1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Родена во 1931 година во Вингам (Онтарио), Манро е прославена ширум светот токму поради нејзините кратки приказни за животот на жените во руралните области, особено во Канада. Своите раскази ги објавувала во списанија од 1953 година, кои подоцна се собрани во нејзината прва збирка насловена „Танц на среќните сенки”(Dance of the Happy Shades), објавена во 1968 година. Набргу потоа, нејзините книги почнуваат да се објавуваат низ цела Америка.
Манро пишуваше за навидум „обични работи”, за комплексноста на човечкото битие, а на виделина изнесе нијансирани и чувствителни приказни за животите на девојките и жените, за триумфите и трагедиите што се случуваат во нивното секојдневие. Таа често ја поврзуваше емотивната реалност со сопствената биографија, воведувајќи ги читателите во моќните вињети од животите на жените во комплексна форма на краток расказ, кога секој збор, точка и запирка се важни, а времето за читање е драгоцено.
Алис Манро беше првата канадска авторка која ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2013 година. Беше прогласена за „мајсторка на современиот расказ”, поради својот начин на пишување со кој го доловуваше „чувството дека сите ние сме само човечки суштества”. Доделувањето на Нобеловата награда се случува една година откако е објавена нејзината последна збирка раскази „Драг живот”(Dear Life). Мaнро ја доби Букеровата награда во 2009 година и двапати наградата „Гилер”, најпрестижната книжевна награда во Канада.
Краток извадок од воведот во збирката „Избрани приказни”, 1996 година:
„Опиена сум од овој пејзаж, од речиси рамните полиња, мочуриштата, грмушката од тврдо дрво, континенталната клима со нејзините екстравагантни зими. Дома сум со куќите од тули, пропаднатите амбари, повремените фарми кои имаат базени и авиони, паркови за приколки, стари цркви оптоварени од талогот на времето, Walmart, и Canadian Tire. Го зборувам својот јазик”.
Други значајни збирки раскази на Алис Манро се „Кои мислите дека сте?” (1978), „Месечините на Јупитер” (1982) „Мојот пријател од младоста” (1986), „Јавни тајни” (1994), „Служба, дружба, додворување, љубов, брак” (2001), „Бегалка” (2004), „Премногу среќа” (2009) и други.
Таа беше редовен соработник на списанија како „Њу Јоркер” и „Тамарак Ревју”. Неколку нејзини раскази се адаптирани за филм, вклучувајќи го и краткиот филм од 1983 година насловен „Момци и девојки”. Беше истакнувана од страна на многумина свои современици, како Салман Ружди, Маргарет Атвуд и Џонатан Френзен, а ја нарекуваат и „канадскиот Чехов”.
Манро зад себе остава фасцинантни приказни за комплексноста и магијата на збунувачкиот човечки живот, прецизни во однос на јазикот, но притоа неверојатно емпатични и топли кон своите ликови, карактеристики што ѝ овозможија да се поврзе со читателите ширум светот.
Нејзината долга писателска кариера, во која речиси шест децении одржуваше високи стандарди, е запишана во книжевната историја и со нетрпение ја очекуваме секоја нова средба со нејзините книги кои продолжуваат да будат љубопитност и да инспирираат.
Извор:https://booksa.hr