Изгубениот град

28.02.2011 11:02
dechirico-528.jpg

 

 

Гилгамеш, сумерскиот кнез и авантурист, се враќа од своите легендарни талкања. Веднаш влегува во водата на одбранбениот шанец, ја завлекува раката во калта и проверува дали темелите на градските ѕидини добро држат. Се плашел, изгледа, дека во меѓувреме неговиот сакан Урук почнал да тоне.

Каква модерна фобија! Сите ние денес – колку знаеме и умееме – проверуваме во каква состојба се наоѓаат темелите на нашиот Град. Се прашуваме, загрижено, дали нашата удобна или барем доволно поднослива урбана цивилизација почна малку да крцка, сама во себе да се руши и да тоне? Постои, навистина, некој вид душевна неудобност при помислата дека нашите непосредни потомци можеби ќе се најдат во непознат свет, во кој зборот град веќе нема да значи ништо одредено. Можеби дури нема ни да постои. Понекогаш ми се чини дека е вистинско чудо што големите мајстори на длабинската психологија и овој прастар страв не го вклучија во списокот на таинствените општествени спреги кои, во текот на овој луд век, толку луцидно ги опишуваа, ги романсираа и со кои немилосрдно нè плашеа.

Ако Гилгамеш, сега, го оставиме настрана или дури и ако и него го примиме во друштвото, останува целосно да важи фактот дека стравот од губењето на градот е меланхолична привилегија на вистинскиот градски човек. Тој потсвесно мора да чувствува дека неговата онтолошка ситуација е неделива од суштината и судбината на градот. Тенките нишки на таа дамнешна – слободно можеме да кажеме – благородна фобија можат да се следат низ митовите, легендите, светите книги и верските учења. Но, и во модерниот, дури и во постмодерниот вид, необликуваниот, елементарен гилгамешки „страв од губењето на градот“ наведе еден, денес полузаборавен чудак некаде на преминот од вековите да изложи своевидна теорија за црната судбина на градот. Неговото фасцинантно пророштво е изразено во познатата формула:

полис
метрополис
мегалополис
некрополис.

Според песимистичката градација на Патрик Гедес, „полисот“, прединдустрискиот град, се растопува и исчезнува во метрополисот. Метрополисот исчезнува во темните магли и чадот на индустрискиот мегалополис, но и мегалополисот, очигледно, самиот себе, порано или подоцна, ќе се задуши. А потоа... потоа на ред би дошло нешто многу злокобно, означено како „некрополис“.

(...)

Застрашувачката семантика на тешкотијата

Пред четврт век се поигрував со сликите и поимите, па напишав дека Ахил, во свет бес, трипати трчал околу ѕидините на Троја, а на Хомер тоа воопшто не му изгледало необично.

На модерниот Ахил, додадов, би му требало барем трипати повеќе време за со хеликоптер да го прелета Токио. Сега морам да се коригирам. Дури и брзината на хеликоптерот малку да се зголемила, замисленото траење на патувањето би требало барем тројно да се зголеми. Токио во меѓувреме се спои со уште два пати по два нешто помали, но мошне големи чудовишта; се спои со градовите Кавасаки-Јокохама и Фунабаши-Чибао. Па сепак, според некоја необјаснива инерција, и за Троја и за Токио сè уште ја користиме истата одредница и ги нарекуваме градови.

Секој, и ден-денес, за Сан Џиминјано, гратче од неколку илјади жители, ќе рече дека е град – како што тоа и навистина е. Но, малку повнимателниот урбанолог барем за миг ќе застане ако изградената област на Лос Анџелес треба, без дополнителни објаснувања, да ја нарече град... Кога станува збор за Сан Франциско, меѓутоа, нема да има забуна. Изрично – тоа е град, и тоа каков! Квалификативот важи дури и за значително пошироката градска област. Секако дека е загадочно тоа што една мастодонска агломерација (една од ретките, всушност) ги има сите атрибути на метропола, а друга ги нема. Решавањето на загатката би нè одвело во, секако, интересните сфери на урбанолошката метафизика, а јас таквото патување би го оставил за некоја друга пригода. Монструозните градови од Третиот свет истовремено и ја потврдуваат и ја надминуваат градацијата на Гедес. Голем број од нив, во Латинска Америка, на Индискиот потконтинент, на далечниот и Далекиот исток, според бројот на жителите не заостануваат многу зад најголемите градооблици на економскиот и технички развиениот свет. Но, тоа се мегалополиси со слаба техника и преобилна човечка беда. Во непрекинатиот фебрилен процес на исчезнување и настанување, тие, како некакви митски чудовишта, се јадат самите себеси, па од сопствените отпадоци повторно се раѓаат и понатаму незадржливо растат.

(...)

Разбивање на архетипот

Натрупувањата не мора секогаш да изгледаат трагично. Ќе наведам една ситуација од пред четврт век. Моите процени денес можат да бидат сосема побиени, но сепак да се задржиме на теориската можност како таква. Рандштад Холанд во еден миг беше вистинска изложба на мали, поголеми и големи историски градови. Тој некогаш привлечен assemblage беше пришиен и составен со нишки на сосема пристојно живеење и со сè уште еколошки безопасна индустрија. Речиси истовремено конурбацијата во сливот на веќе во голема мерка загадената река По не нудеше оптимистички глетки. А и таму, еден по друг, се нижеа убави и тоа колку скапоцени градови. Нивните имиња, токму како и во Холандија, будеа низа благородни асоцијации. Човек можеше да се присети на затреперените патници романтичари кои во текот на минатиот век патуваа по оваа класична маршрута. На секој од овие градови можеше да му се пристапи со страхопочит. Можеше љубопитно, како некој физиогномичар, да ги испитува градските силуети, пред да се одлучи свечено да влезе во градот. Но, денес дури ни симболичните граници меѓу градот и не-градот веќе не постојат. За да се стигне некако до центарот, се минува низ чистилишта, по кои патникот воопшто не се чувствува исчистен, туку длабоко потиштен, па и понижен.

