Истакнати права на гордост

17.05.2024 13:48
Истакнати права на гордост

 

Во месецов мај, некогашниот месец на Маршалот Тито (на 7 мај беше неговиот вистински роденден, 25 мај се славеше како ден на младоста и негов „службен“ роденден, а на 4 мај почина), во кој веќе навикнавме да се одбегнува споменот на неговото име, тивко отпатува во вечноста уште еден југословенски горостас, српскиот писател и преведувач Иван Ивањи, а само неколку денови порано случајно го гледав како го дава своето последно интервју на телевизијата Н1. Во својата 96. година од животот тој лесно, речито и виспрено го раскажа својот живот, во кој го преживеал прогонот на Евреите во детството, својата 15-та година ја протуркал во Аушвиц, во социјалистичка Југославија бил новинар, преведувач, плоден писател преведуван на повеќе светски јазици, а две децении од кариерата бил преведувач на Јосип Броз Тито. Кога интервјуистот го прашува за неговите сеќавања за Тито, Ивањи неоптоварено, како да едри низ редок планински воздух, одговара дека Тито бил епски лик поголем од Крале Марко, а неговата величина, углед и значење на планетарно ниво можеше најдобро да се види во односот на светските лидери кон него, буквално на сите лидери, премиери, шефови на држави, кралеви и цареви, од тоа време.

„Тоа требаше да се доживее за да се сфати“, раскажува живо Ивањи за неговото искуство од основачката конференција на КЕБС 1975 (денешното ОБСЕ) во Хелсинки, која се одржувала во сè уште новата конгресна зграда, наречена Финландија, проектирана од светски познатиот фински архитект Алвар Алто. Елем, пред самиот почеток на самитот на 35 шефови на државите основачи и нивните дипломатски тимови, сите присутни се тискаат во фоајето на салата, непредвидена да збере толку луѓе, и тоа на начин „што човек не можеше да се напие кафе, а едниот лакот да не му е во брадата на Макариос“. И во тој калабалак, кога влегувале „најголемите“, Брежњев, водачот на СССР, или претседателот на САД, Форд, нивните телохранители морале со лактови да им го раскрчуваат патот меѓу премиерите и претседателите на „помалку важните“ земји. Но, кога ќе се појавеше Тито, „масата луѓе се раздвојуваше како да е библиското Црвено Море, сите му се тргаа од патот и му се поклонуваа на Тито“.


Кој не е убеден од сеќавањата на Ивањи, нека провери во исказите на Будимир Лончар, кој деновиве наполни 100 години живот, а бил југословенски партизан од 1942 година, по војната дипломат што кариерата ја почнал како конзул во новооснованите Обединети нации, потоа бил во врвот на сојузниот секретаријат за надворешни работи и во многу дипломатски мисии го придружувал Тито, а завршил како последен министер за надворешни работи на СФРЈ. Тој се сеќава дека претседателот Тито бил доминантна фигура секогаш кога присуствувал на Генералното собрание на ОН заедно со сите претседатели на земјите членки, и бил недвосмислено најценет светски политичар во планетарната борба за ослободување на народите и во глобалниот процес на деколонизација.

За крајната почит што светската политичка елита му ја оддаваше на Тито постои и филмски запис што може да се најде на интернет, за Титовото обраќање на генералното заседание на ОН 1963 година, објавено од British Pathe. Така што, кој не им верува на великаните, може со сопствени очи да се увери во односот на светската политичка елита кон Тито: како У Тант, тогашниот генерален секретар на ОН, истрча да го пречека Тито пред зградата на ОН во Њујорк, а кога влезе да му се обрати на генералното заседание буквално сите присутни шефови на држави, премиери и делегации, рипнуваат како по команда, и со бурен аплауз стоејќи го поздравуваат нашиот Маршал.


Изјавата на Коча Поповиќ, предвоениот париски надреалист, легендарниот командант на Првата пролетерска бригада и долгогодишен министер за надворешни работи на социјалистичка Југославија, е сепак најпикантниот податок за државничкиот углед што Тито го уживаше во целиот свет. „Со Тито сум бил кај 290 шефови на држави, влади или суверени. 289 од нив водеа белешки за тоа што зборува Тито. Само Черчил не беше со пенкало в рака“. Треба ли да се каже и збор повеќе?

