Со жалење одбиваме

25.02.2011 14:57
Со жалење одбиваме

(извештај на издавачот за прочитаните книги)

Анонимни автори, „Библија

Морам да признам дека почетокот и првите сто страници од ракописот ме воодушевија. Има акција и сè она што денешниот читател бара од забавната литература: секс (и тоа многу), прељуба, содомија, убиства, инцести, војни, масакри и слично.

Епизодата на Содома и Гомора со травеститите кои сакаат да станат анѓели е раблеовска, приказната за Ное е чист Салгари, а бекствотото од Египет е епизода која порано или подоцна ќе заврши на малите екрани... Сè на сè, вистински роман-река, со цврста конструкција, во кој не се штеди на драмски пресврти, многу имагинативно, со толку од она месијанство кое е допадливо бидејќи не преминува во трагично.

Читајќи понатаму станував свесен дека овде станува збор за една антологија од различни автори, со многу, премногу поезија која често преоѓа во досадна жалопојка, во вистинска поплака без глава и опашка.
На крајот излегува дека тоа е еден монструозен омнибус кој ризикува да не му се допадне никому бидејќи во него има сè и сешто. А ќе биде и тешко да се стигне до сите тие авторски права на различните автори освен доколку приредувачот не ги води сите како еден. Никаде не наидувам на неговото име, дури ни во индексот, како да не сака да се знае за него.

Предложувам да видиме дали е возможно да се објават само првите пет книги. Во тој случај, играме на сигурно. На пример, под наслов, Очајниците од Црвено Море.

Хомер, „Одисеја

Мене лично книгата ми се допаѓа. Приказната е убава, полна со страст и авантура. Има точно онолку љубов колку што треба, брачни верности и прељуба (успешен е ликот на таа Калипсо која навистина ги прождира мажите), има дури и еден „лолистички“ момент со девојче под име Наусикаја, каде што авторот не сака сè да каже, но, сè на сè, е возбудливо. Има и изненадувања, еднооки џинови, човекојадци, дури и малку дрога, но сè во граница на законски дозволеното, бидејќи, колку што ми е познато, Бирото за наркотици го нема забрането лотосот. Завршните сцени се во најдобрата традиција на вестерните, тепачките се сериозни, а сцената со лакот е маестрално водена, речиси да е suspense.

Што да се каже? Се чита без здив, подобро од прехтодното дело на истиот автор, кое беше премногу статично поради инсистирањето на единство на местото, досадно поради вишокот на случувања – бидејќи уште кај третата битка и десетиот двобој читателот веќе сфаќа како функционираат нештата. А видовте дека и приказната за Ахил и Патрокло, со алузијата на хомосексуалност која не е само латентна, ни донесоа непријатности со судијата од Лоди. Во оваа втора книга, напротив, сè тече како што треба, а и тонот е помирен, сè е смислено ако не и промислено. А потоа и монтажата, играта со flash-back-ови... Сè на сè, висока школа, тој Хомер е навистина многу добар.

Би кажал, премногу добар... Се прашувам дали е тоа сè што тој може. Се разбира, пишувајќи станува сè подобар и подобар, (и којзнае дали баш третата ќе биде полн погодок), но тоа што ме прави сомничав – и поради што дефинитвно давам негативно мислење – е хаосот кој произлезе поради авторските права. Зборував со Ерик Линдер и сфатив дека тоа тешко би го решиле.

Пред сè, авторот веќе не можеме да го најдеме. Оној што го познавал вели дека било напорно да се зборува со него и за најмала интервенција на текстот, бидејќи е глув како топ, не го следи ракописот, дури остава впечаток дека не го познава добро. Ги цитира напамет, не е сигурен дека баш така го има напишано, вели дека можеби препишувачот нешто има вметнато.
Дали тој воопшто го има напишано или му го позајмил името на некого?