Славното поглавје од патописот на Гете е насловено Од Верона до Венеција. Сега предлагам една мала игра. Замислете дека некој ви ги заврзал очите и ве спуштил некаде на средината од оваа етапа, некаде, на пример, меѓу Виченца и Падова. Ви ги одврзува очите и ви вели да погодите каде се наоѓате. Но, вие некако сте ни ваму ни таму, некаде на средината меѓу два делумно споени градови, па тешко ќе одредите дали сте во една или во друга историска, стилска, ако сакате, и психолошка градска сфера. Сè што можете да видите е практично архитектонски неозначено – и асфалтот, и неонот, и кафулето, и пицеријата, и заморната конфекција на станбената архитектура. Конечно, не сте сигурни дали воопшто се наоѓате во град, без разлика на наброените стандардни атрибути.

Ситуацијава, за жал, е сè почеста. За уште денес низ меѓуградот да се стигне до вистинскиот град, или до „убавиот град“, понекогаш се потребни вистински екскурзии. Треба да се упатиш на патешествие подолго отколку што некогаш било патувањето од Падова до Виченца, или дури од Верона до Венеција.

Овој замислен експеримент покажува дека за преморениот жител правото на уживање во сопствениот град е многу релативно. Уживањето во текстот на градот, во убавините на ракописот, во тајните натрупани пораки, сè повеќе излегува од областа на допирливата, сетилна стварност. Пред вечните градски патници се испречуваат дистанци кои не можат лесно да се совладаат; не се ни осмелувам да кажам: во текот на една опуштена прошетка.

Телевизиска парафраза

Како некој вид утешна награда е сè поамбициозната медиумска апстракција. Отприлика вака: седите во соба и зјапате во екранот на телевизорот. Својот изгубен град го откривате во распарчените синегдохи. Со незабележливата измама на телеобјективот го откривате во долго чеканите соодноси на светлината и сенките врз влажните фасади. Го откривате во фериите на градските старински покриви и оџаци, доколку веќе не се уништени со растот на ТВ антените. Во секој случај, станува збор за глетки кои без посредството на камерата би останале привилегија само на занесениците. И така сликата, малку по малку, се составува од своите делчиња и се создава како град во сон. А потоа камерата ве фаќа за рака и со помош на зумот, токму како Петер Пан, ве учи да лебдите и да летате. Ве наговара понорно, а сепак без вртоглавица, да проникнете во длабочините на градските артерии и како птица да летате околу плоштадите и раскрсниците по кои инаку, во текот на денот, не би се осмелиле да стапнете.

Не велам дека телевизиското прераскажување на градот не е скапоцено. Може дури и да биде извор на сосема неочекувани откритија. Но јас, понекогаш, би се ослободил од телевизиската дидактика. Неретко посакувам од собата да излезам на малата, но жива градска сцена, па ако нешто од неа вреди да биде видено или запаметено, ќе се задоволам и со поскромни дијаграми на движење и поскромно присвојување на просторот од тоа што го нуди телевизиската Мери Попинс.

Еве една вистинска мудрост на еден мој професор: „Градот треба да се вдиши!“ Таквата можност не ни ја нуди ниту малиот, ниту малку поголемиот, ниту најголемиот екран. Дури и ако мајсторите на илузиите своите идни пронајдоци ги доведат до целосно совршенство и во нашите станбени кабини воведат ветриња со кислород и мириси на влажни дрвореди, или илузии на чад од дрва, сепак во рамките на таквата надстварност ќе се најдеме сами со себеси. Ниту највештите медиумски синестетски мајстории не можат да ја заменат средбата на човек со човек во вистинскиот градски простор.

Изгубениот град, кој телевизијата се обидува да ни го врати, потсетува на „идеалните градови“ на ренесансните уметници и воени инженери. И тука имаше блескави дијаграми без луѓе, рамки без реални случувања, па секому по негова волја му беше оставено да се замислува и себеси и другите како што му се допаѓаат. Но, ренесансните мајстори можеле да ги остават на масата цртежите на идеалните градови и да излезат на улица, на градскиот плоштад, и некаде да се загубат по ќошињата на својот неидеален град, уживајќи во сите негови мани и доблести. За секоја животна ситуација им била обезбедена поттикнувачка сценографија.

Поимот градска сценографија не го користам во фриволна смисла. Онаму каде што има сценографија има и сцена; онаму каде што има сцена има и игра, има дејствие, има и драмски и комедиографски дијалог, а ќе се роди и некоја мудра мисла. Основното прашање веќе е доволно дефинирано. Дали денес воопшто сме способни тука некаде под своите прозорци да создадеме поттикнувачки градски простори за игрите на средбите и разбирањата?

Слики: Џорџо де Кирико

 

ОкоБоли главаВицФото