Протести на очајот

20.05.2024 03:05
Протести на очајот

Ова се луди времиња. Се чини дека библиските пореметувања во природата, како што се обилните дождови во Дубаи или масовниот помор на рибите во прегреаниот резервоар во Виетнам, ги одржуваат нашата прегреана политика и општественото опкружување.

Во такви моменти е од клучно значење да се биде сталожен и да се анализираат сите тие чудни феномени одблиску, пообјективно и понепристрасно. Денес има малку феномени кои се почудни од протестите против израелското бомбардирање и инвазијата на Газа во одговорот на терористичкиот напад на Хамас во октомври минатата година.

Треба да ја согледаме реториката на некои политизирани муслимани, како оние кои неодамна демонстрираа во Хамбург во Германија, извикувајќи Калифатот е решение. И треба да признаеме дека, и покрај масовното присуство на Евреите на протестите, меѓу демонстрантите има барем неколку тврдокорни антисемити (како што и во Израел има геноцидни манијаци).

Додека многу коментатори ја забележуваат сличноста помеѓу актуелните пропалестински демонстрации и студентските протести во 1968-та против војната во Виетнам, италијанскиот филозоф Франко Берарди укажува на една значајна разлика. Барем реторички, демонстрантите од 1968-та изрично се идентификуваа со антиимперијалистичката позиција на Виетконг и поширокиот, позитивно социјалистички проект, додека денешните демонстранти мошне ретко се идентификуваат со Хамас, и наместо тоа „се идентификуваат со очајот“.

Како што вели Берарди: „Очајот е психолошка и културолошка одлика која ја објаснува распространетата идентификација на младите со Палестинците. Мислам дека повеќето студенти денес свесно или несвесно очекуваат неповратно влошување на условите за живот, неповратни климатски промени, долготраен период на војна и заканувачка опасност од нуклеарна ескалација на конфликтите кои се во тек на многу точки на геополитичката карта.“

Тешко е подобро да се објасни актуелната ситуација. Опсцено репресивната реакција на властите на протестите ја поддржува хипотезата на Берарди. Суровите пресметки не се мотивирани од никаков страв дека протестите ќе создадат ново политичко движење; напротив, тоа се изрази на паника - залудно одбивање да се соочиме со очајот кој ги проткајува нашите општества.

Знаците на ваквата паника се насекаде, па дозволете ми да понудам само два примери. Прво, кон крајот на минатиот месец, дванаесет американски сенатори испратија писмо до Меѓународниот кривичен суд со закана за санкции ако судот реши да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Иако тоа беше исклучиво републикански потфат, администрацијата на претседателот Џо Бајден исто така врши притисок на Меѓународниот кривичен суд да не ги обвини израелските функционери за воени злосторства сторени во Газа. Таквите закани ја сигнализираат пропаста на заедничките глобални вредности. Иако тој идеал секогаш донекаде беше лицемерен (на пример, САД одбија да му се придружат на Меѓународниот кривичен суд), владите барем начелно го поддржуваа.

Вториот неодамнешен пример го поткрепува истиот заклучок. На 4-ти мај Франција (почитувајќи ја забраната која ја издаде Германија) му го забрани влезот на Гасан Абу-Сити, британско-палестински хирург кој во францускиот Сенат требаше да зборува за она на што бил сведок додека ги лекувал жртвите на војната во Газа. Со толку гестови на цензура и маргинализации кои се одвиваат пред нашите очи, веќе не е претерано да се каже дека нашите демократии се распаѓаат.

Сите знаат дека ситуацијата во Газа е неприфатлива, но многу енергија се вложува во одложувањето на онакви интервенции какви што бара кризата.

Еден од начините да се излезе од ќорсокакот е да им се понуди јавна поддршка на студентските протести. Како што рече американскиот сенатор Берни Сандерс на 28-ми април, „она што го прави десничарската, екстремистичка и расистичка влада на Нетајаху, нема преседан во модерната историја на војувањето... Во моментов сме соочени со можноста за масовен глад во Газа. Да се изнесе такво обвинување не е антисемитизам. Тоа е реалност.“

По нападот на 7-ми октомври минатата година, Израел ги истакнуваше суровите факти на она што го направи Хамас. Сликите нека зборуваат сами за себе, порачаа израелските власти. Бруталните убиства и силувањата ги снимаа самите сторители и можеше да ги види секој. Немаше потреба за сложена контекстуализација.

Зарем сега не можеме да го кажаме истото за страдањето на Палестинците во Газа? Сликите нека зборуваат сами за себе. Погледнете ги изгладнетите луѓе збиени во импровизираните шатори, децата кои полека умираат додека израелските проектили и дронови ги претвораат зградите во рушевини, па во прашина.

Се сеќавам на она што го напиша Мајкл Игњатиев (тогаш новинар) во 2003-та година за американската инвазија на Ирак: „За мене е клучно прашањето што би бил најдобар исход за ирачкиот народ - што најверојатно би ги унапредило човечките права на 26-те милиони Ирачани? Кај опозицјата [војната] отсекогаш ме излудуваше тоа што Ирак никогаш не беше проблем. Тоа беше референдумот за американската моќ.“

Таа поента не важи за денешните антивоени протести. Далеку од референдумот за палестинската, израелската или американската моќ, тие првенствено се водени од очајничката молба едноставно да се запре убивањето на Палестинците во Газа.

Значи, што би требало да направи администрацијата на Бајден (освен да ја замени потпретседателката Камала Харис со Тејлор Свифт на овогодинешната изборна листа)? За почеток, САД можат да ѝ се придружат на глобалната иницијатива за признавање на Палестина како држава. Далеку од тоа дека претставува пречка за мирот на Блискиот исток, палестинската државност е предуслов за какви било сериозни преговори помеѓу двете страни. Од друга страна, отфрлањето (или бесконечното одложување) на таквото признавање неизбежно го поткрепува фаталистичкиот заклучок дека војната е единствена опција.

Колку и да звучи чудно, сведоци сме на една од лошите страни на губењето на хегемоната моќ на Америка (како што беше случај и со повлекувањето на САД од Северна Сирија, а потоа и од Авганистан). Идеално, САД едноставно би извршиле инвазија на Газа од море, повторно би воспоставиле мир и ред и на населението би му пружиле хуманитарна помош. Но не сметајте на тоа. Секогаш можеме да се потпреме на тоа дека САД ќе ја пропуштат приликата да го употребат она што преостана од нејзината империјална моќ за добра цел.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy Street Art

Извор: https://www.project-syndicate.org/