1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
„Зелениот дворец”, Сибо, „Арс Либрис”
Петар се наоѓаше во една широка просторија, веројатно предвидена за прием на гости или помали балови. Почувствува потреба да ја реновира куќата и да ги оживее тие балови... Навистина мириса на лаванда, иако има ѓубре околу мене. За разлика од надворешната зелена боја на фасадата, сфати дека внатрешните ѕидови претежно биле жолти, иако беше сигурен дека другите простории имале и други, сосема различни бои. Небесно сина, аквамарин, розова, берија зелена... Не беше сигурен до крајот, бидејќи забот на времето имаше направено пустош каде што беше сѐ руинирано и скапано. Ѕидовите беа или излупени тапети со голи штици или беа исчкртани со автолак. Во средината имаше голема дупка на подот, а слабо се наѕираше дека долу најверојатно има вински подрум. Петар не се осмелуваше да слезе по скаличките надолу. Ако тие воопшто беа скалички.
Грозницата го тресеше толку силно, што беше убеден дека добил некаков напад на паника или дека се разболува навистина. Не можеше рационално да ги набљудува работите. Помина низ повеќе соби и сфати дека ова е всушност приземна куќа и дека само едни стрмни скали водат нагоре кон куполата. Само таа соба имаше врата, затворена, за разлика од целата куќа што немаше никакви траги дека воопшто имало врати, прозорци, мебел, што било. Гледано однадвор би се заколнал дека има и други соби на горниот кат, но однатре не беше јасно како се стигнува, освен преку таа врата. Сѐ беше уништено или украдено, освен еден отоман, кој беше во одвратна состојба и беше на верандата. Ама тоа повеќе им го припишуваше на локалните клошари и наркомани, отколку на нешто натприродно.
Иако се опираше, сепак забележа дека вратата на врвот го довикува.Немаше посоодветен глагол за тоа. Не по име, туку го влечеше како магнет. Се трудеше да види што може повеќе пред да се качи, иако немаше што посебно да се гледа. Руинирана куќа која најпаметно е да се урне до темел. Забележа дека никаде немаше прашина ниту пајажина. Можеби поради провевот, ама ако се игнорираа скапаниот под и ѕидовите, се добиваше впечаток дека некој штотуку го напуштил објектот. Да,еве уште има ќебе на отоманот. Веројатно некој скитник. На духовите не им е ладно.
Се загледа во некогашните дупки за лустери на високиот таван. И повторно вратата за нагоре. Со директни дрвени скали по кои почна да се качува со страв. Не крцкаа. Однадвор почна да го довикува Нена. Слепоочниците му се претворија во африкански конги и сѐ послaбо ја слушаше Нена, а сѐ повеќе го тресеше возбуда. Како да траеше цел час качувањето на тие девет скали. Кога стигна до кваката, забележа дека личи... Како да е нова! Немаше никаква ’рѓа, немаше изгубена боја. Толку му се тресеше раката над кваката што изгуби контрола над неа.
Ниту да ја спушти раката, ниту да ја допре кваката.
-Ако не кажеш што било или ако не искочиш од таму, вртам у полиција! – однадвор ја слушна заканата на Нена која веќе беше избезумена.
Не можеше. Немоќно му падна раката и брзо ѝ сврте грб на вратата. Побрза да излезе. Речиси истрчувајќи забележа дека се ближи вечерта, ама првин стигнала во овој двор. Колку ли време поминал внатре? Нена го гледаше луто и побрза да излезе од имотот. Како искаран и Петар излезе заедно со неа. Во моментот кога го допре асфалтот со првиот чекор надвор од куќата, грозницата му помина. Како да се свести, како да заврши некаков кошмар. Нена веќе го стартуваше количето со чкрипки како од гангстерски филм. Додека го напуштаа Црниче, на Петар му стануваше сѐ полесно. Не разговараа. Според трасата, Нена не го возеше во лудница, туку дома.
Во еден момент, Нена почна да мава по воланот и по свирката. Тут-тут-тут-тууууут. Петар не ја ни погледна.
-Нема ни да прашам дали си нормален! Ама барем објасни ми што беше она онде, бре! - Нена викаше до вцрвенување.
