Санг-Мук Ли

14.05.2024 01:12
Санг-Мук Ли

Санг-Мук Ли бил на врвот на својата научна кариера кога заради несреќа станал квадриплегичар. Далеку од тоа дека се чувствува онеспособено заради неговата попреченост, сега води поисполнет живот, а состојбата во која се нашол му дала моќ да направи голема промена.

Слободен дух во ригиден систем

Роден во Јужна Кореја во 1962 година, Санг-Мук Ли бил љубопитно дете кое ентузијастички ги следело своите интереси. Кога работата на неговиот татко го одвела семејството да живее во Џакарта неколку години, Санг-Мук го прифатил тоа искуство, но животот му бил тежок кога на 13-годишна возраст се вратил во Кореја.

„Не бев отсечен поради ригидното корејско школување. Се вратив од Индонезија како Тарзан! Бев последен во одделението и никој не очекуваше дека ќе успеам. Моите родители беа високообразовани, но ми дозволија да лутам слободно. Гледаа нешто во мене и не се грижеа премногу кога имав лоши оценки.“

Откако му дозволил на Санг-Мук да го следи неговото срце низ детството, неговиот татко несвесно извршил влијание на идниот правец на неговиот син со еден единствен разговор.

„Се сеќавам дека нашиот прв вистински разговор како маж со маж се случи кога имав 16 години. Тој ми предложи да се занимавам со наука која не предизвикуваше голем интерес, а тоа беше океанографијата. Делуваше многу футуристички“.

Оттогаш, Санг-Мук почнал да го насочува својот животен курс кон оваа цел. Завршил факултет по океанографија на Националниот универзитет во Сеул, а потоа и постдипломски студии во САД и Обединетото Кралство.

Додека бил отсутен Сеул бил домаќин на Летните олимписки игри во 1988 година, кои предизвикаа економски бум. Во 1998 година бил поканет да се врати во својата татковина за да спроведе истражување со новиот најсовремен истражувачки брод на владата.

„Бев крал на бродот. Пират кој шета по западниот Пацифик! Беше прекрасно. Бев во позиција да истражам сè што ќе ми падне на ум. Секој ден беше ново искуство. Не ги ни забележав морската болест и заморот кои беа дел од едномесечното патување.

По неколку години во Корејскиот институт за истражување и развој на океаните, Санг-Мук се вратил на Националниот универзитет во Сеул.

„Да се биде професор на Националниот универзитет во Сеул е врвно научно достигнување во Кореја. Универзитетот навистина сакаше да им се придружам, а исто така и моите родители, но јас бев многу среќен во Институтот па ако заминев ќе го изгубев бродот“.

Пресврт на судбината

И покрај неговата неподготвеност Санг-Мук станал доцент на Универзитетот во 2004 година. Речиси две години подоцна, на теренско патување во Калифорнија возејќи низ пустината неговото возило се превртело. Бил во кома три дена и се здобил со повреда на 'рбетниот мозок која го парализирала неговото тело од рамениците надолу. Вели дека блиската средба со смртта засекогаш го променила неговиот пристап кон науката и животот.

„По несреќата станав поинаква личност, а претходно како и сите други се обидував да станам број еден во мојата област. Се движев со огромна брзина во еден правец. Сега имам поголема цел“.

Платформа за промени

Во Кореја попреченоста често е скриена, но статусот на Универзитетот му овозможил да ѝ ја раскаже сопствената приказна на јавноста. Санг-Мук стана национална икона, познат како „Стивен Хокинг од Кореја“. Тоа му овозможи големо влијание, еден пример за тоа е водењето на владина програма од повеќе милиони долари за развој на асистивни технологии.

Санг-Мук користи широк спектар на такви технологии. Глувчето сместено до неговата уста, кое го контролира со смукање и дување, му овозможува да управува со компјутер и телефон. Тој знае дека и покрај образованието, ваквите уреди можат да им овозможат информатички кариери на лицата со попреченост.

„Нема ништо поважно од образованието, па затоа [преку владината програма] инвестирав и во образованието на студентите со попреченост.“

Програмата ги подготвува студентите со вештини за примена на компјутерски техники - како што се математичката симулација и алгоритмите за вештачка интелигенција - на кое било поле.

Санг-Мук е горд со својата улога во менувањето на научниот систем во Кореја; подобрување на законодавството со цел да им се овозможи пристап на невладините научници до најдобрите истражувачки бродови во земјата.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://royalsociety.org/

 

ОкоБоли главаВицФото