1016 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 03:59
Има една чудна и смешна изрека: „во Србија немој да играш, во Босна немој да пееш, а во Македонија немој ни да играш, ни да пееш“. Аналогно на тоа, во Кавадарци оној кој ќе се реши да има самостојна изложба или е многу храбар или навистина има што да покаже. А на Драги Хаџи Николов (роден Гевгеличанец, 1956 годиште, дипломиран сликар на ФЛУ во Скопје) воопшто не му е потребна никаква храброст за да се претстави како уметник во градот од каде што потекнуваат нашите сликарски великани - Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Ана Темкова (но и Љубица Андреевска Љупка, една од нашите најзначајни уметници „наивци“). Се разбира, во оваа средина би било срамота некој да се појави некој автор туку-така, без доволни квалитети и недостоен за реномето и дигнитетот на споменативе уметници горостаси кои воедно се и наша национална гордост. Преку нив кавадаречката ликовна публика има изградено високи стандарди и со право очекува да види квалитетно, зрело и вистинско творештво со трајни вредности.
Но факт е дека актуелново време не е наклонето кон ваков вид уметност бидејќи се „преферираат“ трендови, појави и тенденции кои ја губат, ја девалвираат и ја отфрлаат традиционалната смисла на ликовноста. Визуелната уметност веќе одамна не е она по што ја распознававме и ценевме. Впрочем, и општеството и светот веќе не се онакви какви што нè учеа дека треба да бидат, онакви по кои копнеевме и се надевавме дека само што не се оствариле нашите соништа и надежи. Се добива впечаток дека сме сведоци на драстични промени, но, за жал, со надолен, деградирачки и ретрограден тренд. Наспроти техничко-технолошкиот напредок, во другите сфери изгледа како да надојде некој премногу ерозивен бран што ги руши етичките, моралните, хуманите и сите други вредности. Во секојдневието сме сведоци на деструктивност и изопаченост (еве, најтазе, нешто слично видовме и на некои настапи на Евровизија). Лесно е ова да се некои спорадични и занемарливи патеки, ама некако постепено сè повеќе околу вакви појави орбитираат приврзаници.
Укажаната повторна прилика за да се искажат ставовите за творештвото на Драги Хаџи Николов е можност да се потврдат, дополнат и делумно или пак целосно да се изменат претходно изнесените размислувања, убедувања и констатации. Дури и со апсолутна решеност за трпеливост и непристрасност, концетриран напор за внимателнст при набљудувањето и анализирање, а не само со пристап како попатна (каква-годе, на брза рака) бегла опсервација на делата од најновиот опус, се овозможува чувство на пријатност што и после дведецениска дистанца сè уште е одржлив искажаниот респект. Веќе апсолвираното тематско-мотивско подрачје нераскинливо сраснато со искрената, длабока духовна поврзаност со авторовото битие, интимното доживување и чувствување на етнофолклорното подрачје како магнетен и магичен круг, генетската припадност, вклопеноста и надоврзувањето врз традицијата, вековните корени и поднебјето остануваат константа на инспиративните поттици. До авторовата непоколеблива припадност на „старата добра сликарска школа“ која се потпира на благотворните поуки од академизмот, проверените и долготрајни вредносни компоненти содржани во мајсторството на изразот имуно на трендовското секојдневие, воопшто не допреле некои актуелни, но често и брзоплето „стокмени“ минливи појави. Задлабочен во неисцрпната, богата ризница исполнета со драгоцености депонирани во трезорот за иднината, во тој неисцрпен и непресушен мајдан бликнува инвентивна вруточна вдахновеност. Низ стабилна, постапна, одмерена и етапно градена сликарска постапка, следејќи ја доследно идејата на примарниот поттик, потпирајќи се на движечката емотивна супстанца, низ мајсторски, маестрално воден создавачки процес, замислата се оживотворува во восхитувачка визуелна сензација налик на некогашните композициски аранжмани вообичаени за некои свечени прилики. Освен благородноста на ваквите одлики, поради присутноста на одделни елементи со реликвиско и световно значење (кандило, библија, црковни книги, икона, путир и друг богослужбен прибор) во сликите на Аџи провејува возвишена духовност. Широкиот репертоар од разни предмети на претставувањето (најчесто бакарен ѓуѓум, тепсија, тава или поте /чаша/, месинган аван, сребрена пафта, дрвен бутин и кондир за вино, ткаени черги, килими и др.) кои веќе одамна ја изгубиле својата функционалност и употребна смисла за постоење, остануваат единствен уметников интерес за веродостојна творечка активност. Наместо неми музејски експонат или декор/објект во нечиј ентериер на малобројни сладокусци и вљубеници на старини, во новата средина веќе не се само „записи“ (како што авторот скромно ги именува) туку вистински сликарски бисери.