Големиот театарски светоглед

14.05.2024 09:15
Големиот театарски светоглед

Сцена од претставата „Ана Каренина“ во режија на Римас Туминас
Фотографија: Александар Карин

(Кон единаесеттото издание на театарскиот фестивал „МИТЕМ“ во Будимпешта, Унгарија, 6-28 април).

Иако е релативно нов фестивал, „МИТЕМ“ се наметнува на светската театарска мапа со серизеон концепт и големи театарски имиња. Навлегувајќи во својата втора деценија, овој фестивал досега во своите рамки ги собрал најголемите театарски дејци меѓу кои и Роберт Вилсон, Иво ван Хове, Лев Додин, Валериј Фокин, Габор Томпа, Оскарас Коршуновас, Хуан Мајорга, Алесандро Сера, Јанош Шаш, Римас Туминас итн., а меѓу нив се најдоа и театарски уметници од регионот како Тања Мандиќ Ригонат, Александар Поповски, Нада Кокотовиќ, Дејан Пројковски итн. Особено успешно, во текот на целата деценија, а еве сега и оваа година, овој фестивал го води големиот унгарски режисер и директор на Националниот театар во Будимпешта, Атила Видњански чии претстави можат да се видат и на репертоарот на самиот фестивал.

На репертоарот на овогодишното издание на фестивалот се наоѓаат претставите: „Одисеј“, по текст на Александар Секулов во режија на Дијана Добрева, а во продукција на Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, „Мајката храброст“ по текст на Бертолт Брехт во режија на грчкиот режисер Теодорос Терзопулос, во продукција на Националниот театар од Будимпешта, а во негова режија ја имаме и театарската претстава „Бакхи“ по класичниот текст на Еврипид во продукција на истиот театар. Од Грција доаѓа претставата „Галеб“ по текст на А.П. Чехов во режија на Саваш Струмпос, а во продукција на театарот „Точка Нула“ од Атина, додека од Националниот театар на регионот Емилија Ромања во Модена, Италија повторно проследуваме театарско видување на драмскиот текст „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет на режисерот Теодорос Терзопулос. Станува збор за една минималистичка режија која не преминува многу од рамките на текстовината предлошка, но импонира со својата актерска енергија, претстава чија порака е јасна и прецизна и се однесува на континуираниот идентитетски губиток на човекот во оваа цивилизација.

Сцена од претставата „Ана Каренина“ во режија на Римас Туминас
Фотографија: Сергеј Демјанчук

Режисерската постановка на Толстоевиот роман „Ана Каренина“ на неодамна починатиот режисерски маг Римас Туминас доаѓа од театарот „Гешер“ од Тел Авив, Израел, видување кое импонираше со својата суптилна иронија и со црниот хумор насочен кон семејните недоразбирања и растечката трагедија од интимистичките недоразбирања, претстава која одушеви со својата визуелизација и извонредната актерска игра. Од Тбилиси, Грузија проследивме две дијаметрално различни претстави: „АИА“ (базирана врз митот за Златното руно) во режија на Тата Тавдишвили и Тато Гелиашвили, а во продукција на Шота Руставели театарот и Државниот универзитет за филм од Грузија, исклучително интересна кореодрама која воодушеви со својата комплексност и симболика. Од театарскиот центар „Либерти“ доаѓа тричасовната претстава „Коњите ги убиваат, нели?“ по текстот на Хорас МекКој, во драматизација и режија на Автандил Варсимашвили.

Едно од најспектакуларните доживувања на овој фестивал беше осумчасовната претстава „Врвот Митикас“ инспириана од грчките митови, во режија на Јан Фабр и во продукција на неговиот театар „Троублејн Лабораториум“ од Антвњепен, Белгија. Станува збор за претстава на голем театарски иноватор, контраверзен режисер кој постојано изненадува со својата радикалност, претстава чиј актерски сензибилитет вознемирува, но и носи една сосема поинаква енергија и толкување во театарскиот израз. Иако во опсег од цели осум часа, оваа претстава успеа да го задржи вниманието на публиката со својата живописност и огромната актерска посветеност. Театарот „Шота Руставели“ се претстави со уште една кореодрама на веќе споменатиот двоец Тата Тавдишвили и Тато Гелиашвили по текстот „Човечката трагедија“ на Имре Мадач, унгарски театарски класик чие име го носи и самиот фестивал, а овојпат овој проект е во копродиукција и со театарската група ХОИ од Тбилиси.

