1019 hPa
83 %
18 °C
Скопје - Сре, 18.09.2024 13:59
Малак Матар (Палестина), Живот украден пред да започне, 2023
Очигледна е непристојноста на фразата „хуманитарна пауза”. Нема ништо хуманитарно во кратката пауза меѓу нападите на ужасно насилство. Не станува збор за вистинска „пауза”, туку само кратко смирување пред да продолжи бурата. Сведоци сме на бирократизација на неморалот, употреба на стари зборови со големо значење ('хуманитарно') и нивно сведување на нови, празни фрази кои го издаваат вистинското значење. Пред да се исчистат остатоците од првите истрели на израелските бомби, бомбардирањето продолжи исто толку сурово како порано.
Зборот „хуманитарен” е сериозно злоупотребен од Западот. Можеби се сеќавате на една друга фраза, „хуманитарна интервенција”, искористена како покритие за уништувањето на Либија во 2011 година, откако легитимноста на западната воена интервенција беше поништена со илегалната американска инвазија на Ирак во 2003 година.
За да ја рехабилитира легитимноста, Западот ги поттикна Обединетите нации да одржат конференција што резултираше со нова доктрина, Одговорност за заштита (R2P), која, иако се тврди дека „обезбедува меѓународната заедница никогаш веќе да не биде спречена во сопирањето на масовните злосторства: геноцид, воени злосторства, етничко чистење и злосторства против човештвото”, наместо тоа, на Западот му обезбеди мандат на Советот за безбедност на ОН (според Поглавје VII од Повелбата на ОН) за употреба на сила.
Нападот на Либија во 2011 година се случи под влијание на оваа доктрина. Маската на хуманитарноста беше искористена за да се уништи либиската држава и да се фрли земјата во нешто што изгледа како постојана граѓанска војна. Никогаш немало ни трага од R2P кога станува збор за израелското бомбардирање на Газа (ни во 2008-09, ни во 2014, ниту сега).
Се чини дека не е важно што повеќе Палестинци се раселени и убиени од страна на Израел од 7 октомври, отколку што биле раселени и убиени во Накба („Катастрофата”) во 1948 година. Ако зборот „хуманитарно” значел нешто во 1948 година, тој сигурно не значи ништо сега.
Како што се зголемува бројот на загинати и раселени, така расте чувството на вкочанетост. Започна со стотина мртви, потоа уште стотина, и брзо ескалира на десетици илјади. Во Ирак, приближно милион луѓе беа убиени во американските напади, а големата смртност и анонимноста на мртвите, парадоксално, го оддалечија Ирак од остатокот од светот. Тешко е да се сфатат ваквите бројки, дури и покрај сведоштвата на сведоците и на многубројните раселени луѓе.
Хана Малалах (Ирак), Грабежот на Музејот на уметноста, 2003
Дел од проблемот е што во меѓународниот свет човечките животи се сметаат со поинакви аршини. Дали Палестинците убиени во Газа беа третирани исто толку достоинствено како Израелците убиени на 7 октомври? Дали на нивниот живот и смрт им се доделува еднаква вредност? Нерамномерниот одговор на овие смртни случаи, заедно со некритичкото прифаќање на оваа нерамномерност, сугерира дека ваквата меѓународна поделба на човештвото останува и не само што е прифатена туку е и овековечена од страна на западните лидери, кои дозволуваат убиство на повеќе темни тела отколку на бели; вторите се гледаат како скапоцени, на првите се гледа како на тела за еднократна употреба.
За време на „хуманитарната пауза“, се случи размена на заложници преку кој Хамас и палестинските фракции ослободија 110 Израелци, додека Израел ослободи 240 палестински жени и деца. Приказните за израелските жртви, од кои многумина беа жители на населбите во близина на оградата на Газа, и други заложници, како што се тајландските и непалските теренски работници, сега се добро познати. Многу помалку дискутирани и многу поретко разбрани се приказните за палестинските жртви. Подеднакво занемарен е фактот дека по 7 октомври Израел започна масовна кампања за приведување над 3000 Палестинци, вклучувајќи и речиси 200 деца. Сега има повеќе Палестинци во израелските затвори отколку пред 7 октомври. Само за време на првите четири дена од примирјето, Израел уапси речиси исто толку Палестинци колку што ослободи преку размената на заложници.
Абдел Рахман ал Музајен (Палестина), Без наслов, 2000
Треба да се напомене дека повеќето (повеќе од две третини) од Палестинците ослободени од израелските затвори никогаш не се обвинети за никакво кривично дело и биле држени во „административен притвор” според правниот систем на војската, што значи дека се држат таму без временско ограничување, „без судење (и) без сторено кривично дело, врз основа на тоа дека тој или таа планира да го прекрши законот во иднина”, како што е дефинирано од организацијата за човекови права B'tselem.
