1015 hPa
55 %

16 °C
Скопје - Вто, 13.05.2025 10:59
Читајќи ги овие инспиративни есеи на Румена Бужаровска, се потсетив на една сентенца на Оскар Вајлд, автор кој љубам да го цитирам: „Америка е единствената земја која преминала од варваризам во декаденција без цивилизацијата помеѓу нив“. Таа сентенца ми потшепна дека оваа исклучителна есеистичка книга е исткаена од совршено искрено интерпретирано искуство за земјата која во ткивото на нашите предрасуди е секогаш „ветена“ и „посакувана“.
Румена Бужаровска во оваа книга низ тринаесет есеи се осврнува на еден метаболитички процес на сеќавање (насловот е фраза од книгата) постанувајќи ѝ сестра на онаа Румена која се обидувала да го прифати тој цивилизациски предизвик (ова не е баш некој збор, но е разбирлив), таа цивилизациска подреденост/повластеност во земја каде што осаменоста се мери со милји, а блискоста и посветеноста имаат форма на благоугодна отуѓеност.
Говорејќи особено за американскиот југ, каде што поминала дел од своето основно образование, и за повторното враќање кај својата тетка, оваа извонредна писателка ткае приказни кои како да се извадени токму од базичната отуѓеност на американското општество. Таа говори за „формулата на пријателство“ кое мора да има своја причина, за „егзотиката“ на нејзината личност која доаѓа од место кое за добар дел на Америкаците е непознато, генерално зборува за една чудесност која потекнува од длабоката искреност и сокриеност во исто време, еден временски и просторен контекст од каде што потекнува мачниот и никогаш неодболуван процес на прилагодување: „Разбрав дека формулата за пријателство за Американците се состоеше од правење, што го исклучуваше разговарањето. На крајот, ова значеше дека луѓето не ги искажуваат отворено своите чувства. Пријателствата, сфатив тогаш, мораат да имаат одредена функција или да се од некаква корист.“
Американскиот народ има своја интерпретација на сите сегменти од своето постоење. Американскиот југ е, би рекол, особен во таа насока. Традиционалноста и конзервативизмот се компоненти кои имаат чудна смртоносност и се одликуваат со некаков мазохизам. Бужаровска во таа насока во книгата говори и за интерпретацијата на Бога (која можеби не е многу поразлична од онаа на нашите свештени „душебрижници“), правејќи прекрасна споредба со денешните квазиконзервативизми проповедани од религиските структури.
Во поглавјето „Бог е лош збор“ таа прави интересна лингистичка анализа на користените зборови кои реферираат на Бога, но и на контраверзите предизвикани од „проклетото“ и „ебеното“: „На пример, не можев да сфатам зошто Господ, Бог или проклето (damn) се сметаат за лоши зборови. Ајде, за другите разбирав, зашто оттогаш сфатив дека на Господ му пречи сексот и го сметa за валкан, но зошто тогаш screw беше добар збор, кога го имаше истото значење со fuck. И зошто Бог беше лош збор, а Исус не?“
Она што фасцинира во сите описи и интерпретации на Румена Бужаровска е нејзината умешност токму во компарирањето со својот светоглед, но и со една базична логика која подразбира голема доза прагматика и ерудиција. Таа во еден од своите есеи зборува со голема острина за „машкиот свет“ кој во слободоумноста на Америка сепак има „посебно“ место, а зборува и за една систематски одгледувана и добро презентирана хипокризија која токму во своите констелации изнедрува манипулативност, а која во секое поле на интерес станува доминантна. Се чини дека оттука произлегува целата контраверзност на Америка каде што далечината и осаменоста се главните прерогативи на животниот тек кој во голема доза е послан со некаква заумност и опасна автореференцијалност.
