните писатели во 20 век.

Избор и превод: П. Вулкански

Слики: George Grosz

Извор за текстот: Бертолт Брехт - На оние кои легнале на брашно (едиција ОК.NO., книга 11; Темплум)

ОкоБоли главаВицФото