Економијата на сандалите јапонки

22.05.2024 01:56
Економијата на сандалите јапонки

Минатиот декември израелската актерка и ТВ презентерка Цуфит Грант ги опиша Палестинците во Газа како „одвратни, смрдливи губитници, кои се шетаат во јапонки. Гнасни луѓе“. Во Газа несомнено се носат јапонки и други евтини обувки - еден мој пријател кој беше стациониран таму со тим британски доброволни лекари ми кажа дека еднаш сретнале мажи во Рафа кои барале храна „носејќи влечки“; многу од нив зборувале одлично англиски; некои работеле како универзитетски професори до октомври минатата година - но како и со претходните геноциди, јазикот на Грант е дел од дехуманизирачкиот дискурс што помага убивањето во таков обем и на толку видлив начин да биде можно.

Прецизно се пресметани основните причини за политичката економија на јапонките во Газа. Сара Рој покажува како економијата на Газа се задушува уште од времето на британскиот мандат, процес што најпрво го влоши египетската, а потоа и израелската окупација. Последниот клинец во ковчегот беше копнената, морска и воздушна блокада наметната од Израел во 2007 година, што ја стави Газа под опсада и ги прекина економските врски со Израел и блиските односи со Западниот брег, претворајќи ја во изолирана енклава каде што слободното движење на работната сила, стоката или стручноста е неможно. Рој тврди дека овој процес на изнемоштување бил намерен. И пред пустошот во последниве шест месеци водата не беше за пиење, управувањето со канализацијата стануваше сè помалку можно, а снабдувањето со градежни материјали практично беше укинато.

Пред сегашната офанзива 70 отсто од населението на Газа беа бегалци или потомци на бегалци. Околу половина од сите палестински бегалци се без државјанство. Пред шеснаесет години Атиф Кубурси, економист на Универзитетот Мекмастер, процени дека вкупните загуби на имот на Палестинците од Накба во 1948 година изнесуваат речиси 300 милијарди американски долари, според вредностите во 2008 година.

Со оглед на тоа дека го слушнав Ави Шлаим како ја цитирај Сара Рој на бројни панели, нагласувам дека причината за сиромаштијата во Газа не е мрзливоста на Палестинците. Според извештајот на УНИЦЕФ, „86 отсто од палестинските деца – и импресивни 94 отсто од младите Палестинки – завршуваат основно образование до 20-годишна возраст“, иако од ноември ниту едно дете во Газа не може да оди на школо. (На почетокот на април видовме израелски офицер како се потсмева на уништувањето на едно од двестоте училишта што претрпе директен напад во Газа: „Сè е уништено. Неделава нема учење во Ал-Амал, во Кан Јунис. Го нема школото!")

Кај Палестинците во Газа нема недостиг ни на иновации. Потребата од обнова по бомбардирањето во 2008/9 година беше огромна, но снабдувањето со цемент беше прекинато, па инженер од Газа разви алтернатива и изгради сопствена фабрика. „Тестиравме различни видови почва во Газа и најдовме соодветен тип почва богата со природни материјали погодни за лепење“, изјави тој за еден инженерски магазин. „Силната кохезија почнува веднаш по примената и продолжува да се зацврстува стотици години.“

Проблемите со санитарните услови и со органскиот отпад, како и недостигот на електрична енергија и гориво за готвење по бомбардирањето на електраната во Газа во 2009 година, доведоа до развој на парцијални решенија засновани на биогас. На Западниот Брег, каде што се развиваат геотермални технологии за да се намалат трошоците за енергија (меѓу највисоките на Блискиот Исток и Северна Африка), иновациите се попречуваат зашто Израел не дозволува да влезат експерти од палестинската дијаспора.

Имаше и иновации во формите на ненасилен отпор. Дванаесет илјади змејови беа пуштени во ист ден во Газа во 2011 година, поставувајќи светски рекорд. Големиот марш на враќањето започна во 2018 година, во кој невооружени Палестинци маршираа пеш до домовите на нивните предци, барајќи прекин на блокадата. Тие беа покосени со силен израелски снајперски оган од граничните огради.

„Врз основа на употребената муниција и деловите од телата кои беа погодени“, вели Гасан Абу Сита, хирург кој лекувал некои од ранетите, „целта беше жртвите да се осакатат, да се создадат видови повреди кои ќе го затрупаат здравствениот систем, а телата на работоспособни млади мажи ќе станат товар на нивните семејства.“

Од октомври минатата година најмалку 33.000 луѓе се убиени во Газа, вклучувајќи повеќе од 13.800 деца. Момчето снимено како лежи на гробот на своите родители, кому секојдневно му се враќа галејќи ги ритчињата песок што ги покриваат останките, е едно од најмалку 17.000 палестински деца без придружба во Појасот Газа.

Според службата ReliefWeb на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, повеќе од 1.500 Палестинци биле убиени, повредени или исчезнати во масакрот во болницата Ал-Шифа минатиот месец: „Euro-Med Monitor може да потврди, по прелиминарната истрага и сведоштвата, дека се откриени стотици мртви тела, од кои некои се изгорени, а други се со отсечени екстремитети.“ Меѓу загинатите можеби се и луѓе кои на ѕидовите на болницата напишале: „Фала му на Бога, мајко, исцрпена сум. Но, благодарение на Алах, ако даде Бог, ќе излеземе“; „О мајко, копнеам да ми ги избришеш солзите од образите“; „Ако оваа болка погоди планина, богами, таа ќе се сруши.“

„Во име на човечноста“, проколнува генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш од почетокот на нападот, нешто што САД и Велика Британија се чини дека го слушаат дури сега. Притоа, убивањето не го вршат само луѓе туку и механизми за вештачка интелигенција: според истражувањето на списанието +972, програмите со имиња како Lavender и Where's Daddy биле користени за создавање списоци за убиства и за идентификација на цели. „IDF ги бомбардира означените куќи без двоумење, како прва опција“, изјави за новинарите израелски разузнавач. „Многу е полесно да се бомбардира семеен дом. Системот е дизајниран да ги бара целите во такви ситуации“.

„Не сакате да трошите скапи бомби на неважни луѓе“, рече друг разузнавач. Можете да заштедите пари со фрлање поевтини бомби кои уништуваат цели згради и како „колатерална штета“ убиваат семејства и соседи: „неважни луѓе“, „смрдливи губитници“ во сандали јапонки.

Колку и да е софистицирана армијата, работата со убивање луѓе е смрдлива. Смрдеата на телата што се распаѓаат ја коментираше персоналот на Светската здравствена организација при влегувањето во Ал Шифа, која тие ја опишаа како „празна школка од човечки гробници“. Двајца американски хирурзи кои пристигнаа во Газа на 25 март напишаа дека „веднаш биле заплиснати од уништената канализација, како и од јакиот мирис на барут во воздухот“. Зборувајќи за третманот на децата без преживеани членови на семејството, тие пишуваат:

„Немавме срце да им кажеме на овие деца како умреле нивните семејства: луѓето гореа додека не станаа како испечени виршли, или беа распарчени до степен да бидат закопани само во масовни гробници, или едноставно закопани под урнатините каде полека умирале од гушење и сепса.“

Младиот новинар Хосам Шабат на 7 април напиша: „Во ова време требаше да ја завршам третата година на универзитетот. Наместо тоа, преживеав шест месеци геноцид. Кои вештини ги научив за тоа време? Научив да готвам и да печам на оган и дрва, научив да правам оброци само со сос од домати и вода, научив како мирисаат телата во распаѓање и како максимално да го искористам просторот за закопување на многу трупови.“

Минатиот ноември спомнав една пријателка која беше заробена во градот Газа со нејзините ќерки. Успеале да се извлечат пешачејќи десет часа до преминот Рафа, покрај изгорени згради и трупови. Таа се врати во Газа минатиот месец како хуманитарен работник. (Според податоците на порталот за безбедност на хуманитарните работници, Израел убил над двесте хуманитарни работници во Газа изминативе шест месеци, повеќе од вкупниот број убиени ширум светот во која било година од почетокот на евиденцијата во 1997 година.) Пријателката ги оставила своите ќерки со нивниот татко во една соседна арапска земја, каде што сега се борат со бирократијата за децата да се запишат на училиште.

Карикатури: Ahmad Qaddura

Selma Dabbagh, London Review of Books, 11.04.2024