1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:41
Сакам да размислувам за родот како за галаксија, да се замислувам себеси како мала ѕвезда која лебди во неа, наведе на својот профил на Инстаграм победникот на Евросонг, Немо Метлер. Со тоа младиот швајцарски рапер им се придружи на низа други познати личности кои се идентификуваа како небинарни, а меѓу нив се и Деми Ловато, Сем Смит, Ема Корин, Жанел Моне, Бела Ремзи, Аманда Стенберг, Ема Дарси... Небинарна личност е и Бамби Реј Робинсон (Bambie Thug), ирската претставничка во Малме.
„The Code зборува за патување започнато со спознанието дека не сум ни маж ни жена. За мене барањето на себеси беше долг и често тежок процес. Но ништо не е подобро од слободата која дојде со спознанието дека сум небинарна личност“, објасни Немо, кој се декларира како „they/them“, односно „тие“. Јас сум само Немо“, наведе.
Хрватското здружение Семејството на виножитото наведува дека „бинарноста“ е општествено конструиран систем кој го гледа родот како спротивност на двете категории, „машката“ и „женската“, и отфрла постоење на некој друг род. „Бинарниот систем на родот е неточен зашто не ја вклучува разновидноста на родовите идентитети и родовите експресии на сите лица. Бинарниот систем на родот ги угнетува сите поединци кои не се конформираат со доминантните општествени родови норми“, порачаа од здружението, наведувајќи ја и дефиницијата за небинарните лица. Станува збор за личност чиј родов идентитет не се совпаѓа со родот кој ѝ е припишан со раѓањето. Небинарните лица исто така можат, но не мораат да се идентификуваат како „трансродови“.
Го прашавме д-р Горан Арбанас, форензички психијатар и сексуален терапевт од Заводот за форензичка психијатрија Врапче, кои се небинарните лица. „Личноста може да се чувствува како андрогена, односно да чувствува дека може да има и машки и женски особини истовремено. Или може да се чувствува така што ќе мисли дека сите карактеристики и особини што ги има не се ни машки ни женски, туку неутрални. Значи, која било комбинација на родот кој не означува јасна дистинкција помеѓу машкиот и женскиот е небинарна, како двајцата пејачи од Евросонг“, вели д-р Арбанас кого го прашавме како треба да им се обраќаме на небинарните лица.
„Како што сакаат тие, некои бараат да им се обраќаат со „она“, некои со „оние“, но има и небинарни лица на кои им е сосема во ред да им се обраќаме во машки или женски род“, толкува докторот. Американскиот национален центар за трансродова еднаквост (НЦТЕ) наведува дека небинарните луѓе не се ништо ново: културите и општествата ширум светот ги признаваат небинарните идентитети со векови. Небинарните лица, како што наведуваат, не се збунети од својот родов идентитет и не следат некоја „нова мода“. Некои, но не сите, небинарни луѓе се подложуваат на медицински постапки со цел нивните тела да бидат ускладени со нивниот родов идентитет. Иако на сите небинарни луѓе не им треба медицинска заштита за да живеат исполнет живот, таа за многумина е спасоносна.
„Најпознатата појава ни доаѓа од Индија, каде некои небинарни лица се сметале за свети, а во хиндуската култура дури и ги повикуваат при осветување на домовите или дете кога ќе се роди, така што тоа навистина не е ништо ново“, заклучи д-р Горан Арбанас. А како што посочува американското здружение, не морате да го разберете значењето на небинарното за да ја почитувате различноста.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.vecernji.hr/