Некои од нив се изгубени во лавиринтот на израелскиот систем на затворање на неодредено време, не можејќи да го остварат ни најосновното право на habeas corpus, без можност за појавување на суд, без пристап до адвокат и без пристап до доказите против нив. Израел моментално држи повеќе од 7000 палестински политички затвореници, голем дел од нив поврзани со левичарски фракции (како што се Народниот фронт за ослободување на Палестина и Демократскиот фронт за ослободување на Палестина). Повеќе од 2000 од овие затвореници се наоѓаат во административен притвор.
Голем дел од овие палестински затвореници се деца. Многумина од нив поминуваат години во израелскиот систем, често под административен притвор, без накви било шанси за ослободување. Меѓународното право за деца во Палестина известува дека секоја година се приведуваат 500-700 деца, а застрашувачкиот извештај од Обединетите нации (УНИЦЕФ) во 2015 година покажа дека Израел целосно ја прекршува Конвенцијата на ОН за Правата на Детето (1990). Членот 37 од конвенцијата вели дека „апсењето, притворањето или затворањето на дете треба да биде во согласност со законот и ќе се користи само како последна мерка и во најкраток соодветен временски период”. Како што покажуваат повеќе случаи, Израел користи апсења како прва мерка и држи деца во притвор долги временски периоди.
Меѓународното право за деца ги проучуваше изјавите од 766 деца, притвореници од окупираниот Западен Брег, уапсени меѓу 1 јануари 2016 и 31 декември 2022 година. Следниве податоци произлегоа од нивната анализа:
Слиман Мансур (Палестина), Затвор, 1982
75% биле изложени на физичко насилство.
80% биле претресувани.
97% биле испрашувани без присутен член на семејството.
66% не биле соодветно информирани за своите права.
55% биле принудени да потпишат документ на хебрејски, јазик што повеќето палестински деца не го разбираат.
59% биле уапсени ноќе.
86% не биле информирани за причината за нивното апсење.
58% биле подложени на вербална злоупотреба, понижување или заплашување за време или по нивното апсење.
23% се задржани во самица заради испрашување во период од два или повеќе дена.
Има илјадници нераскажани приказни за бруталноста нанесена врз палестинските деца. Еден од нив, Ахмад Манасра, беше уапсен на 12 октомври 2015 година на тринаесетгодишна возраст во окупираниот Источен Ерусалим под обвинение дека со нож избодел двајца Израелци: Јосеф Бен-Шалом, дваесетгодишен чувар, и Наор Шалев Бен- Езра, тринаесетгодишно момче, кое го преживеа нападот. Израелските судови првично го прогласија Ахмад за виновен за прободувањето, но потоа го сменија мислењето и рекоа дека неговиот петнаесетгодишен братучед Хасан Калид Манасра, кој беше застрелан на местото на настанот, ги избодел двајцата Израелци. Немаше докази за соучесништво на Ахмад, но тој беше осуден на девет и пол години затвор.
Сè уште во затвор, Ахмад Манасра (сега 21 година) се наоѓа во самица со месеци. Хулуд Бадави од Amnesty International кон крајот на септември рече дека Ахмад „бил одведен во одделението за ментално здравје во затворот „Ајалон”, откако поминал повеќе од две години во самица. Израелската затворска служба побара продолжување на изолацијата на Ахмад за уште шест месеци, што е безобразно кршење на меѓународното право. Продолжената самица која трае повеќе од 15 дена ја нарушува апсолутната забрана за тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување”.
Случајот на Ахмад се одвивал за време на бранот на, како што беа наречени, „напади со нож”, кога млади Палестинци беа обвинети дека со ножеви итале кон израелските воени пунктови, а потоа биле застрелани. Во тоа време истражив неколку од овие напади и открив дека се засновани речиси само на зборовите на израелските војници. На пример, на 17 декември 2015 година израелските војници на контролниот пункт Хувара го застрелале петнаесетгодишниот Абдула Хусеин Ахмад Насасра. Очевидци ми кажаа дека момчето бил смртно застрелано со рацете кренати во воздух. Еден од нив, Насер, ми рече дека немало нож и дека „видел како го убиваат момчето”. На Камал Бадран Кабалан, возач на брза помош, не му било дозволено да го извади телото. Израелците сакале контрола над телото и ширење на приказната што ќе ја раскажат за тоа.
Хаким Алакел (Јемен), од серијата Окото на птицата, 2013
Друга приказна е онаа на дваесет и тригодишниот Анас ал-Атраш во Хеброн. Анас и неговиот брат Исмаил се вратиле дома од еднонеделната работа во Ерихон, а нивниот автомобил бил полн со овошје и зеленчук. На контролен пункт Анас излегол од автомобилот кога му било наложено да го стори тоа и израелски војник го застрелал. Следното утро израелските медиуми објавија дека Анас се обидел да ги убие израелските војници.
