1020 hPa
34 %

18 °C
Скопје - Саб, 22.03.2025 12:59
Ниту една награда, особено во творечките дејности, па и во литературата, не е ултимативна. Ниту една не дава гаранција дека е избран врвниот квалитет. Не е тоа ниту Пулицер, ниту Букер, ниту Гонкур, па ако сакате не е ни Нобеловата награда за литература. Се разбира, не е тоа ниту „Романот на годината“. Творештвото не е трка на пет илјади метри па да се знае кој е подобар од другиот. Наградите, како впрочем и литературата, се одраз на општествениот и временскиот контекст. Ниту тие не можат да го избегнат политичкиот, ако сакате и идеолошкиот момент на времето. Ниту тие не подлежат на некаков специјален општествен вакуум, па да бидат ослободени или исчистени од сите влијанија. Она што ќе им суди на делата и што ќе ги одреди нивните трајни вредности не се наградите. Не се ниту критичарите. Конечно, отсуството на критичката мисла кај нас сите го чувствуваме како сериозна болка во нашето духовно егзистирање. Не се тоа ни читателите, чиј вкус може да се моделира со наметнување на трендови и со добро одработени маркетиншки кампањи. Најголемиот судија сепак е времето. И времето ќе покаже дали нештобило квалитетно или не било. Луѓето од едно совремие имаат обичај да ги преиспитуваат, превреднуваат и преоценуваат делата од некое претходно совремие. Но, за да може нешто да се превреднува треба прво да се вреднува. Токму тука ја гледам важноста на наградите. Тие се еден од факторите за тоа испитување и оценување на делата.
Ако ми биде дозволено тука ќе споменам една важна литературна награда од регионот, би рекол на некој начин и наш постар брат. Тоа е „Ниновата награда за најдобар роман на српски јазик“. На некој нивни јубилеј тие објавија листа на романи што никогаш не ја добиле оваа награда, а кои, ете, многу подобро го издржале испитот на времето за разлика од оние што во тој момент изгледале поважни или поквалитетни.
Се разбира дека со овој пример не сакам да ја релативизирам нашата награда ниту да барам оправдување за евентуален кикс во нејзиното 25-годишно опстојување. Напротив. Стојам цврсто и тврдо зад секој од 25-те романи што досега се закитиле со ова признание. Сакам само наградата да ја ставам во одреден општ и општествен контекст, ако сакате и во културниот контекст во кој опстојуваме.
Литературните награди се вонтекстуални, што значи дека самите по себе не припаѓаат на корпусот наречен „книжевност“. Со други зборови тие се литературен епифеномен, придружна појава која безмалку нема значење на развојот на литературата. Од друга страна, пак, мошне е интересна таа интеракција што наградите и наградувањето го имаат со книжевноста. Тоа првенствено се однесува на веќе споменатиот систем на вреднување што како своевидна виртуелна категорија се провлекува низ духот на времето и го определува начинот на доживување на книжевното дело во некоја епоха. Во таа смисла може да се каже дека наградите и наградувањето се прилично интересна појава која во поголема или помала мерка влијае врз севкупниот културолошки систем на едно општество, во чии рамки функционира и книжевноста, се разбира во одредена единица простор и време.
Кога размислувам за „Романот на годината“, сакам да размислувам токму во овие координати. Сакам да размислувам дека е тоа важен ориентационен механизам со чија помош таканаречената „широка публика“ може да се снајде во елементарните книжевни вредносни критериуми на ова време. Односно дека оваа награда е своевиден сигнал за „културната потрошувачка“, односно за додадена вредност на едно дело во смисла на неговите тиражи, преводи и воопшто достапност и привлечност за читателската публика.
Ако сакам малку послободно да толкувам, јас овој аспект би го нарекол „маркетиншки“, кој издавачите го користат или можат да го искористат онака како што знаат и умеат.
Но, тоа секако е недоволно да ги задоволи амбициите на оваа награда. Сакам да мислам на оваа награда како на своевиден „книжевен капитал“ што секој лауреат ќе го носи со себе и со гордост ќе го истакнува во своите биографии и животописи. А за да биде наградата вистински „културен капитал“, првенствено треба да помине време, во кое таа ќе опстои со нескрнавен углед. Не знам дали четврт век е доволна временска отсечка за да се потврди тој углед, ама верувам дека во контекст на македонската романсиерска традиција која трае едвај седум децении, оваа награда и тоа како го заслужила своето угледно место.
Во главата ми остана една реченица, би рекол дури и поговорка, кога како млад новинар ги следев јубилејните 25-ти Струшки вечери на поезијата. Тогаш некој ми рече дека „сѐ што трае во Македонија повеќе од две децении, значи дека вреди“. Тогаш сфатив дека за една манифестација, во случајов награда во нашата држава 25 години, ако не е длабока старост, тогаш сигурно се сериозни или барем средовечни години.
Затоа тука со големо задоволство ќе повторам една моја реченица со која често на моите настапи и во моите изјави и интервјуа го дефинирам „Романот на годината“: „Романот на годината“ е како престарена рок-ѕвезда. Можете за Мик Џегер да кажете што сакате, ама нема да му го урнете или да му наштетите на неговото реноме. Истото важи и за „Романот на годината“.
И на крајот ќе ми дозволите да бидам нескромен, иако веројатно сум најмалку заслужен за тоа. „Романот на годината“ направи огромно влијание врз македонската романсиерска продукција. Нема тука да ве заморувам со статистички податоци и со факти што ви се познати, ама морам да кажам дека првата година, таа 1999, последната пред новиот милениум, на конкурсот се пријавија 21 роман, при што три романа не ги исполнија условите затоа што беа објавени со години претходно. Годините натаму на конкусот пристигнуваа речиси и до педесет романи, при што знаеме дека некои романи од објективни или субјективни причини воопшто не се пријавиле. Годинава пристигнаа 36 наслови и тоа е некој, според мене, прилично задоволителен просек за нашата книжевна средина.
Ова не е заслуга, поточно не е исклучива заслуга на „Романот на годината“, ова е патот што си го крчи македонската литература, а богами и македонската култура воопшто. А „Романот на годината“ е тука како важен и неизбежен сообраќаен знак, маркер што упатува на правецот и без кого не се може.
(текстот е дел од обраќањето прочитано на свеченоста по повод 25-годишнината на „Романот на годината“)
Слики: Thomas Allen