Визуелна хроника на македонскиот стрип

23.05.2024 02:39
Визуелна хроника на македонскиот стрип

Творбите што траат низ годините, создаваат историја. Но, тој збир од факти, расеани ширум плодното поле на творештвото е неосвестена историја. Вистинската, освестена историја е онаа која тој посев ќе го открие, ќе го евидентира, ќе го собере, ќе го забележи, ќе го подреди и конечно – ќе го истражи, дело по дело и како процес, и така ќе ја историзира временската мапа на определено творечко подрачје. Дури во таков процес, појавите добиваат време на создавање и се редат во временска низа. Тогаш феноменот се овременува, се сопоставува со другите сродни пројави... и тој, како и самиот процес, добиваат – историска свесност.

Таков еден зафат во доменот на стрипот, сработен минуциозно – низ деталистичко откривање, евидентирање на творбите, но и на медиумските носачи на тие творби, публикациите, списанијата, магазините, ревиите, албумите во кои тие се појавуваат – претставува, до сега четириделната, илустрирана студија насловена „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, едно исклучително дело на Александар Стеванов, неуморниот истражувач, хроничар и систематизатор на стрипот во Македонија; и, посебно, на стрип-делата на македонските автори објавени и на други простори, пред сѐ во специјализираните публикации на некогашната заедничка држава, но и во други држави во странство... Станува збор за зафат од капитално значење, изведен за сега, еве и во нејзиниот петти дел, поточно во публикациите со различни дијахрониски опфати: првиот дел опфаќајќи го периодот 1990 – 1999 г., вториот 2000 – 2007, третиот 2008 – 2011, четвртиот 2012 – 2015 година... веќе според густината на историското ткаење на создавањето и пројавите на македонските стрип-дела во дадените периоди – сѐ додека својот историски проект Стеванов не го доведе до наши дни.

„Визуелната хроника на македонскиот стрип“, да ги кажеме само неопходните факти, е проект започнат 2019 г. и фокусиран врз стрип-продукцијата и публицистичката понуда на подрачјето на стрипот почнувајќи од годината на осамостојувањето на Македонија во последната декада на минатиот век, сѐ до стрип-појавите во наши дни. Се разбира, авторот е свесен за тоа дека македонската авторска историја е постара од таа политичка вододелница што ја земал за почетна точка на неговата историзирачка оска, и дека нашиот стрип има своја автохтона историја, авторска и публицистичка, барем половина век пред тоа, но тој се определува да го истражи феноменот од времето на осамостојувањето на нашата држава и појавата на првото списание на македонски јазик за чии содржини се врзани сеќавањата на голем број македонски стипофили; но, и на уште една, субјективна одредница: на своите сопствени први сеќавања на стрипот и чувствувања на сликонизните наративи, на домашното творештво и посебно на домашната стрип-периодика; и тој почеток на уживањето во магијата на илустрираните сказови, на фасцинацијата од стрипот зачната во духот и во првите поттици на едно, тогаш седумгодишно дете, го носи името „Макстрип“ – стрип-магазин што во 1989 г. беше покренат во издавачкото претпријатие „Детска радост“ во рамките на НИРО „Нова Македонија“ од веќе легендарниот стрип-деец Љупчо Филипов и од Славомир Маринковиќ (познат како Мир-Мар), полимат, новинар, редактор, стрип-сценарист и прв одговорен уредник на „Макстрип“...

Верувам дека и тој топол сентимент и занес – кој е неговата инспирација да се посвети на стрипот и на деветтата уметност воопшто, и како автор на стрипови, и пред сѐ како длабоко посветен истражувач, историчар и публицист, во почетната објава на неговата „Визуелна историја 1990 – 1999“ – заедно со историскиот контекст создаден со нашата осамостоена држава и култура; и дека тие два чинитела, се главните поттици годината 1990, последната во декадата на макотрпно привршуваниот ХХ век и првата година на македонската државна независност и самостојност, Александар Стеванов да ја означи како иницијална точка на неговата хроника (кога, имено, во јануари се појавува, дури – седмиот број на легендарниот „Макстрип“). Во својот прв предговор Стеванов вака ги опишува тие први мотивации: „...Беше тоа љубов на прв поглед... Иако мајка ми и претходно ми купуваше стрипови, кои како единствено дете во семејството ми беа неопходна занимација, ’Макстрип‘ беше првото издание во кое се запознав со доајените на македонскиот стрип. ’Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Љупчо Филипов, овдешни имиња‘, си помислив, ’но зарем е можно Македонец да направи така привлечен и квалитетен стрип?‘“ На почетокот на секоја љубов кон илустрираните авантури што ја распалуваат фантазијата на младиот читател е силниот сентимент, кој со текот на времето кај стрипофилот се сталожува како топла носталгија... Но, не помалку индикативна е и следната негова мотивациска опсервација во однос на почетните 90-ти години на минатиот век: „Тоа е воедно и периодот во кој за прв пат, по повеќе од 60 години од создавањето на првиот стрип на ова тло, се појавува и стрип-албум во Македонија. Иронично, албумот е на англиски јазик, но затоа пак, плејадата планетарно познати стрип-херои, како Мики Маус, Алан Форд и Бетмен, ’прозборуваат‘ на течен македонски, небаре штотуку докторирале на катедрата за македонистика.“