- Па како што виде, баш ништо. Нема ни мистерија, ни бутур.Само стара куќа – Петар се обиде да биде тивок и рационален. –Веројатно не сум за лудачка кошула, ама сум за конзилиум. И тоа не знам веќе во кој правец. Не очекував ништо, а сега не осеќам ништо. Ти осети тамо некаков магнетизам?
***
„Пеперуга”, Мирјанка Селчанец, „Академска мисла”
Дојде 1-ви октомври 1956 година. Виолета и Мирко, веќе вселени во Студентскиот дом и со купени купончиња за ручек и вечера во мензата од Домот, тоа сончево октомвриско утро, фатени за раце, стигнаа пред Филозофскиот факултет.
Нивните срца, да не беше вревата околу нив, биењето на тие возбудени срца ќе се слушаше посилно од бучните бранови на Вардар, што течеа во близината на кејот.
Возбудата и радоста што конечно им се оствари сонот да студираат КНИЖЕВНОСТ, така се испомешаа, што нафрлија црвенило врз нивните убави образи.
И двајцата високи, стројни, убави..., на сите околу нив им личеа како да дошле од некоја бајка. Дури, една девојка од Кочани ѝ шепна на својата другарка:
„Кога ги гледам оние, двајцана... - и покажа кон Виолета и Мирко - ... ми се чини дека го гледам филмот „Празник во Рим“. Само што таму принцезата беше црнокоса, а оваа е уште поубава зашто е русокоса и со прекрасна боја на очите.“
„Ај, не занесувај се, Лимонка! – свика другарка ѝ. – И овие, штом се овде, се наши другари од некој наш македонски град.“
Потоа, сите студенти, околу 250 души, влегоа во најголемиот амфитеатар на првиот спрат од Факултетот.
На повисока подлога беше поставена долга маса, зад која седеа Деканот и двајцата Продекани. До масата имаше говорница, па - откако сите бруцоши седнаа – стана Деканот, професорот Блаже Конески, им посака „Добредојдовте“, па потоа говореше за значењето на студиите за идните професори. Рече:
„Тоа е, всушност, опстојот на нашиот македонски народ и на КОРЕНИТЕ од македонскиот некогаш старословенски, а денес – литературен македонски јазик.“
Потоа, до говорницата пријде Продеканот по настава и, накратко, објаснуваше кои предмети ќе ги слушаат студентите, па ќе ги полагаат во четирите студски години.
Посебно говореше за предметите во Првата студиска година (двосеместрална), а и им ги претстави поединечно професорите кои ќе им ги предаваат поединечните предмети. Притоа, споменатите професори, седнати во првата редица од амфитеатарот, стануваа, се поклонуваа пред своите идни студенти и им посакуваа успех.
Потоа, откако секој студент доби лист со Распоред на часовите по денови, од понеделник до сабота, од Аулата си заминаа Деканот, Продеканите и Професорите.
Најпосле, полни со возбуда, кој молчејќи, кој зборувајќи, сите бруцоши го напуштија својот Факултет.
Силно возбудени си заминаа и Виолета и Мирко.
Отидоа покрај кејот на реката Вардар, прошетаа, ја разгледаа околината, фрлија поглед кон Камениот мост, па кон Калето и, во една бутка, си се почестија со по една чаша лимонада.
Дојде време за ручек.
Пред вратата од мензата имаше голема редица студенти, и бруцоши, ама и од повисоките студиски години.
Погледот од Мирко запре на двајца инвалиди, маж со штаки и девојка со некаков висок чевел на едната нога.
Интуицијата ги натера Мирко и Вики да им пријдат.
Девојката, на возраст што не можеше да ѝ се определи, беше очигледно, според изгледот на нејзината десна нога обуена во ортопедска чизма, дека прележала детска парализа. А машката прилика, до неа, имаше лик што тешко се опишува: имаше ситни, црни, длабоко вкопани очи, што лукаво гледаа околу себе... Имаше црно, неуредно, диво косиште што во мрсни прамени му паѓаше до веѓите, исто така црни и густи. Образите му беа испиени, жолти, со по една длабока бразда во средините, небаре - индијански поглавица.Усните, танки и одвратно растегнати (тоа изгледа требаше да биде насмевка) ги покажуваа неговите ситни, ретки и жолто –црни заби. Лицето од ова страшило завршуваше со брада свиткана како клун од орел, со по некое црно стракче остри влакна, како поткинат какол.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.