Но не е проблемот во тоа, едитинг стана уметност и многу книги кои настануваат директно во редакција или ги пишуваат повеќе раце стануваат вистински издавачки подвизи. Но што се однесува на оваа втора книга, има премногу недоумици. Линдер вели дека Хомер ги нема авторските права, дека треба да се чујат и некои еолски поети, бидејќи тие би можеле да имаат некој процент од авторските права.

Според еден агент од острвото Кио, авторските права би оделе на локалните рапсоди кои наводно тука имаат црнчено, ама уште не се знае дали тие го пријавиле својот труд на локалната авторска агенција. Еден друг агент, од Смирна, напротив, тврди дека сите права му припаѓаат на Хомер, со исклучок на тоа дека е мртов, а тогаш градот го полага правото на хонорарот. Ама во тој случај, неговиот град не е единствен кој претендира на тантиемите. Не можеме ниту да се повикаме на законот од 1943-та за делата печатени педесет години по смртта на авторот, бидејќи нема начин да утврдиме кога умрел нашиот човек. Сега се појавува и извесен Калино, кој наводно ги има сите авторски права, но бара заедно со Одисеја да купиме и други дела кои не вредат многу, за кои некои тврдат дека воопшто не се на Хомер. А потоа, во која едиција би ги печателе? Тој свет мисли само на пари.

Се обидов да добијам предговор од Аристарк од Самотракија, човек од авторитет кој си ја знае работата. Мислев дека ќе воведе малку ред во целата работа, но тој дури усложни сè: сака да утврди што е автентично во книгата, а што не е; тоа би значело печатење на критичкото издание, а потоа и аудио тираж! Во тој случај подобро е сè да се препушти на Ричарди. Нему вообичаено му требаат дваесет години да направи книжуле од 12 000 лири кое после бесплатно го дели на банкарски директори.

Конечно, ако се фрлиме во авантура и западнеме во правни непријатности, книгата ќе ни ја запленат, но тоа нема да биде едно од оние сексуални запленувања кои после ја продаваат книгата под тезга, туку вистинско запленување. Можеби за десетина години би го откупил Мондатори за Оскар, но тоа, пак, значи да се вложи, а ништо да не се добие.

Многу ми е жал, бидејќи книгата заслужува внимание. Но ние не можеме во исто време да бидеме и полицајци. Затоа предлагам да се откажеме.

Алигиери, „Боженствена комедија

Иако Алигиери е типично неделен писател, кој во еснафскиот систем се сместува во иста група со фармацевтите, несомнено дека ја има совладано техниката и дека има раскажувачка сила. Делото – на вулгарен фиорентински – се состои од стотина подолги песни во терцини и поголемиот дел се чита со интересирање. Посебно ми се допаѓаат деловите за астрономијата и концизните теолошки судови богати со смисла. Полесен, и кај народот попопуларен, е третиот дел на книгата кој се занимава со теми поблиски на вкусот на мнозинството и дневните интереси на можниот читател, како што се Спасението, Визијата на блаженството и молитвите на Богородица.

Неразбирлив и нејасен е првиот дел со пасажите на евтин еротицизам, грозотии и вистински простаклуци.
Ова е само една од многуте противречности бидејќи, се прашувам, како читателот да го прескокне овој прв спев кој, што се однесува до имагинацијата, не нуди ништо повеќе од тоа што веќе е видено во прирачниците за задгробниот живот, моралните трактати за гревот или Златната легенда на фратарот Јакоб од Вараџина.

Но најголема контрадикција е изборот на тосканскиот дијалект како резултат на неразбирливото авангардно барање. Општ е ставот, и тоа не само на авангардните литературни групички, дека повоторно треба да се воведе латинскиот јазик. Видовме што се случи со таканаречените „сицилијански поети“ кои нивниот издавач мораше да ги разнесува со велосипед по библиотеките и кои на крајот се продаваа за џабе.

Од друга страна, ако се почне со публикација на една поема на тоскански, потоа треба да се испечати и една на ферарски, па на трстјански и така по ред, ако сакаме да го контролираме целиот пазар.

Тоа е потфат за авангардни брошурки, во такво нешто не се впушта со една monstre книга како што е ова.

Лично немам ништо против стихови, но квантитативната метрика сè уште е најпопуларна кај љубителите на поезијата и се прашувам како еден нормален читател може да ја проголта оваа низа од терцини, и да ужива во нив ако, на пример, е роден во Милано или Венеција... Да им ги оставиме на авангардните списанија триковите на супермодернистите.

Дидро Дени, „Верничка

Признавам дека го немам ни отворено ракописот, но мислам дека еден критичар мора однапред да знае што треба, а што не треба да чита. Го познавам тој Дидро, тоа е лик кој пишува енциклопедии (еднаш работеше коректура за нас). Во моментов подготвува едно досадно дело во не знам колку томови, кое веројатно никогаш нема да излезе. Оди наоколу и бара цртачи кои се во состојба да го ископираат часовничкиот механизам или влакненцата на Гобелиновата таписерија. Ќе го доведе во незгода својот издавач. Тој е еден полжав и не верувам дека е способен да напише нешто забавно во проза, посебно не за една едиција како што е нашата, за која секогаш биравме фини, помалку скокотливи делца. Како што би кажале во мојот крај ofele fa el to meste.

Сад. Д.А. Франсоа, „Јустина

Ракописот беше помеѓу купот други кои требаше да ги погледнам во текот на неделава и, да бидам искрен, не ги прочитав сите. Го отворив случајно три пати, на различни места, а вие знаете дека за окото на добар познавач и тоа е сосема доволно.

Е па, добро, првиот пат наидов на купишта страници за филозофијата на природата, репродукцијата на животинските родови, со подетално истражување на феноменот на свирепоста на борбата за живот. Вториот пат, на најмалку петнаесет страници, за идејата на задоволството, за сетилата, имагинацијата и сличните нешта. Третиот пат, уште дваесет страници за односите на подреденост помеѓу мажите и жените во различните краишта од светот... Мислам дека е доволно. Не баравме филозофско дело, светот денес сака секс, секс и повторно секс. И, доколку е можно, на разни начини. Треба да ја следиме линијата која ја започнавме со Фаублаз. Молам, филозофските книги нека ги печати Латерса.

Сервантес Мигуел, „Дон Кихот“

Книгата, која не е секогаш читлива, раскажува за шпанскиот благородник и неговиот слуга кои скитаат низ светот по трагите на витешките фантазии. Овој Дон Кихот е помалку луд (ликот е заокружен), Сервантес секако знае да раскажува, додека неговиот слуга е припрост и со здрав разум, со кого читателот веднаш ќе се поистовети. Тој се обидува да ги демистифицира фантастичните визии на својот газда. Толку за фабулата која се развива со понекој успешен драмски пресврт и забавни и сочни збиднувања. Но опсервацијата која сакам да ја направам го надминува личниот суд за делото.

Во нашата успешна економска едиција „Животни факти“, со голем успех ги издадовме Легендата за Гралот, Романот за тристан и Изолда, Романот за Троја и Енеида. Сега ги купивме правата и за „Француските кралеви“ на младиот Барберини и таа, убеден сум, ќе биде книга на годината. Овојпат никој нема да ни го земе „Кампиело “, бидејќи ова ќе им се допадне на народното жири. Ако сега го испечатиме Сервантес, на пазарот исфрламе добра книга, но тоа ќе биде како сме плукнале на сè што имаме објавено сега, и се плашам дека сите тие романи ќе изгледаат како дрдорења од лудница. Ја разбирам јас слободата на изразување, климата на оспорување и слично, но не можеме да се откажеме ни од оние таканаречени писатели. Дотолку повеќе што ми се чини дека ова ќе е единственото дело на Сервантес; авторот штотуку излезе од затвор, целиот е запуштен, не знам дали му ја исекле раката или ногата, но не делува како некој кој има намера да напише уште нешто. Не би сакал, бркајќи новитети по секоја цена, да ја компромитирам издавачката политика коај досега е популарна, морална (зошто да не се каже), и исплатлива. Да се одбие.