Така и јазикот на кој се комуницира стрипот станува битен вредносен критериум во видувањето на Стеванов: националниот јазик на најширокото читателство на цртани приказ(н)и, тој со право го смета за битен дел на националната стрип-култура.

Тоа се доволни аргументи за одредување на почетната точка на една историзирачка, прецизно изработена, современа национална стрип-хроника.

Со слични намери, на почетокот од 1980-тите години на минатиот век, тргнавме – четиримина ентузијасти од една претходна генерација: Ванчо Полазаревски, Душко Кралевски и Иван Наумов и авторот на овој текст, во месечниот прилог на младинскиот неделник „Млад борец“ кој го носеше името „Координати“ со поднаслов „Прилог за уметност, култура и наука“ – да ја откриеме хронолошката низа на најраните македонски стрип-искуства. Љубопитни за тоа кога започна македонскиот дел од големата стрипувана приказна, сакавме да ги откриеме почетоците и развојот на временската низа на стрипот кај нас. Беше тоа првиот проект на создавањето домашна стрип-меморија. Работевме според систем, обраќајќи им се на стрип-цртачите (илустратори, карикатуристи, архитекти, ликовни уметници) и на стрип-сценаристите (најчесто новинари и уредници на списанија, магазини, подлистоци, но и историчари, дури и воени старешини). Во тоа рано време, како што се покажа, многу од родоначалниците на македонскиот стрип беа сѐ уште живи, а најголемиот број од нив беа и сѐ уште активни. Работата во систем вклучуваше првичен контакт, разговор, потоа и пополнување на истоветен детален анкетен лист (шапирографиран) со 16 прашања кои содржеа: точно име и презиме, време и место на раѓање, именување на насловите на првите стрипови на односниот автор и називот на медиумот и датумот на кој го објавиле, набројувања на подоцнежните стрип-остварувања, цртачки израз и стил што авторот го негува, омилени стрип-автори и дела од нашата или од други средини, евентуални влијанија на стрипови и други наративи врз сопственото творештво... но, една од најзначајните рубрики, колку техничка и да се чини, беше – прецизното именување на соработниците, од една страна на сценаристите, од другата на цртачите на сценаристичките предлошки. Така ја добивме првата мрежа на авторски имиња која во огромен дел се потврди како релевантна и при понатамошните разговори и истражувања. Потоа следеше барањето на именуваните стрипови по пожолтените изданија во приватни архиви (при што се појавуваа и „нови“ творби), онаму каде што тие постоеја и каде што го живееја својот нем, правлив заборав: по комплетите на весниците на авторите и на издавачките куќи и, секако, во новинската архива на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во која се наоѓа собрана сета таа опсежна и „неосвестена историја“ на стрипот во Македонија...

Како што се појавуваа нови факти и како што растеше бројот на имињата и на стрип-творбите и отаде спомнувањата на нашите анкетирани автори, работевме сѐ потрескавично за да го задржиме рокот за објавување. Се покажа дека тоа е невозможна мисија и јас како уредник на „Координати“, објавувањето на истражувањето го одложив за месец дена. Во меѓувреме, закажувавме интервјуа со новооткриваните автори на стрипови и на сценаристички предлошки за нив, некои сосем повлечени од креативната актива, некои со скудни информации, но секој податок претставуваше скапоценост. Во градењето на меморијата на кој било домен, па така и на стрипот, и празните места, еден ден можат да бидат пополнети на севозможни начини, директно по пат на откривањето на нови податоци при обновените истражувања, или странично, преку податок што ќе се сретне во некоја објава, во текст посветен на истиот или на сроден домен, во интервју, дури и во жив исказ фатен „во лет“ – на некој од сведоците на времето кој ќе искаже податок за друг автор на стрип, илустрација, карикатура (во фази)... што, со текот на годините, впрочем, и се случуваше...

