Рецензија на „Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето” од Огнен Чемерски

17.05.2024 09:01
Рецензија на ,,Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето” од Огнен Чемерски

„Моби Дик или Китот” е една од највлијателните и најиновативните книги во светот на книжевноста. Многумина го сметаат ова дело како премногу напредно за своето време (напишано е во деветнаесеттиот век), па дури и за сегашното, современо, и тоа со причина. Авторот Херман Мелвил употребува наративна структура во која инкорпорира повеќе различни техники за раскажување како што е раскажувањето во прво лице, менувањето на перспектива, опширни објаснувања кои даваат дополнителни информации за главното дејствие, па дури и поезија во одредени делови. Тој исто така комбинира повеќе жанрови со елементи на филозофија, авантура, трагедија и алегорија. Мелвил воведува голем број единствени зборови (околу двесте) и користи терминологија и вокабулар специфичен за морепловството, поморскиот живот и китоловството, првенствено со употреба на иновативни кованици (пр. Pequod) и архаични изрази (пр. avast; hark!). Сето ова е само мал дел од комплексноста и иновативноста што владеат низ страниците на „Моби Дик”, кој секој преведувач неизбежно мора да се обиде да го совлада за да го преслика мајсторството на Мелвил.

Овој процес Огнен Чемерски детално го објаснува во својата книга - или подобро кажано труд поделен во шест дела - „Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето” (Полица, 2023), каде тој на прекрасен начин ги потенцира и обликува сите предизвици, авантури, доживувања, сите позитивни и помалку позитивни аспекти со кои се соочил во своето децениско патешествие при преведувањето на делото. Би рекол дека клучен збор е токму зборот децениско бидејќи Чемерски одвоил нешто повеќе од десет години за да го преведе Моби Дик, и во ова дело презентира како, доколку на преведувачот му е овозможено вистински да се посвети на преводот и да го прошири целосниот процес на истражување и собирање повеќе информации, може да резултира со ништо помалку вредно од ремек-дело. Како што вели самиот, преку макотрпниот процес на дробно и неограничено истражување може да му се дозволи на македонскиот јазик да комуницира со англискиот – што всушност треба да биде целта на секој преведувач.

Исклучително голем предизвик е да се преведат термините, кованиците и архаичните зборови што се јавуваат во Моби Дик бидејќи тие едноставно се создадени во духот на англискиот јазик. Огнен Чемерски го прифаќа овој предизвик и успева да најде решенија кои се детално пребарани и посветува огромен број на часови за да се дојде до соодветната опција во целниот македонски јазик. Во неговиот труд неизбежно може да се забележи и пораката дека преведувачот мора да се труди да избегне од границите и канџите на буквалниот превод, кој најчесто се јавува како резултат на слепото читање и верување на оригиналот или на други слични преводи.

Па така, во првиот дел од книгата дава примери како се ширело користењето на зборовите помеѓу полуобразованите морнари кои ,,слушнале недослушнале”, па како резултат на тоа се формирале нови зборови. Ова претставува навистина комплексна задача за преведувачот, но и исклучително интересна ставка за читателот, бидејќи на овој начин јазикот се селел од копно на брод и го менувал своето значење. Како за пример, значењето на sheet – чаршав, во морепловската терминологија се претворило во вид на јаже, па така Чемерски дава повеќе опции: узда, оглав, шкота.

Чемерски прави и прекрасна рецензија и подробно истражување на преводот на Свето Серафимов на истото дело од 1982. Како еден поинтересен сегмент од овој дел би ја издвоил интертекстуалноста, односно преводот на одредени имиња како што се Ахав (Ahab), Фалек (Peleg), Вилдад (Bildad) и Осија (Hosea) кои се библиски имиња и кои суптилно алудираат кон библиската приказна зад нив, што не е случај во преводот на Серафимов, бидејќи не се преведени онака како што се во Стариот завет, според македонскиот изговор. На овој начин успева да се сочува книжевната традиција и се задржува сржта на текстот, она што преведувачот треба да се стреми да го долови.

Поврзано со ова, за пример би го дал и случајот со името Davy Jones. Чемерски за соодветен превод на ова име го дава Јона Таласам бидејќи Јона е преводот на библиското име Jonah/Jonas додека пак Duffy/Davy е блиску со значењето со зборот дух кој влевал страв кај морнарите и им ги земал душите, па така Чемерски го презема турскиот збор таласам од творештвото на Марко Цепенков како најсоодветно, особено бидејќи е и фонетски поприспособена варијанта, и го добива Јона Таласам. Со ова тој создава одредени критериуми за одредени термини, кои навидум не се присутни во еден јазик, но сепак може да се преведат соодветно, а притоа и да ги задоволат тие критериуми со цел, како што напоменав, преводот да е во духот на целниот јазик. Поставувањето на ваквиот вид параметри според мене е совршен пример колку еден преведувач треба да се посвети на преводот и доловувањето на целосното значење.

Во однос на преводот на Свето Серафимов, тој посочува повеќе начини како еден преведувач може да го скрати или, погрубо кажано, да го осакати оригиналното дело со тоа што ќе користи еден ист превод за повеќе синоними. Тука ќе издвојам само неколку примери, и покрај тоа што во книгата има навистина безброј детално обработени и објаснети термини и целосниот процес како Чемерски стигнал до завршниот продукт. Па така: bow, vows, prow, stem, head и force во преводот на Серафимов се преведени како прова, или пак зборот stern во некои делови е преведен како назад, во други пак како кормило – најверојатно преземени од српскиот превод на делото од Милан Недиќ. Ваквите преведени термини претставуваат некаков вид на кратенка бидејќи не се директен превод на оригиналот туку на друг превод (т.н. превод на превод), при што во овој случај македонскиот превод може да биде уште повеќе осакатен, особено ако преведувачот се држи стриктно до ваквите несвесни грешки, превидите или делумни решенија. Чемерски сепак ова го претставува доста впечатливо и на привлечен, а воедно и брутален начин, при што сака да ги илустрира ризиците од придржувањето кон овие кратенки.

Тој исто така споменува и неколку теоретски концепти поврзани со преведувањето, кои се значајни за секој македонски преведувач, како што се матрицата на преводливост или очудувањата на Драги Михајловски. Истите и ги применува, па така во последниот дел од петтото поглавје нуди неколку очудени решенија за термините gum, pilot, to sound и други, секако притоа пружајќи цврста поткрепа за изборот. Во текот на целиот труд ги разгледува буквално сите аспекти на морепловството и терминологијата почнувајќи од сите споменати видови на бродови, брановите, морепловците, јарболите, па се до нивниот погон, механизам за управување и најдеталните делови од бродовите (поточно корабите). Сето ова придонесува кон фактот дека ова дело е ризница исполнета со термини за светот на морепловството.

На крајот тој едноставно нѐ остава со превод кој, во однос на квалитетот, не спаѓа во иста класа со единствениот друг превод на ова комплексно дело, особено кога сме сведоци за тоа колкав труд е вложен само во процесот на собирање податоци за често прекомплексните термини и концепти. Како заклучок би издвоил и дека, според мене, секој преведувач треба да ја има оваа книга во својата домашна библиотека. Во неа Огнен Чемерски на исклучително живописен и интересен начин го доловува и пренесува есенцијалниот нуклеус на преведувачката професија – неограничената љубопитност и постојаната информираност. При тоа поставува и пример со колкава посветеност треба да дејствува еден преведувач.


Слики: Rockwell Kent