„Господ, па Америка“ е книга која нè одвојува од соништата за блесокот на успехот и благосостојбата укажувајќи ни на онаа тесна патека на несфатеноста која, се чини, со себе носи и реконтекстуализирање на самиот светоглед. Имено, Румена, како исклучително елоквентна и умешна писателка, зборува за разни сегменти на животот на американскиот југ, зафаќајќи ги сфаќањата на Американците за здравјето, поседувањето оружје, расизмот, хомофобијата итн. Книгава наведува да помислиме на целото етичко раздробување кое создава недоумица и овде кај нас, недоумица која рационалноста ја става настрана и дозволува насилството да царува.
Како контраст на „типичната Америка“ Бужаровска ги прикажува своите пријатели, Филис Роуз, есеистка, и нејзиниот сопруг Лоран де Брунхоф, автор и илустратор на книги за деца, чија елоквентност е еден вид координата во рационалното согледување на американскиот југ и на контраверзите што тој ги носи.
Секако, во овие есеи се споменува и Фланери О’Конор, прозаистка чии раскази говорат токму за контраверзата на американскиот југ, но и за поетиката на смртта. Со заслуга на Румена Бужаровска, инаку, прекрасните раскази на Фланери О’Конор ги имаме и кај нас, во нејзин превод, како една од драгоцените книжевни референци на оваа Америка, искрена, можеби недостижна кога станува збор за животните сфаќања, но сепак чудна и привлечна.
Кога сме кај привлечноста, во овие есеи паѓа во очи и друга споредбеност: социјалната правда и историската позиционираност. Говорејќи за нејзиното искуство по патиштата низ Аризона и Флорида, Бужаровска ќе се сретне со делови на блиската историја на минатиот век: плакатот за конечното апсење на еден од најголемите мафијаши во тогашна Америка, Џон Дилинџер, а и за социјалната слика на Америка која е полна со дискриминација, еден цивилизациски дијаграм кој потсетува на тоа дека на овие подрачја си секогаш сам, опкружен со блесокот на историјата и незгрижен во секој момент.
Овој прочит ме потсетува на едно патување во Лос Анџелес кога еден мој пријател, писател, ме одведе во ресторанот „Масо и Френк Грил“, основан 1919 и ја имавме таа чест да седиме во сепарето на Хемфри Богарт каде што тој, покрај другите филмски икони, љубел да вечера заедно со неговата Лорин Бекол. Мојот пријател (кој за жал веќе не е меѓу живите) ми објасна дека Американците фабрикуваат историја и дека таа тажна прагматика веќе има свои последици во јавниот живот, зашто освен граѓанската војна и расизмот од кој никогаш нема да се ослободат, Американците се гордеат најмногу со своите жртви на еден многу патетичен начин наведувајќи нè, нас интелектуалците, повремено да се срамиме што живееме тука. Мене речиси ми се одзеде апетитот, а баш сакав да уживам на местото каде што пред повеќе од половина век уживала оваа филмска ѕвезда како и сите други од формат на Мерилин Монро итн.
„Господ, па Америка“ е книга есеи која балансира токму меѓу тој подземен анимозитет и слаткоста на секојдневието каде што отворените прашања се секогаш добредојдени зашто ако се одговорат сите, ќе нема за што да се живее, ќе нема каде да се оди и зошто да се очекува новиот ден.
Конечно, „Господ, па Америка“ е книга која отрезнува и лечи од заумност, од фантазми и непродуктивност. Румена Бужаровска и овојпат ни подари книжевно дело кое ќе се памети. Чинам, не сум читал досега толку елоквентни и искрени есеи, од дамнешните „Горчливи легенди“ на Славко Јаневски. Овие есеи на некој начин нè наведуваат да ги одвоиме од себе состојките на страдањето и да ги залепиме за оние чести средби на Американците со смртта, да се одвоиме од замислата и да се приклониме кон една логика која може да биде спасоносна зашто рационализирањето на животните текови и настани во овој прилично грешен дваесет и први век е вистинска реткост, па така и на американскиот југ чии сеќавања и одвојувања од сегашноста се чувство кое или ќе води понатаму или ќе наведе на самоубиство.