1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Овогодинешната Евровизија ќе остане запаметена по многу нешта. Пред сè - по политиката. Контраверзите во врска со учеството на Израел, дисквалификацијата на Холандија, протестите во знак на поддршка за Палестинците во Малме. Во сенка на политиката, можеби под радарот помина фактот дека оваа Евровизија ќе биде запаметена и по тоа што за првпат победи небинарна личност.
Овој израз е туѓ за многумина. Што всушност значи да се биде небинарна личност и дали се работи за нов концепт?
Небинарноста наспроти цисродноста и трансродноста
За да се разбере концептот на небинарноста, прво треба да се направи разлика помеѓу цисродните и трансродните лица. За да се направи оваа разлика треба да се вратиме чекор назад и да ја објасниме диференцијацијата помеѓу полот и родот.
Според објаснувањето на Асоцијацијата за репродуктивно здравје во Србија, полот претставува биолошко одредување на машкоста или женскоста. Го сочинуваат наследни материјали: за жените хромозомот ХХ, за мажите хромозомот XY, половите жлезди кои ги лачат машките или женските полови хормони и секундарните полови карактеристики кои се развиваат под влијание на овие хормони.
Советот на Европа го опишува родот како внатрешно доживување на лицето дека е маж или жена, што претставува дел од идентитетот на личноста. Меѓу другото, тој се однесува на нормите, вредностите, хобијата, однесувањата, имињата, боите, облеката, играчките, шминката и спортовите. Психолозите сметаат дека родовиот идентитет најчесто се формира од третата до петтата година од животот.
Кај повеќето луѓе родот и полот се совпаѓаат. Таквите луѓе се нарекуваат цисродни лица. Терминот прв го искористи германскиот сексолог Волкмар Сигуш, а од 2013-та година е воведен во Оксфордскиот речник за англиски јазик. Сепак, постои помал дел од популацијата кај која се појавува неусогласеност помеѓу биолошкиот пол и родовиот идентитет. Таквите лица се трансродови, односно не се идентификуваат со полот со кој се родени физички. Терминот трансродов исто така потекнува од германскиот јазик, а своето модерно значење го добива во деведесеттите години.
Најпосле, лицата кои не се ни цисродови ни трансродови се нарекуваат небинарни. Овој израз исто така е воведен во широка употреба во последната деценија од минатиот и првата деценија од овој век. На овогодинешниот Евросонг учествуваа двајца такви претставници - победникот на натпреварувањето Немо и претставникот на Ирска, Бамби Таг.
„Тие“ или „оние“
Небинарните лица сметаат дека концептот дека во светот постојат само две родови опции е наметнат и дека родовиот идентитет впрочем е лично и внатрешно искуство и перцепција на себеси. Значи, небинарна личност е некој што не се идентификува исклучиво како маж или жена, туку се чувствува како мешавина на половите или како воопшто да нема род.
(Во македонскиот јазик е типично за личност од машки пол да се каже „тој“, а за женски „таа“. На англиски јазик небинарните лица, пак, најчесто се ословуваат со „they“. Тешко е тоа да се преведе на македонски, зашто заменката „they“ се преведува како „тие“ или „оние“. Затоа во англискиот јазик е навистина полесно да се користи родово неутралното изразување. Затоа луѓето за небинарните лица го користат изразот „тоа“. Заб. прев.)
Средниот род се користи за предмети и деца, па повеќето небинарни лица се чувствуваат дека средниот род ги дехуманизира и инфантилизира. Исто така „тоа“ често се употребува како навреда за родово-неконформирачките лица“.
Знамето на небинарните лица
Небинарните лица имаат свое знаме. Знамето настана во 2014-та година, има четири ленти и според замислата на дизајнерите, секоја претставува различен дел од идентитетот - жолтата за оние чиј род постои надвор од бинарната поделба машко и женско, белата за оние кои имаат многу или сите родови, виолетовата за оние што ја претставуваат единственоста и флуидноста на небинарните лица, додека црната боја ги обележува оние кои немаат род.