Конечно, кажано е многу пати, и јас самиот веќе го напишав повеќе од еднаш, но повторно не можам да му устојам на искушението да не ги пренесам податоците за најголемиот погреб во историјата, по смртта на Тито на 4 мај 1980. Елем, тој ден знамињата на Бакингемската палата, Капитол Хил, Кремљ, Елисејските полиња, Хофбург и секаде по светот беа спуштени на половина копје, ви се верува? По прв и последен пат во историјата на ОН, беше одржана седница со само една точка на дневниот ред – одбележување на смртта на Тито. Во повеќе од 80 земји во светот беа прогласени повеќедневни денови на жалоста, од кои не мал број прогласија дури седумдневна, четири и тридневна жалост. На погребот во Белград присуствуваа 209 делегации од 128 од вкупно 154 земји во светот, 31 претседател на република, 4 крала, 6 принца, 22 претседатели на влади, 47 министри за надворешни работи и 11 претседатели на националните парламенти. За првпат и единствен пат во историјата во Ватикан и во сите католички катедрали на планетата ѕвонеле камбаните и се служеле миси задушници за најславниот комунистички водач на најмоќното движење на отпорот против нацизмот и фашизмот, на единствениот политички водач што во миговите на нивната најголема моќ им се спротивставил и на Хитлер и на Сталин.


Денес, кога со светот владеат интелектуални и политички чивави и ситни глодари, неодговорни инфантилци, дементни старци и други малоформатни ефемерници, а чувството на почит или вредноста на авторитетот, достоинството и примерот веќе воопшто не е присутно во јавноста, угледот што нашиот тогашен претседател и таткото основач на македонската држава го уживаше во светот е вон моќта на поимањето. А својата грамадност Тито не само што ја носеше лесно, туку и ја делегираше на сите нас, милионите Југословени, што пак мислевме дека гордоста што ја носевме со себе – заслужена и разделена од Тито и неговите партизани – е како претходно стекнато право, за кое ништо посебно не требаше да се потрудиме, а кое ни припаѓа според вселенскиот поредок на ѕвездите. Европа (поранешната фашистичка) ја гледавме со толерантен презир, кон славјанските земји одгледувавме пријателско сочувство, а кон третиот свет солидарност и емпатија, но сите ние паори се чувствуваме како да сме на Еверест и сите ги гледавме со милозлив поглед надолу.

Се разбира, по смртта на Тито, југословенските народи му се оддолжија на својот создател што ги дигна на светскиот врв на успешни општества. Да, особено Македоња Вечна, која Маршалот Тито во огновите на Втората светска војна со неповторлив алхемиски трик ја претвори од ништо во нешто, од маларична вукојебина во република, од куп прегорени овчи брбушки во држава, му се заблагодари на својот Творец со тотално бришење на неговото име и дело од површината на библиската земја. За неверојатната вселенска среќа што овој политички гигант од светски маштап ѝ стана татко основач на македонската држава, во која се еманципирани и пуштени да процутат македонската нација, јазик и култура, библискиот народ на својот Творец му се оддолжи со срамно молчење и со една полиуретанска скулптуричка обоена со златна боја за ќунци, илегално поставена од група на ентузијасти.


Но, нашата благодарност тука не застана: во пресвртната 1990, по 45 години незапаметен развој, во кој заштитени под Титовото крило добивме државност, јазик, култура, писменост, универзитети, академија, филхармонија, национален архив, музеи, индустрија, стопанство, станбен фонд и градови, и тоа по највисоките светски стандарди, првото што библискиот народ го стори е да ѝ даде мнозинство на ВМРО, фашистичката партија основана од бугарската тајна полиција во 1920 година со една единствена цел: да ја присоедини Македонија кон бугарската матица. Без око да ни трепне ѝ ја дадовме Републиката на злосторничката организација чиишто членови соработуваа со бугарскиот фашистички окупатор, и во Втората светска војна беа поразени и згазени од Тито и неговите македонски партизани.

Но, како што видовме, Македонците сè уште гласаат за нив: зарем тоа не е медицински случај не само на фатален дефект на човечноста, туку и на ментално нарушување поради кое се прогласува деловна неспособност, се разбира, на национално ниво?


Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја
Книжевност / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото