1010 hPa
48 %

16 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 11:13
Три нешта се извесни: антисемитизмот е во подем; има сè поголема омраза кон муслиманите; сите ние - а особено луѓето на универзитетите кои имаат време за размислување - треба да бидеме многу загрижени поради тоа. Ако ја немаме предвид оваа плима на омразата, не можеме да разбереме зошто еден толку обичен чин како што е поставувањето шатори во кампус одеднаш стана толку пресудно важен: дали на тој начин се изразува желбата Израел да исчезне? Или тоа е легитимен начин на протест против одредени политики на САД (и универзитетите)?
Управите на универзитетите не би требало да заземаат став за содржината на студентскиот активизам, но на многу универзитети таквите кампови се прогласени за небезбедни, иако се чини дека безбедноста на студентите (и професорите) многу повеќе е загрозена од бруталноста на полицајците кои доаѓаат да ги растераат мирољубивите демонстранти.
За да нема забуна, денешните студентски кампови не се хипи фестивали; луѓето можат да се појават со гитара но веднаш до гитарата ќе се најде и знамето на Хамас. За да сфатиме дека камповите самите по себе не претставуваат опасност - и дека всушност можат да придонесат во демократскиот процес - треба да се присетиме на протестите од 2010-та година: на плоштадите од каирскиот Тахрир до мадридскиот Пуерто дел Сол видовме кампови кои беа мирни, саморегулирани и плуралистички; разни луѓе добија можност да градат солидарност и да дискутираат едни со други и покрај разликите.
Секој собир на демонстранти мора да му го покаже на светот она што социологот Чарлс Тили го означи со акронимот „WUNC”: worthiness, unity, numbers and commitment (вредност, обединетост, бројност и посветеност). Истото може да се постигне и со демонстрации, што Ерик Хобсбаум еднаш го опиша како активност која „слично на сексот, ги соединува телесното доживување и интензивните емоции во најголема можна мера“. Камповите отвораат дополнителни можности: придонесуваат за градење заедница и го означуваат местото каде можат да се пронајдат и запознаат луѓе со одредени уверувања. Исто така, камповите се лабораторија во која луѓето можат да истражуваат како сакаат да живеат во заедница; како што зборуваа прогресивните филозофи, тие се „најава“ за поинаква иднина.
Антропологот Дејвид Грејбер, еден од организаторите на движењето Окупирај, зборуваше дека смислата на настанот во паркот Зукоти беше на светот да му се покаже дека наводно наивните анархистички идеали за слободна соработка помеѓу еднаквите можат да се претворат во реалност.
Имаше и бесплатни библиотеки, импровизирани кујни, тапани, скандирања и останатиот комунитаристички кич. Но камповите од минатата деценија се покажаа како мошне жилави. За демонстрантите на киевскит Мајдан кампот беше место каде е отворена дискусија за новиот општествен договор. Тоа беше случај и со собирот на плоштадот Тахрир - место каде мирно се собираа верници и секуларни граѓани. Таквите отворени и шаренолики собири се разликуваа од тврдините што ги градат антиглобалистичките активисти на местата каде што се организираат состаноци на Светската трговска организација и Г8 - вообичаено не се во центрите на градовите, затворени се дури и за новинари и нивната цел се сведува на конфликти со полицијата.
Камповите на универзитетите главно го следат примерот на „движењата на плоштадите“. Секој што се потрудил можел да види дека кампот на Колумбија не е место за „владеење на толпата“; дека постојат строги правила, вклучувајќи ги оние за алкохолот и фрлањето ѓубре. Секако, нема правила кои сигурно можат да спречат појавување на злонамерни актери (според оваа логика треба да се забранат сите демонстрации зашто можат да се појават „агитаторите на беззаконието“, како што вели Мајк Џонсон). Единственото прашање е дали организаторите ќе побараат веднаш да се отстрани знамето на Хезболах (како што направија, очигледно) и ќе го искористат моментот да им објаснат на младите прогресивци дека Иран, кој стои зад Хезболах, не е најдобар избор за сојузник на оние кои се грижат за правата на жените, животот и слободата. Исто така, кампусот суштински се разликува од јавниот плоштад по тоа што универзитетите имаат право да не им дозволат пристап на оние што не му припаѓаат на универзитетот, како и да го забранат однесувањето кое ја загрозува образовната мисија.
Во идеална ситуација, во еден или повеќе кампови може да дојде до неочекувани и продуктивни средби кои имаат едукативен ефект (или дури предизвикуваат емпатија). Да нема забуна, таквите средби на прв поглед може да изгледаат небезбедно; но ако сме сериозни во намерата конфликтите да ги разрешуваме со заеднички сили, мораме да бидеме подготвени да прифатиме ризик. Од друга страна, користењето на камповите како средства за полагање исклучиво право на просторот на кампусот се чини дека тие повеќе наликуваат на средство за принуда. „Правилата на заедницата“ на Колумбија кои им посочуваат на учесниците да не комуницираат со „ционистичките контрадемонстранти“ се проблематични: ако сакате само да покажете колку сте, излезете на улица; предноста на престојот на едно место е во тоа што луѓето можат да ве пронајдат и да се обидат да разговараат со вас.
Реакциите на многу универзитетски управи беа несоодветни; исто така, универзитетите го нарушија темелниот императив на владеењето на правото: тоа е јасна и доследна порака за она што е дозволено, а што не е. Сепак, колку и реакциите да беа несоодветни, републиканците - решени да ги инструментализираат обвинувањата за антисемитизам - сè уште не се задоволни, дури ни кога ректорите испраќаат полиција со опрема за разбивање на нередите (освен што на овој начин се добиваат слики на „хаос“ кои во изборна година ѝ одат во прилог на опозицијата). Наместо да го бранат правото на протест, центристите покажуваат наводна неутралност така што ги осудуваат следбениците на Трамп додека истовремено го негираат легитимитетот на студентите. Не мораме сосема да се сложуваме со анегдотата за студентските кампови (јас не се сложувам со некои од клучните точки) за да сфатиме дека првите се закана за демократијата, додека вторите имаат потенцијал да ја зајакнат.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.theguardian.com/