1007 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 21:59
Првиот ден
Имам затнати уши.
Одбивам падобран и бонбона.
И нека биде она што треба да биде.
Вториот ден
Сè уште паѓам.
Полошо е од што си мислев.
Сета моја тежина се всели во сега издолжената
глава, која пред себе прецизно го сече просторот.
Другите делови на телото се лесни, напати не ги ни чувствувам.
Се стрмоглавуваат, без некој напор, во низа.
Третиот ден
Сè уште добивам на брзина, но и опасна
едноставност на движењето.
Стравот што ме обземаше на почетокот,
од некоја нобјаснива причина е потиснат.
Станува речиси забавно.
И благо еротизирано.
Не сум сигурна дали сите органи се уредно подредени во телото.
Повеќе сум сигурна дека срцето не е во градите и дека тропа
некаде на крајот.
Четвртиот ден
Неочекувана болка во грбот. Се свиткав во последниот
миг за да ја спасам главата од судир со она кон што
вртоглаво се доближував.
Секој има своја судбинска граница, заканувачка Х-црта.
Не можам долго да пишувам. Сета сила ја трошам на опстанокот.
Петтиот ден
Успев сè пак да ставам под контрола.
Избегнатиот судир беше причина за мала прослава.
А и не паѓам веќе.
Или тоа само ми се чини?
Шестиот ден
Ако замижам на едно око ми се чини дека
растојанијата меѓу мене и почвата не се смалуваат,
и дека успевам да се движам по блиска пралела.
Седмиот ден
Знам сè!
Но се согласувам на илузијата дека бесконечноста ја нема.
Или ако ја има, некаде во далечната иднина,
дека е нестварно убава.
________
*Математичка крива во првиот квадрант.
Превод: Санде Стојчевски