Психологијата заглавена помеѓу инвалидитетот и инвалидноста

19.04.2024 13:22
Психологијата заглавена помеѓу инвалидитетот и инвалидноста

Кога размислуваме за психологијата мислиме на науката која се занимава со проучување на психолошките појави и однесувањето на луѓето и животните. Сите луѓе и сите животни! Затоа, психологијата се занимава со сите луѓе, без разлика на: полот, родот, расата, возраста, сексуалната ориентација, припадноста, инвалидитетот, економскиот статус или кои било други детерминанти. Уште малку теорија: задачата на психологот е да ги зајакне, поддржува и помага оние на кои тоа им е потребно. Оваа поддршка може да придонесе луѓето да го зголемат своето учество во општествениот живот, да ги подобрат своите комуникациски вештини, да ги подобрат вештините за тимска работа, да се едуцираат себеси и да работат на превенција на нарушувања на менталното здравје и многу повеќе. Овие задачи треба да бидат исти за сите и применливи при работа со секого. Но, реалноста е малку поинаква. Од кога? Отсекогаш! Реалноста е практика која често не признава етика, човекови права и закони.

Историјата се повторува

Низ историјата, концептот на инвалидноста, како и самата психологија, претрпе многу промени во односот кон инвалидноста, пристапот и разбирањето. Тие треба да значат нешто добро, различно, нешто подобро. Но, ниту психологијата не остана имуна на моделите за пристап на инвалидноста. Кај лаиците (само кај лаиците?) сè уште постои длабоко вкоренет став дека психологијата треба да ги „лекува“ лицата со инвалидитет. Иако психологијата не лекува, иако лицата со инвалидитет не треба да се лекуваат, медицинскиот модел за пристапот кон инвалидноста опстојува во науката и се провлекува низ разните области на психологијата. Сè уште се во употреба стручни учебници и литература кои користат несоодветна терминологија, додека студиите по психологија сè уште го имаат предметот „Психологија на деца со посебни потреби“.

Ако уште еднаш ја погледнеме дефиницијата на психологијата и нејзината практична примена, нема да најдеме ниту една област каде психологијата не би го нашла своето место во пристапот и работата со лицата со посебни потреби. Зајакнувањето, поддршката и разбирањето претставуваат универзални потреби, својствени за сите луѓе, така што нема ништо толку специфично во зајакнувањето, поддршката и разбирањето на лицата со инвалидитет. Од друга страна, начините на кои може да се обезбеди психолошка помош и поддршка може да се разликуваат во зависност од видот на инвалидноста, но нивниот квалитет и неопходноста никако не смеат да се доведат во прашање.

Од медицински до социјален модел

Пристапот на медицинскиот модел ја третира инвалидноста како болест која треба да се лекува и третира, додека социјалниот модел ги нагласува социјалните бариери со кои треба да се занимава, а не само со оштетувањето. Понатау, тоа значи дека инвалидитетот и инвалидноста не се синоними во јазична смисла, туку претставуваат клучни разлики за разбирање на концептот на инвалидитетот и психолошкиот пристап на инвалидитетот. Додека инвалидноста наједноставно може да се опише како оштетување, инвалидитетот е она што го добиваме кога ќе ги согледаме инвалидноста и поширокиот социјален контекст. Формулата е едноставна: инвалидност плус животна средина = инвалидитет. Тогаш со што треба да се занимаваат психолозите? Со инвалидноста или инвалидитетот? Најверојатно и самите психолози си го поставуваат истото прашање. Но, одговорот може да биде многу едноставен. Со оглед на тоа што во случајов се поаѓа од средбата помеѓу лицата со инвалидитет и нивната околина, а целта на овој поим е да се нагласат бариерите во опкружувањето (на пр. во комуникацијата, информирањето, образованието), со што се оневозможува еднакво учество на лицата со инвалидитет. Од горенаведеното произлегува дека работата на психологот треба да ги опфаќа и ставовите на општеството. Многу од пречките со кои се соочуваат лицата со инвалидност произлегуваат од ставовите на општеството, а акцентот треба да се стави на едукацијата и менувањето на општеството, а не толку на развивањето психолошки третмани за лицата со инвалидност кои можат уште повеќе да ги дискриминираат и сегрегираат.

Од социјален модел до модел заснован на човековите права

Моделот заснован на човековите права треба да биде почетна точка на психолошката дејност со лицата со инвалидитет. Во овој контекст тоа значи давање услуги без разлика на личните карактеристики, подеднакво прифаќање на сите потреби, мислења и ставови. Фокусот е на поединецот и неговата автентичност, што не значи занемарување на општествените фактори, туку создавање еднакви можности за сите.

Јасно е дека психологијата напредуваше во својот опсег на функционирање, но и дека промените сè уште се случуваат на микро ниво. Психологијата како наука ја чека долг пат, но истото се однесува и на самите психолози кога станува збор за унапредување на пристапот на лицата со инвалидитет. Едукацијата е основна алатка за подобрување на услугите, но и вештина на експертите кои се занимаваат со проблематиката на инвалидноста. Најпосле, психолозите треба да се фокусираат на сличностите, а не на разликите, зашто во фокусот е човекот, со сето она со кое тој доаѓа пред нас.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Jiatong Lu

Извор: https://disabilityinfo.me/

ОкоБоли главаВицФото