Но, да се вратам на стрип-хрониката што ние четворица ја создававме, макотрпно како што бев истакнал и во предговорот, за конечно да ја објавам во 1982 г., во мартовскиот број на прилогот „Координати“ – „Скицата за можна антологија на раниот македонски стрип“. Тогаш, имено, бев решил хрониката на стрипот во Македонија да ја поделам на два генерални дела: првиот посветен на раниот; и вториот, објавен година дена подоцна во април 1983 г. – на младиот македонски стрип. И денес сметам дека не згрешив во определувањето на тие две историски агломерации на авторски личности, но и естетики. Притоа, временскиот граничник меѓу двете појави, имено меѓу раниот и младиот македонски стрип беше периодот до седумдесеттите години од минатиот век, значи, десетина години пред објавата на „Скицата за антологија на раниот македонски стрип...“ Таа го опфаќаше неодредениот период на почетоците од првата половина на ХХ век, иако фокусот беше на неговата средина, особено на повоениот период и првите гласила на македонски јазик во новата македонска државност, а границата, како што веќе е спомнато – на почетокот од 1970-тите години, некаде до 1972-та.
„Се чини дека токму затоа овој проект има значење на прв сознаен полигон во областа на една дејност, но и на еден медиум што, сега авторитетно можеме да кажеме, кај нас не се создава, туку дека напросто ја доживува својата ренесанса во нови, видоизменети услови. Затоа и овој наш проект со право го сметаме за уште една победа на историзирачката свест над заборавноста на историјата, како ново сознајно и систематично освојување на оваа млада култура и во областа на стрипот“ – стои забележано во воведниот текст од март 1982 г.

Наредните „Координати“ со „Скицата за младиот македонски стрип“, да повторам, се појавија година дена подоцна, во априлскиот број на 1983 г. со листа на свежи авторски имиња и стрип-творби на генерациите со нов сензибилитет, па и сосем нова, посмела, авангардна, често и експериментална графичка и наративна култура...

Толку за кусата предисторија на иницирањето на забележувањето на првите хроники од меморијата за авторите и остварувањата на македонскиот стрип. Во меѓувреме и подоцна токму тие наши „координати“ станаа простор отворен за новата генерација стрип-автори... И само уште нешто: тие првични сознанија кои ги затемеливме со моите тројца колеги: Полазаревски, Кралевски и Наумов, потоа ги развивав во двете први изданија на мојата книга „Стрип – запис со човечки лик“, за во нејзиното најново издание – од септември 2021 г. издание на „Бегемот“ од Скопје, кое беше толку изменето и дополнето што книгата доби и ново именување „Стрип – деветтата уметност“ – да ја изложам комплетната авторска антологија на македонскиот стрип. Тука сакам посебно да додадам, со огромната и скапоцена поддршка и помош токму на најзначајна личност на домашната стрип-сцена, авторот на „Визуелните хроники“, А. Стеванов.

И сега да се вратам од оваа историска дигресија, одново на главната тема на овој текст, „Визуелната хроника на македонскиот стрип“ надополни една голема празнина, децениите што доаѓаа по времето на нашиот „млад стрип“ и за само четири години, тековна но бездруго и години претходна макотрпна истражувачка работа, низ четирите публикации опфатија период на детално евидентираната стрип-активност – од цели 25 години. Четврт век на македонскиот постмодерен стрип – и тоа на еден блескав начин! Низ богат, атрактивен приказ на годините и децениите на преломот од двете столетија Александар Стеванов ги реализира во четири сјајно подредени и воедно авторски речити „историски албуми“, секој со по 56 продуктивно организирани страници во голем А-4 формат, на крајот опремени со прецизни „Ендноти“, четири густи, хронолошки подредени, вонредно прецизни индекси на изворите на информациите предочени на страниците на „Визуелните хроники на македонскиот стрип“. Токму енднотите се тежишната историска точка на неговиот труд, како изворник од кој ќе се напојува интересирањето на секој иден истражувач на нашата историска стрип-актива.

Со атрактивни, лесно читливи, сјајно уредени хронолошки целини, колорно означени публикации (прикажани низ насловните страници), вдахновени воведи во кои се одбележуваат основните својства на отсликаниот период, низ мноштва цитати од стрип-автори и проследувачи на стрип-културата – од кои Стеванов успева да не испушти ниту еден побележит актер – прецизно позиционирани на страниците на четирите публикации, нив ги прават и исклучително атрактивни за ефикасни прегледи, а особено за темелни прочити... Визуелните хроники на Стеванов, на тој начин ги предочуваат освен фактите и една извонредно аплицирана, висока графичка култура на изданијата, кои од разбирливи причини, имаат сразмерно мали тиражи, обично 300 примероци. Но, тие се тука и секое исцрпување на некој од четирите, сега веќе и на петтиов стрип-албум, ќе значи можност за допечатување на втори и натамошни изданија. Да додадеме и дека првите два дела на визуелните хроники беа објавени преку Стрип-центарот на Македонија од Велес и неговиот прв човек Ване Трајков, а потоа и во самоизданија на авторот на проектот, секогаш со поддршка на Министерството за култура на Македонија.

