1007 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 22:59
Во понеделник, на 27 мај, со почеток во 20 часот, во кафе-книжарница „Буква” ќе се одржи промоција на книгата на македонската поетеса Биљана Стојановска насловена „Додека спиеш”. Ова е трета поетска збирка на авторката, чија книга е во издание на „Чудна шума”.
Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески. Книгата ќе ја промовира писателката Билјана Црвенковска, а стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска. Поетскиот перформанс ќе биде придружен од музичката трупа „ВИС Тркалезна маса“ (Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Владимир Лукаш, Toма Димовски, Душан Кировски, Деан Шкартов).
Во рамките на промоцијата премиерно ќе биде промовиран и кус поетски филм, директно инспириран од книгата „Додека спиеш”, чиј автор е српската актерка и поетеса Валентина Бактијаревиќ. Главна актерка во филмот е српската уметница Сузана Вуловиќ, која живее и работи во Лондон. Стиховите ќе ги интерпретира поетот Ѓоко Здравески, а музиката е на уметникот Владимир Лукаш.
Во рецензијата за книгата на Биљана Стојановска, поетесата Снежана Стојчевска пишува:
„Песните во двата циклуса се тематски измешани како шпил од карти или како отсечки стварност и во нив нема хронолошко раскажување на приказната. Иако некои песни се наративни и се блиски до прозата, се задржуваат флуидноста и магијата на поезијата. Нејзината поезија е лирична и нежна, притоа задржувајќи ги луцидноста и сарказмот. Стојановска умее со природноста на Господинов да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена:„Во болничките соби сите се голи / Очите и зборовите немаат цензура / Дозволено е да полудиш и да заплачеш / и хистерично да се смееш /…Дозволено е и скришно да испиеш кафе со цигара / за да го задржиш достоинството пред себе”.
Биљана Стојановска е родена во 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави својата прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“, во издание на „Антолог”. Добитничка е на книжевната награда „Тодор Чаловски” за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа” (2018, „Галикул”). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.
Извор: https://novamakedonija.com.mk