Пруст Марсел, „Во потрага по изгубеното време“

Ова, без сомнение, е дело кое ангажира, можеби премногу долго, но би можело да се продаде во неколку џепни книги.

Во секој случај, вака не чини. Потребна е сериозна редакторска работа: треба да се обрати внимание на интерпункцијата. Речениците се премногу заморни, некои заземаат дури по цела страница. Со добра редакторска интервенција треба да се сведат на најмногу два до три реда секоја, а со воведување на нови, кратки параграфи, работата сигурно би се подобрила.

Ако авторот не се сложи на тоа, тогаш подобро е да се откажеме од работата. Ваква каква што е сега, книгата е – да се изразам така – премногу астматична.

Кант Емануел, „Критика на практичниот ум

Му ја дадов книгата на Виторио Салтини да ја прочита и ми кажа дека тој Кант не е ништо посебно. Во секој случај, јас набрзина го прегледав делото и мислам дека една книга за моралот, не многу дебела, би можела да помине во нашата филозофска библиотека, макар и после ја отстапиле на некој факултет. Но германскиот издавач поставува услови: заедно со ова ќе мораме да ги печатиме не само претходното дело, огромно книжиште во барем два тома, туку и тоа што Кант го пишува во моментот, не разбрав дали за уметноста или за мислењето. Сите три дела имаат речиси идентичен наслов, така што или ќе се продаваат во пакет (цената би била неприфатлива за купувачот) или купувачите нема да ги разликуваат, ќе мислат дека тоа е таа која „веќе ја читале“. Да не ни се случи како со „Сумата“ на Доминиканецот која почнавме да ја преведуваме, но потоа ги отстапивме правата бидејќи беше прескапа.
И тоа не е сè. Би морале, вели агентот, да ги печатиме и помалку значајните дела на тој Кант, едно купиште во кое има сè и сешто, дури и астрономија.

Завчера се обидов да телефонирам во Кенинзберг, да видам дали можеме да постигнеме договор за само една книга, но домашната помошничка ми кажа дека господинот не е дома и да не се јавувам помеѓу пет и шест, бидејќи во тоа време оди на шетање, помеѓу три и четири се одмора и сè во тој стил. Навистина не сакам да се замарам со такви луѓе бидејќи после ни остануваат купишта книги во магацинот.

Кафка Франц, „Процес

Книжулето не е лошо, тоа е крими приказна која на моменти потсетува на Хичкок, на пример, убиството во завршната сцена. Мислам дека ќе има своја публика.
Но ми се чини дека авторот пишувал под притисок на цензурата. Како инаку да се протолкуваат сите тие непрецизни алузии, тој недостаток од имиња на лица и места? Кога тоа ќе се разјасни и дејството ќе се смести некаде конкретно, со повеќе факти, факти, факти; е тогаш приказната би течела глатко, а суспензот би бил поизвесен.

Младиве писатели мислат дека тоа е поезија ако кажат „еден човек“ наместо господинот „Тој и Тој“ во местото „Тоа и Тоа“... Значи, ако може да се преработи, во ред. Во спротивно, жал ми е.

Џојс Џејмс, „Финегановото бдеење

Ве молам, предупредете ги тие во редакција да бидат повнимателни кога ми праќаат книги за читање. Јас сум задолжен за книги на англиски јазик, а вие ми пративте дело кое е напишано на некој, ѓавол ќе знае, кој јазик.

Ви ја враќам оваа книга со посебна пратка.

ОкоБоли главаВицФото