Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (14)

14.05.2024 09:36
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (14)

„Варшавската срна: трите љубови на Марија Склодовска Кири”, Мимоза Ристова, „Арс Либрис”

Во попладневните часови во лабораторија немаше многу природна светлина. Осветлувањето доволно за да може да се врши експериментална работа доаѓаше од неколкуте гасни ламби поставени на лабораториските клупи. Згора на тоа, самостојно си светеа неколкуте колби полни со блескавата сина хемикалија. Марија посветено си експериментираше, загревајќи една епрувeтa со раствор со помош на една гасна горелка. Пјер влезе однадвор и од џебот на палтото нервозно извади едно веќе отворено писмо и почна да го чита. Пјер веќе по трет или четврти пат го читаше писмото отчукано на машина на само една страница. Видно напизмен читајќи ги редовите, почна да шета горе –долу. Читаше во себе и негодуваше. Таквата состојба траеше подолго време.

-Те молам Пјер, не шпартај само нагоре – надолу! Откако влезе, само сновеш и се туфкаш.Тоа ми создава тензија и ме прави нервозна. Не можам да се концентрирам на експериментот од тебе!

Пјер беше толку иритиран, што воопшто не ја услиши нејзината замолница, не престанувајќи да снове, дури почна и да мавта со отвореното писмо со уште посилно негодување.

- Но, како да престанам да бидам нервозен, Мари, и како да не спобудалувам, кога одлуката на академиците ме вади од ум. Мизерници и кретени – извика на сет глас Пјер и ги испцу со неколку сочни француски пцости, од типот „гомненици“ или „курви“, нешто што тој го немаше во својот говорен вокабулар во комуникациите со неговата сопруга Марија.

- Пјер, престани да фучиш и да тресеш глупави пцoсти и вулгаризми! Што ти стана наеднаш? Па, прв пат ли им е на тие недоветници да носат неморални одлуки? Зар не отрпна на нивното долно лицемерство? – го прекори Марија.

Пјер и не ѝ одговори, туку само за миг приседна на едно лабораториско столче, нервозно офна во знак на длабокотo разочарување и повторно стана да снове низ лабораторијата поради неминливата вознемиреност.

- Не можам да поверувам! Не... не... и не! И тоа е одлука на нашите колеги, Мари! Им прилега ли на членовите на Француската академија на науки да носат вакви одлуки? Бесрамно од една цела толпа надуенковци кои не знаат и не умеат ни половина од она што го знаеш и го умееш ти...

-А зарем си изненаден? Јас, пак, воопшто не сум. Го очекував ова.Зошто би си го промениле мислењето од лани? И лани вака гласаа – го потсети Марија.

-Ама како воопшто се дрзнале да стават ваков предлог на гласање? Не можам да се изначудам на тоа правно безредие! Па, ова е преседан! Интелектуален блуд! Не можам да поверувам дека испратиле предлог до Комитетот за Нобеловата награда со кој нѐ предлагаат само Анри Бекерел и мене. Замисли, самите тие си одлучиле твоето име да го изостават од предлогот до Нобеловиот комитет.

- Од позиција на моќ, сѐ се може – пропелтечи Марија.

-Тие лудаци не ми веруваат дека твојот придонес во откривањето на радиоактивноста е еднаков со мојот. Ако не и поголем. Мора, едноставно, мора твоето име да го напишат во номинацијата! Мора! И крај!

- Очигледно колегите од Академијата имаат проблем со женско име. И згора на тоа и странско, од Полска, или де факто од Русија, од окупаторот на Полска.


                                          ***

 

„Живот без сведоци”, Наташа Сарџоска, „Три”

Помислував на сликата, масло на платно што еден мој богат клиент ја нарача, на која диво ме земаше одзади, сликата што замислувам како жестоко ја гледа секогаш кога не може да му се дигне на сопругата со која е во брак речиси цел еден живот: триесет години. Сакал да ме гледа кога легнувал со жена му. Недодржливо ги возбудував мажите. Имав неартикулирана еротска енергија што ги дразнеше и влечеше кон мене во обид да ми ја артикулираат и припитомат. Тоа беше мојата животинска беспомошност, очајот, таа жива сила беше само поривот за преживување, кој беше вжештен, вжарен, кој наликуваше на чиста и безболна еротика, а во суштина беше мојот нестивнат и прогонет нарав.

