Додека спиеш (пет песни)

25.05.2024 14:34
Додека спиеш (пет песни)

Една вечер во Лисабон
со часови гледавме во хотелската завеса
што се подигнува и се спушта
од летниот ветер
Се подигнува и се спушта
се подигнува и се спушта
како гради полни желба


Кога лежиш среде поле со памук
омарнината е ништожен непријател
Ѝ се смееш на благоста,
ја потфаќаш со влажните раце за образите

Душата е качена на бел облак
Подзамижуваш и те снемува
Некој ти ја мие косата


Сите годишни времиња се сменија
откако те пратив на пазар
Домот е среден,
мијалникот чека да биде наполнет,
креветот да биде разместен.
Во кесата со зелената салата
ѕиркам дали го донесе
и светот што ми го вети
Не го носам светот, љубов,
ама носам малку време
Повели малку време,
рече и ја остави кесата на масата

Како да си дошол на посета
Нечија туѓа пролет
цути во дворот
Си бил и ќе бидеш
Сега не си
Птиците прават гнезда
Повеќето догодина ќе ги нема
Тие што ќе останат
ќе ги населат други птици
Малку се тие што ќе се вратат дома


Во двете чаши ставија вода
и потоа ги претураа една во друга
Таква беше детската замисла за експерименти
Да се слеат, да се едно
Две води што горат
истурија децата на подот
Долго ја гледам направената дамка
Личи на птица со две крилја


Белешка за авторката

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе македонски списанија за литература и антологии.

Слики: Virginia Mori

Извор за песните: Биљана Стојановска – „Додека спиеш“ („Чудна шума“, 2024)