Сцена од претставата „Врвот Митикас“ во режија на Јан Фабр
Фотографија: Силвија Варани

Во рамките на овој фестивал беа и две претстави во режија на Александар Поповски: „Мајсторот и Маргарита“ по романот на Михаил Булгаков, во сценска адаптација на Нејц Газивода, а во продукција на Националниот театар од Будимпешта и „Војна и мир“ по епохалниот роман на Л.Н. Толстој во драматизација на Ева Махкович, и во продукција на Градскиот театар од Истанбул, Турција. Режисерот на Нациналниот театар на Будимпешта на овој фестивал ја имаше својата претстава „Банот Банк“ по текст на Јожеф Катона, а во продукција на театарот домаќин. Големиот шпански драматичар Хуан Мајорга се претстави со својот драмски текст „Марија Луиза“ во сопствена режија, додека претставата „Мајка држава“ по текст на Кемал Тахир во адаптација на Осман Езкан беше во режија на Ајше Емел Мешчи и во продукција на Државниот театар од Анкара.

Фестивалот „МИТЕМ“ возбудува со својата егзотика, па така во последните неколку дена имавме можност да видиме претстави и од Државниот театар од Башкирската република кој изведе текст на Мазхит Гафури по чие име е наречен и театарот, во режија на Ајрат Абусахманов. Од Словачка доаѓа „Дневникот на Ана Франк“ во режија на Ондреј Шот, во продукција на балетската трупа при Националниот театар од Каса. Последниот ден од фестивалот беше резервиран за театарскиот проект „Трагедија: песната на Едип“ инспириран од делата на Софокле, Еврипид, Аристофан, Сенека и други класични автори, во режија на Алесандро Сера во продукција на театарот „Сардења“, и во копродукција со театарот „Белини“, Фондацијата „Емилија Ромања“, Фондацијата „Teatro Due Parma“, во соработка со трупата „Театро персона“.

Сцена од претставата „Врвот Митикас“ во режија на Јан Фабр
Фотографија: Силвија Варани

Фрлајќи поглед врз целата селекција имаме впечаток дека овогодишниот „МИТЕМ“ е особено посветен на грчките митови и на нивната интерпретација низ различни режисерски видувања, а на тоа е посветена и тркалезната маса под наслов „Модерните адаптации на античките грчки митови“ на која зедоа учество грчкиот режисер Саваш Струмпос, унгарскиот поет Атила Вег, професорот на Унгарскиот институт за литература Атила Симон и драматургот на Националниот театар Жолт Шаш. Од особено значење беа и дискусиите со актерите и режисерите веднаш по изведбата на сите претстави. Еден од своите дебатни термини фестивалот го посвети и на големиот руски театарски уметник Всеволод Мејерхолд, на тркалезна маса под наслов: „Театарот – уметност во која сѐ е возможно“.

„МИТЕМ“ е фестивал чија неопходност ќе виде изразена многу брзо заради тоа што со својата серизност и масивност се наметна уште со своето прво издание. Како место каде што ќе се вкрстат театарските видувања на големите режисери, драматичари и актери, овој театарски фестивал веќе се вивнува во висините на фестивалите од формат на Авињон и Единбург, апсорбирајќи ги сите интересни и иновативни начини на мислење и сите актерски и режисерски величини. Останува да се придружиме на возбудата на театарската иднина на „МИТЕМ“, а со тоа и на неговата величина.

Сцена од претставата „Врвот Митикас“ во режија на Јан Фабр
Фотографија: Силвија Варани