1035 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Саб, 18.01.2025 08:59
Ќе се појавам како звук.
Ќе се свртиш по гласот.
Ќе се повикаме!
Во вид на шепот, во вид на нечујна мелодија.
Дали сме тоа ние?
Дали сме вака конечно заедно?
Во споменот и во звукот,
Во гласот кој не го препознаваме сосема сигурно.
Дали сме конечно заедно,
тогаш кога другите најмалку очекуваат?
Постои ли оној звук
како кога ќе одекне празнината?
Глас без глас.
Музика без мелодија.
И ние,
ние во меѓувреме.
Ти се обратив во сон, срамежливо.
Одговори со сон, невидливо.
Не, не...Вака:
Срамежливо ти се обратив во сон.
Во сонот невидливо ми одговори.
Дали сме навистина ние?
Во животот кој скоро и да помина
Во гласовите кои се променија.
Дали сме еден во друг
кога најмалку очекувавме?
Ако сме,
зошто никако не се препознаваме?
Како кога човек
својот глас секогаш го слуша како туѓ.
Превод: Николина Андова Шопова
Павле Горановиќ (1973) е поет, есеист, уредник и член на Црногорската академија на науките и уметностите. Неговиот докторат е во полето на теоријата на современите уметности. Ги објавил следниве книги: „Орнаментика на ноќта“ (1994), „Читање на тишината (1997), „Книга на привиди“ (2002), „Како мирисаат книгите“ (2008), „Цинобер“ (2009), „Градот на полна месечина“ (2014), „Имињата на копнежот“, (2015), „Поезија“ (2017), „Горановиќ: Антологија“ (2022). Неговите книги и книжевни дела се преведени на дваесет светски јазици.