25 години од „Роман на годината”

22.05.24 12:27

Свеченото доделување на наградата „Роман на годината” за 2023 за делото „Единствен матичен број” на Лидија Димковска, на синоќешниот настан во Драмски театар во Скопје помина во знакот и на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на наградата. Наградата „Роман на годината” првпат е доделена во 1999 од весникот „Утрински весник”, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски”.

„Како млад новинар, ги следев јубилејните 25. Струшки вечери на поезијата (СВП) и некој ми кажа дека сè што трае во Македонија повеќе од две децении значи дека вреди. Тогаш сфатив дека за една манифестација, во случајот награда, во нашата држава, 25 години, ако не е длабока старост, тогаш се сигурно сериозни или барем средовечни години. Романот на годината е како престарена рок-ѕвезда. За Мик Џегер може да кажете што сакате, ама не можете да му го урнете реномето. Во таа смисла, мислам дека „Роман на годината” го достигна тоа ниво да може комотно и комфорно да се ‘брчка’ во своето место во македонската култура. Сакам да мислам на оваа награда како на своевиден книжевен капитал што секој лауреат ќе го носи со себе и со гордост ќе го истакнува во своите биографии”, рече Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски”.

Димковска кажа наградата „Роман на годината” сѐ повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и тоа ја прави најдемократска родова книжевна награда во Македонија. Издавач на „Единствен матичен број” е „Три”.

„Роман на годината” во една ваква јубилејна година значи 25 романи кои го носат печатот на наградата и кога денес ќе ги погледнеме насловите на книгите, сфаќаме дека речиси на ниту еден од наградените романи не му поминал рокот на траење и не паднал во заборав. 25 романи – колку прекрасна и важна полица во библиотеката на македонската книжевност, за сегашните и за идните генерации, за сите нас! Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата, што укажува на тоа дека наградата „Роман на годината” сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија. Ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што сум самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик. Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела. Колку тажен би бил фактот да не знаеме дека наш современик, наша современичка напишал-а одличен роман, само затоа што го напишал-а на друг јазик, а го пишувал-а тука близу, покрај нас, во истата космичка микро и макроклима на општествен, културен, метафизички и симболичен простор”, рече писателката Димковска.

Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.

Фото: Небојша Гелевски

Извор: https://sdk.mk

ОкоБоли главаВицФото