Новинарот Бен Еренрајх, кој ја објави приказната со жестока одлучност во име на вистината, ја побарал семејната верзија. Му кажале дека Анас немал никаков интерес за политика. Студирал сметководство и се надевал дека наскоро ќе се ожени. Израелските војници и разузнавачки службеници неколкупати го прашувале Исмаил дали неговиот брат има нож. Едноставно немало нож. Анас бил убиен ладнокрвно. „Ова е дива земја“, му рекол очевидец на Еренрајх. „Немаат срам“, мислејќи на израелските војници.
Логиката на израелската окупација е да се изврши притисок врз Палестинците додека не се случи чин на насилство - напад со нож, да речеме, или дури и фабрикуван напад со нож - и потоа да се користи тој настан како изговор за продлабочување на раселувањето на Палестинците со повеќе нелегални населби. Настаните што следеа на 7 октомври ја одржуваат оваа логика. Израел ги користеше луѓето како Анас, Абдула и Ахмад, и измислените приказни околу нивните наводни злосторства, како причина да го зголеми уривањето на палестинските домови и да ги прошири нелегалните израелски населби, забрзувајќи ја постојаната „Накба”.
Пред десет години се сретнав со професорката Надера Шалхуб-Кеворкијан, која предава на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Шалуб-Кеворкијан проучува како окупацијата произведува секојдневни жртви, од улиците до најинтимните простори на Палестинците. Нејзината книга насловена „Безбедносна теологија, надзор и политика на стравот” (2015) дава увид во индустријата на страв што се произведува и се репродуцира со секојдневното насилство што им се нанесува на Палестинците од доселениците и војската, вклучувајќи ги и тешкотиите со кои се соочуваат Палестинците при породувањето и погребувањето на нивните мртви. Длабочината на насилството и неизвесноста, пишува Шалхуб-Кеворкијан, ги поттикнува палестинските жени да зборуваат дека се „како загушени, задушени или заглавени“ и доведе до тоа голем дел од нивните деца да ја изгубат волјата за живот. Во Палестина има широко распространета социјална траума или она што Шалуб-Кеворкијан го нарекува „социоцид”: смрт на општеството.
Повеќе од педесет години окупација и војна создадоа чудна динамика. Студиите на Еренрајх и Шалхуб-Кеворкијан се како прозорци со појасен поглед во ова лудило. Шалхуб-Кеворкијан, која живее во Ерусалим, ми кажа дека таа е дел од група жени кои ги носат палестинските деца на училиште секој ден, бидејќи е премногу опасно за нив сами да се соочуваат со полицијата и со доселениците, па дури и во друштво на нивното палестинско семејство и пријатели. „Бихафуни!” („Ме плашат!”), ѝ рекло едно осумгодишно девојче со име Мара.
Децата цртаат цртежи на училиште. Едно од нив нацртало кловн, палестински кловн. Кога Шалхуб-Кеворкијан го прашала деветгодишното момче што е палестински кловн, тој објаснил: „Ова е палестински кловн. Плачат кловновите во Палестина”.
Поетот Фаиз Ахмед Фаиз, кој по воениот удар во Пакистан во 1977 година се преселил во Бејрут за да го уредува списанието „Лотус“, со чувство на ужас за маките и борбите на Палестинците напишал:
„Вашите непријатели уништија една Палестина.
Моите рани населија многу Палестини.”
Песната на Фаиз насловена „Приспивна песна за палестинско дете”, напишана за време на израелската инвазија на Либан во 1982 година, ја отсликува реалноста со која се соочуваат палестинските деца денес:
Не плачете деца.
Вашата мајка тукушто се исплака и исцрпена потона во сон.
Не плачете деца.
Вашиот татко штотуку го напушти овој тажен свет.
Не плачете деца,
Вашите браќа се во туѓа земја.
И вашите сестри заминаа таму.
Не плачете деца.
Мртвото сонце штотуку се искапе, а месечината е закопана во дворот.
Не плачете деца.
Зашто ако плачете,
Вашите мајка, татко, брат и сестра
И сонцето, и месечината
Ќе ве расплачат уште повеќе.
Можеби ако се насмевнете,
Тие еден ден ќе се вратат, променети,
да си играат со вас.
Абдул Рахим Нагори (Пакистан), Сабра и Шатила, 1982
Авторот на текстот, Виџеј Прашад е индиски историчар и новинар, и извршен директор на Триконтинентал: Институт за социјални истражувања.
Превод: Елена Митреска
Извор: https://thetricontinental.org