1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Поштенска картичка од Етиопија
Кафето е најважниот извозен производ на Етиопија, а третина од приходите од извозот земјата ги остварува со продажбата на кафе. Производството и продажбата на кафе се важни за економијата, но и за социјалната кохезија и какво-такво одржување на животот во многу делови на Етиопија. Една од тие области, не случајно, се нарекува Кафе. Околу 80 отсто од кафето произведено во Кафе се продава во Германија, а околу 30 отсто од кафето во Етиопија се пласира во Европската унија.
Од повеќе од 120 милиони жители, колку што има Етиопија, околу пет милиони живеат само од одгледувањето кафе, а постојат уште десет милиони работни места поврзани со преработка, продажба и дистрибуција на кафе.
Одгледувањето кафе, традиционална економска активност во Етиопија, доживеа бум во последниве години што придонесе за економско зајакнување на земјата. Она што е постигнато со овој напредок е во голема мера загрозен од директивата на ЕУ, онаа што е поврзана со уништувањето на шумите, односно процесот на прекумерната сеча на шумите на Земјата, и потеклото на производот, односно начинот и местото на неговото производство.
Таа директива ќе стапи на сила во 2025 година, а со неа се забранува продажба на кафе, гума, какао и други производи, доколку компаниите не можат да докажат дека не се произведени на земјиште кое не настанало со уништување на шумите. За Зелените оваа директива претставува историско достигнување. За фармерите на кафе во Етиопија тоа е потенцијален кошмар.
Одгледувачите на кафе во оваа земја се генерално сиромашни и одгледуваат кафе на мали површини, честопати помали од два хектара. Тие би можеле да се најдат на удар на директивата на ЕУ, иако за одгледување на нивниот вид кафе, арабика, потребна е сенката што ја обезбедуваат дрвјата. За разлика од Етиопија, во Бразил неодамна се основани нови плантажи за кафе, често на земјиште создадено со безмилосното отстранување на шумата во Амазон, особено во времето на до неодамна активниот претседател Жаир Болсонаро.
Абебе Мегнекто од здружението на производители на кафе во областа Кафе, кое претставува 13.676 производители, неодамна за „Гардијан” изјави дека директивата менува сè бидејќи „за исполнувањето на критериумите во голема мера е потребна технологија и работна сила што ја немаме”.
Иако начинот на кој се одгледува кафето во Етиопија е многу помалку штетен отколку на други места, нарачките од европските купувачи веќе забавуваат. Тие не размислуваат за економско-социјалните последици што може да ги претрпи Етиопија, туку за тоа дека можат да платат казна во износ и до четири проценти од нивниот промет доколку во ЕУ увезат производи кои не се во согласност со директивата на ЕУ.
Шефот на здружението на производители на кафе во регионот Сидами, Цегаје Анебо, изјави дека клиентите веќе се двоумат дали да го купат своето кафе бидејќи не се сигурни дали производителите можат да ја потврдат нивната усогласеност со директивата на ЕУ. „Размислуваме за диверзификација и отворање други пазари, но за тоа ќе бидат потребни години. Не е едноставно”, изјави Анебо.
Феликс Алерс, основач на „Солин”, германска компанија која годишно увезува 200 тони пржено етиопско кафе тврди дека бизнис моделот на неговата компанија може да стане неодржлив. „Во моментов немаме решение. Се надеваме дека ќе го пронајдеме, но не е јасно како можеме да продолжиме да увезуваме”, изјави Алерс за „Гардијан”. Покрај етиопските производители, штета би можеле да имаат и европските добавувачи.
Извор: www.portalnovosti.com