Постојат многу родови идентитети кои ги покрива терминот небинарност. Меѓу нив се биродноста, панродноста, демиродноста, родовата флуидност, ародноста и други.
Култури кои препознаваат повеќе од два рода: Индиската хиџра
Иако се смета дека изразот „небинарна личност“ е со релативно понов датум, во текот на историјата многу култури признавале и поинакви идентитети покрај машкиот и женскиот. Небинарните луѓе често ги заземале единствените позиции во своите општества, служејќи како свештеници, уметници и церемонијални водачи.
На пример, заедницата Хинду се карактеризира со родовата хиџра, најчест небинарен идентитет кој денес се препознава во Индија. Хиџрите се наоѓаат во хиндуистичките верски текстови и историјата на Јужна Азија. Многу хиџри се родени со машки полови карактеристики, иако хиџра заедницата исто така ги вклучува и интерполовите луѓе.
Нивната култура лежи во основата на идентитетот на хиџрата: хиџрите често го напуштаат својот дом за да им се придружат на духовните групи и преземаат верска улога во хиндуистичката култура, славејќи ритуали како венчавањето и раѓањето. Многумина веруваат дека хиџрите имаат моќ да ги благословуваат или проколнуваат другите. Последниве векови, поттикната од британскиот колонијализам, се крена стигма против хиџрите. Британскиот закон од 1871 година ги категоризираше сите хиџри како злосторници.
Индонезија: три небинарни родови
Позната е и етничката група Бугис во Индонезија, која препознава три небинарни родови - калалај, калабај и бису.
Калалај се однесува на луѓето кои имаат женски сексуални карактеристики, но се присутни на традиционално машки начин, често ја стрижат косата и се облекуваат според машка мода. Исто така заземаат општествена положба слична на мажите, надминувајќи некои ограничувања кои им се поставуваат на жените.
Калабај се луѓе кои имаат машки полови карактеристики, но заземаат улоги како оние кои традиционално ги заземаат жените. Сепак, калабајците не се идентификуваат како жени, ги отфрлаат ограничувањата кои ги доживуваат жените и не ги менуваат нивните сексуални карактеристики. Овие лица често ги надгледуваат венчавањата и управуват со секој аспект на церемониите.
И Бису, родот кој го олицетворува тоталитетот на машкоста и женственоста. Луѓето од етничката група Бугис веруваат дека бису ги надминува другите родови и дека имаат духовна улога. Луѓето Бису често носат цвеќиња и свети бодежи за да го симболизираат својот експанзивен идентитет. Извршуваат духовни обреди и се смета дека го премостуваат световното и божественото.
Мексико: мухе
Мухе е заедница во Мексико и овие луѓе вообичаено имаат машки полови карактеристики, но го прифаќаат женскиот идентитет. Зборот „мухе“ е сличен на шпанскиот збор за „жена“, односно „мујер“ (се изговара „мухер“).
Мухе често ги преземаат улогите во домаќинствата кои вообичаено им припаѓаат на жените, како што се шиењето, готвењето и грижата за семејството. Овој идентитет е вграден во културата на домородниот народ Запотек, кој главно живее во јужномексиканската држава Оаксака. Иако културата на народот Запотек ги почитува луѓето мухе, тие сè уште трпат одредени ограничувања. Обично им е забрането да живеат со своите интимни партнери или да ги напуштаат своите семејни домови.
Мадагаскар: секрата
На Мадагаскар автохтониот народ Сакалава го препознава родот секрата. Овие луѓе имаат машки полови карактеристики, но откако во детството изразувале однесување кое се сметало за женствено, семејствата ги одгледуваат како девојчиња. Секрата луѓето усвојуваат женствен изглед во обликувањето на косата и носењето накит. Како возрасни населуваат единствена ниша: не ги заземаат традиционално машките улоги, како војници, туку наместо тоа, преземаат други одговорности, како настапи на церемонии.
Секратите се широко прифатени кај народот Сакалава. На нив се гледа како на свети лица заштитени со натприродна моќ.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://vreme.com/