Либерализам без одговорност

14.05.2024 12:05
Либерализам без одговорност

Додека гледаат како чети милитаризирани полицијци се испраќаат на студентски демонстрации, многу луѓе во САД и ширум светот веројатно се прашуваат која е разликата меѓу наводно прогресивна, либерална влада и авторитарни, реакционерни лидери како Доналд Трамп. Несомнено, Трамп е полош, но дебаклот на либерализмот значи дека авторитаризмот е помалку застрашувачка закана од што треба да биде.

Универзитетите се олицетворение на кризата на либерализмот. Американските универзитети, особено најпрестижните институции од Ivy League, во голема мера се потпираат на големите приватни донации и на профитите од хеџ фондовите. Школарините продолжуваат да растат кон неверојатни нивоа (речиси 90.000 долари годишно во Колумбија, иако многу студенти добиваат финансиска помош), додека универзитетите и финансиерите што управуваат со фондовите заработуваат милијарди, а приходите на дипломираните студенти се намалуваат поради економската стагнација. Администрацијата на Бајден во суштина го призна ова кога отпиша повеќе од 146 милијарди долари студентски долг, притоа не доведувајќи го во прашање хеџ-фондовскиот модел на универзитетскиот систем.

Како што со право забележаа демонстрантите, универзитетите инвестираат огромни суми во производителите на оружје и во други компании кои профитираат од геноцидот во Газа. Универзитетите не се сами во ова: многу пензиски фондови работат на сличен начин, намалувајќи го ризикот со инвестирање во групи компании (како што се Dow Jones или FTSE 100). Следејќи ги овие обрасци на финансијализирање, тешко е (иако не и неможно) да се избегне инвестирањето во компании за нафта, гас и оружје. Уште потешко е ако вашата цел е да го максимизирате приходот.

Многумина од милијардерите со најдарежливи донации за универзитетите отворено ги поддржуваат постапките на израелската влада и идејата дека студентите се опасни радикали кои ја загрозуваат слободата на говорот на другите со искажување на своите ставови. Едновремено десничарските политичари на сличен начин ги напаѓаат универзитетите и принудуваат некои универзитетски претседатели да се повлечат поради нивната наводна толеранција спрема наводниот антисемитизам, додека други самите ќе се усогласат со барањата на Конгресот за ограничување на академската слобода.

Тоа е опака мешавина: универзитетите се зависни од инвестициските портфолија во систем кој обезбедува мега-профит на компаниите кои ги загрозуваат и уништуваат човечките животи, под влијание на сè порадикалната класа милијардери, учејќи ги студентите чии дипломи нема да им помогнат да заработат доволно за да ги вратат своите долгови; со универзитетите управуваат безрбетни администратори под закана (или во доброволна колаборација) на реакционерната десница, која тврди дека умот на младите луѓе се врти против капитализмот не поради нивното доживеано искуство на штедење и расијализираното полициско насилство, туку поради „разбудените марксистички професори“. Во таква ситуација се случува директен пренос на геноцид, кого го поддржуваат и за кој дрско лажат политичките лидери и коментаторите кои наводно се залагаат за вистината и правдата. Студентите, како и поголемиот дел од јавноста, веќе не можат да ја поврзат реалноста на она што го гледаат со светот конструиран од политичарите и медиумите.

Во такви околности поставувањето шатори, истакнувањето транспаренти и барањата за дезинвестирање се навистина прилично благи реакции. Фактот дека на многу американски универзитети се случи милитаризирана полициска акција ја отсликува кревкоста на либерализмот - соочен со растечката хегемонија на конзервативната десница, како и со сопствената неспособност да им понуди иднина дури и на студентите од најпрестижните колеџи, а камоли на другите.

Либералите одбиваат да ја прифатат одговорноста за светот што го создадоа поддржувајќи ги војните на Блискиот Исток и прифаќајќи ги растечката нееднаквост и сиромаштија, намалувањето на јавните услуги, одложувањето на борбата против климатските промени и неуспехот да се создадат безбедни и разумни работни места.

Ова може да биде момент за значајни реформи, но ќе бара преиспитување барем на некои сегменти на капиталот. Промената на моделот на финансирање на универзитетите би значела застанување против Волстрит. Компаниите за оружје се потпираат на трошоците за одбрана на САД и на воените интервенции или прокси војните. Преземањето мерки против климатските промени би значело загуби за компаниите за фосилни горива, чии сопственици често ја финансираат конзервативната десница.

Либералите во САД и низ Европа избраа да не го прифатат овој предизвик. Нивниот последен трик е да ги намалат ризиците за вложување со надеж дека тоа ќе ги ревитализира стагнантните економии, додека прават сè што можат да го спречат секој предизвик од страната на прогресивната левица. Ова ги подразбира полициската контрола и демонизацијата на протестите, соработката со десницата со цел да ги поткопаат кандидатите и партиите кои се обидуваат да му се спротивстават на капиталот (и на статусот на либералните партии) и општото загадување на политичката сфера со цел да се релативизира одговорноста - како кога градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, инсинуира протестите во Колумбија поттикнати од „надворешни актери“ или кога потпретседателот на Принстон им се заканува на вработените.

Либерализмот има две суштински компоненти: заштитата на правата на сопственост и концептот на негативна слобода заснован на човековите права и поделбата на власта. Она што сега го гледаме во САД (и во Британија и на други места во Европа) е одбраната на првата компонента на сметка на втората. Политичките лидери и менаџерите на универзитетите ја поткопуваат не само слободата на изразување, туку и улогата на академијата во барањето одговорност за политичките одлуки. Многу медиуми се ангажирани да ја повикаат јавноста - а не политичарите - на одговорност. И она можеби најважно, на избирачкото место изборот се нуди избор само помеѓу различни нивоа на авторитаризам и економска дисфункција. Ако оваа ситуација продолжи, не само во САД, туку и ширум светот, тогаш окупирањето на универзитетските згради ќе изгледа како пикник во споредба со она што може да се случи.

Карикатури: Doaa Eladl

Превод: Н. Г.

Gareth Fearn, London Review of Books, 02.05.24.

ОкоБоли главаВицФото