Но сега, во ова болничко легло, со сите овие седативи, антибиотици, кортикостероиди, антихистаминици, јас не чувствувам похота. Ми го снема либидито. Мојот пол не се влажни. Грбот ми е закотвен за леглото. Здрвена сум. Не смеам да мрднам. Ми рекоа да мирувам. Ми рекоа ќе помине. Ми рекоа ќе биде во ред. Така велат сите кога сѐ се руши, кога сѐ се влошува, кога сѐ паѓа без изгледи да стане, кога ништо нема да помине, туку напротив, ќе настане поголем распад и ќе се зголеми пустошот.

После новите силиконски цицки мора да се мирува, да се отспијат барем четириесет и осум часа во оваа положба и потем да се поднесува болката. Болката на ткивото. Но компликациите што настанаа и ризикот од сепса ми ја влошија состојбата. Морав да мирувам, да лежам: нешто за што не бев обучена ниту надарена, а имав и толку закажани скапи и елитни дупења. Толку здрвени машки органи требаше да исцицам и да голтам. Тоа ми беа загарантирани алишта, патувања до дестинациите со клиентите, Монте Карло, Пуерто Бањус, Дубаи, Милано, кирија за гарсониерата, храна, колаген, вино и хијалуронски филери на секои три месеци, третмани за слабеење, вино во фрижидерот, фитнес-инструктор, монденски живот, световни јамки.

Моите гради сега беа набрекнати и лицето ми беше подуено. Вагината ми се грчеше навнатре, беше смрзната и стисната. Лековите што течеа во моите вени ги стушуваа и стишуваа моите органи. Како да не сакаат да го гледаат светот, очите ми се смалуваа од филерите што се дуеја под мојата кожа.

Filling. Feeling. Faling. Не, ништо од сето тоа: немав исполнетост, немав чувства, немав пад. Зашто немав никакво движење вон од себе.

Колку повеќе се полнев и боцкав, толку повеќе ми беше сеедно. Сеедно ми беше кој влегува во мене и како ме дупи, кој ме плаќа и кој сака да ме купи. Сакав само лесни и брзи пари. Во оваа држава тие се најсигурните и најдолготрајните. Животот тука е кратка приказна. Детска играчка. Летна авантура. Вечен кредит. Скап живот. Гол живот. Скратено патешествие. Животот не ме поштеди од ништо. Животот ми беше премногу тежок за да го отежнувам дополнително. Но пред себе сум чиста. Чиста сум. Да. Зашто животот ми беше како свиреп банкар и ми наплаќаше висока камата за секој заем. Зашто цвеќињата и покрај ѓубривото, убаво мирисаат. Зашто ѕвездите и покрај црното ноќно пространство, јарко и бодро блескаат. Зашто мојата постела дома е студена и долго време ми треба да ја згреам. Зашто неделните утра ги минувам прекриена со чаршаф до темето на главата во којашто освен пизма, површност и пресметки, немам ништо друго како мисла. Освен една точна, сеопфатна и застрашувачка намера: да преживеам.

Сеедно ми беше што пред зградата во која престојував, во неделните утра до моите уши се креваше врескав и весел детски пискот. Птици на гранките, кучиња под сенките, мажи во кафулињата, мајки на клупите, возила на пат кон викендичките, пикници на тревниците.

Сеедно ми беше сето тоа.

Но ништо не е сеедно. Секој бран живот во нас буди нешто, но во нас и крши нешто: лигамент, отвор, срце, шуплина, чувства. Секој живот крши нешто како хирург што со скалпел го делка моето тело за да го направи попродажно за мажите.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.