1007 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 21:59
Во животот видов многу снимки и прочитав многу текстови за случаите кога полицијата упаднала во универзитетите за да ги разбие студентските демонстрации. Тие најчесто доаѓале на покана на локалните власти, незадоволни од студентските оази на слободата. Влегувале вооружени, ги претепувале студентите и ги растурале протестите. Управата на универзитетот потоа ќе ги поддржеше студентите, повикувајќи се на принципот на „универзитетска автономија“ (кој не дозволува полицијата таму да интервенира). Тогаш ќе беа сменети членовите на раководството или самите ќе поднесеа оставка. Тоа порано беше вообичаената низа на случувањата.
Во сегашниот бран демонстрации за слобода на говор во САД, ново е што самата управа на универзитетот бара полициска интервенција. Во најмалку еден случај, во Њујорк, и самите полицајци биле изненадени од таквото барање. Мислеле дека тоа ќе биде контрапродуктивно. Ваквиот однос на лидерите на универзитетите би можел да се очекува во авторитарни земји, каде административците се назначуваат од локални моќници за одржување на редот во студентските домови. Тамошните послушни државни службеници, се разбира, би ја поддржале акцијата за „чистење“, на која и онака не можат да ѝ се спротивстават.
Но, администраторите на универзитетите во САД не се назначени од Бајден, ниту од Конгресот. Зошто праќаат полиција против сопствените студенти? Дали се тоа некои настрани луѓе кои мислат дека младите заслужуваат ќотек?
Одговорот е не, не се. Тоа се само луѓе кои се нашле во погрешна работа. Тие не го сфаќаат својот ангажман како служење на традиционално сфатената мисија на универзитетот, како работа што треба да ги пренесе кон помладите генерации вредностите на слободата, моралот, сочувството, воздржаноста, емпатијата, сето она што се смета за пожелно во општеството. Администраторите денес се генерални директори на фабриките што ги нарекуваме универзитети. Студентите се суровина што оди во фабриката. Во годишните производни циклуси, студентите се претвораат во дипломирани студенти. Затоа секое нарушување на производствениот процес е еднакво на прекин на синџирот на снабдување и мора веднаш да се отстрани за да се продолжи со производството. Матурантите треба да се „испорачаат“, да се направи простор за нови студенти, да се пребројат нивните пари, да се најдат нови донатори, да се обезбедат дополнителни средства. Учениците кои го нарушуваат процесот мора да бидат дисциплинирани, ако е потребно и со сила. Полицијата е повикана да воспостави ред.
Администраторите не ги интересираат општествените вредности, туку годишните финансиски извештаи. Нивната работа не се разликува од онаа на шефот на Walmart, CVS или Burger King. Тие радо зборуваат за вредности, „интелектуално предизвикувачко опкружување“ и „живи дискусии“ (и за разни други работи), како што неодамна беше анализирано во една статија во списанието Atlantic. Но, за нив тоа е само промотивен, пригоден начин на говор каков што шефовите на големите компании можат да го произведат и насон. Никој веќе не верува во тие зборови. Но, тие мора да се повторуваат повторно и повторно. Проблемот е што таквата мера на лицемерие во високообразовните институции досега не беше вообичаена, бидејќи на универзитетите, од историски причини, не се гледаше исто како на фабриките за колбаси. Од универзитетите се очекуваше да продуцираат подобри луѓе. Но, во трката за профит и придонеси од донатори, тоа е заборавено. Фабриката за колбаси не смее да запре. Затоа ова е работа за полицијата.
Карикатури: Maarten Wolterink
Превод: Н. Г.
Global inequality and more 3.0, 04.05.24.