Има една значајна специфика во истражувачкиот и хронографскиот метод на авторот на „Визуелната хроника на македонскиот стрип“ што треба, не само да се спомне, туку и да се подвлече; имено, Стеванов при осветлувањето на најновиот дел од македонската стрип-историја се потпира на најсигурната вредност, на стрип-публикациите: магазините, стрип-албумите, ревиите и списанијата што донесуваат стрипови, наведувајќи ги, токму како скапоценост во неговиот темелен историзирачки зафат, сите публикации што донесуваа стрип, со текстуално наведување на нивните содржини и тоа – број по број. Би сакал тука, поради тој огромен напор на авторот на „Визуелните хроники“ да ги спомнам тие релевантни претставувања: „Макстрип“ почнувајќи со бр. 7, па сѐ до последниот, бр. 43 од јануари 1993 г.; „Млад борец“ и „Студентски збор“; „Маргина“ која во бр. 2 го објави знаменитиот стрип „Маус“ на Арт Спигелман (неодамна објавен во целовит албум); „Стрип експрес“ ревија на стрип-бестселери, која ја уредува Љупчо Филипов; македонско издание на стрипот „Алан Форд“ на авторите Magnus & Bunker (сценаристот Лучано Секи и цртачот Роберто Равиола), стрип-ревијата „Клик!“ која се појавува во Битола, со арт-стрипови на странски и нови творби на домашни автори; стрип-списанието „Лифт“; списанието „Мики Маус“; забавната ревија „Илустриран забавник“; книгата „Двајца во Еден“ со пиесата и со нејзината стрипувана верзија од перото на Александар Сотировски; македонската стрип-ревија „Стрипотека“; „К-15 авантури“ за кого авторот наведува дека е „првиот македонски киоск-стрип“; ревијата „Стрип арт“ на Здружението на љубители на стрипот од Велес; македонската стрип-ревија „Тотем“ на графичкиот уметник и издавач Ласко Џуровски; првиот најавен и тогаш необјавен македонски стрип-албум „Вара: Каменот на љубовта“ на Иван Пешев, Зоран Танев, Смиле Цветановски и Тони Анастасовски; гостувањата на македонските артисти во словенечки „Stripburger“, објавата на албумот „Captain Nitrate“ („Капетан Нитрат“, втор дел насловен „Нитратна завера“), еден регионално лансиран суперхерој создаден од запалива нитратна лента, замисла на сценаристот и кинотечниот работник од Србија Борислав Станојевиќ и цртачка творба на нашиот илустратор А. Сотировски, кој е имено и првиот македонски стрип-албум – објавен во Битола, но – на англиски јазик.... да ги спомнеме само публикациите од деценијата на бујните македонски 1990-ти години, по кои следат и ред други стрип-пројави во наредните години опфатени во следните делови на „Визуелната хроника“ на Стеванов. Но, тоа задоволство на натамошните, детализирани откривања на содржините од овие релевантни стрип-меморабилии со вкупен 25-годишен, а сега еве и уште поширок временски опфат... му го оставаме за откривање на заинтересираниот стрипофил.

Она што тука е клучно, е дека со сите истражувачки и публицистички потфати: двете Скици за (авторска!) антологија на Раниот и онаа на Младиот македонски стрип со опфат од воениот и повоениот период сѐ до 1970-тите години, потоа и наредниот период до раните 1980-ти; и особено со „Визуелната хроника“ (на публикации и на автори!) на македонскиот стрип – создадени се два релевантни времеплова и опишана е дијахрониската приказна на македонскиот стрип и, воопшто, на стрипот на македонско тло. Низ тие истражувачки зафати, нашата стрип-култура стекна сопствена медиумска меморија. Таа меморија и откри (впрочем, и сѐ уште открива!), и систематизира појави, творби, имиња и медиуми и на тој начин посочи сигурни аргументи дека македонското стрип-творештвото, афирмирано и надвор од македонско тло, е старо речиси девет децении, години послани со веќе дамнешно сликонизно творештво и култура.

Откривајќи ги историските дела на своите автори и творби, македонскиот стрип ја доби, и сега посветено и минуциозно ја надградува, својата освестена историја.

ОкоБоли главаВицФото