1018 hPa
68 %

16 °C
Скопје - Вто, 17.06.2025 02:59
Дали неписмените можат да владеат со светот? Одговорот би можел да гласи: можат, но накратко, зашто под нивната власт светот стагнира или дури пропаѓа. Можеби тоа го гледаме во живо. Кога менаџерите од богатите семејства ги преземаа клучните позиции во владите и важните институции добивме свет кој полека се претвора во лонец што врие и се заканува дека ќе експлодира. Оваа нова класа ја замени класата која доаѓаше од средниот слој и која се образуваше на универзитетите засновани на хуманистичките науки, значи - нештата ги посматраа широко. Потомците на богаташите ја изгубија ширината и тоа на факултетите кои се занимаваат со менаџмент и маркетинг. Нив ги интересираше само една цел, но не и контекстот, а особено не контекстот кој не носи пари и моќ. Како географијата и историјата можат да ви помогнат да раководите со луѓето и да продавате? Меѓутоа, сето тоа ви треба кога ќе дојдете на власт.
Вториот бран неписменост, во најширока смисла на зборот, го донесоа технологиите. Парадоксално, наместо да бидат бескраен извор на знаење, технологиите станаа платформа за совршена манипулација. Луѓето кои се осакатени од технологиите допрва ќе владеат, или можеби и нема, ќе видиме подоцна. Допрва ќе дојде нивното време за преземање на местата од кои се одлучува.
Од својата околина слушам лелеци на родители дека децата им се неписмени и дека тие не можат да направат ништо за да го променат тоа. Децата одбиваат соработка, ќе видиме и зошто. Зашто, ако тие бидат на власт, дури тогаш ќе има кукање. Светот веќе се изгоре со теснообразованите менаџери. Тие владеат. А што ако на власт дојдат неписмени луѓе чие внимание е наместено на триесет секунди. Ќе направат такви гомнарии што нема да има доволно време ни да сфатат што направиле.
Тие ќе предизвикаат апокалипса, но не онаа изворната, библиската; еден свет нема да биде заменет со друг, туку ќе се случи таканаречена гола апокалипса - апокалипса која нема да донесе ништо ново, туку само ќе го уништи постоечкото.
Младите се еколошки свесни но оштетени од нафтата. Иднината им е неизвесна, а за тоа не зборуваат тие, туку со такви информации ги бомбардираат луѓе кои, генерациски гледано, доведоа до таква можност. Како овој свет да не е баш создаден за нив. Оттука и ескапизмот, бегство во виртуелното. Значи, неписменоста е последица на специфични околности.
Генерациите кои ја направија неизвесна иднината на потомците не им ги дадоа неопходните алати и знаења за борба со таквата неизвеснот. Наместо да ги учат, во раце им тутнаа разни справи за свртување на вниманието, со цел да си го олеснат одгледувањето деца.
Вестите со кои нè бомбардираат и кои не можеме да ги избегнеме не ѝ помагаат на очајната генерација. Наместо да им ја прикажат целината на светот, со сите различности и можни читања и толкувања, тие, а и сите ние заедно со нив, добивааме само екстрахирана екстремност. Целта е да се придобие вниманието кое може да се мери недвосмислено. На индивидуално ниво вниманието ќе се претвори во популарност и подобар социјален статус, додека на ниво на компании ќе донесе пари и влијание.
За да се привлече вниманието мора да се биде ексцентричен, што значи екстремен; исто така, сè мора да биде набиено во што помалку зборови, слики или звуци, мора да биде екстрахирано. Таквото барање води кон двете екстреми на ќотекот - или сте жртва или сте насилник. Патем, неписменоста е последица на набивањето во што помало парче содржина.
Меѓутоа, постои можност власта да ја преземат само избраните, само оние кои водени од вештата рака ги избегнале опасностите на кои се изложени повеќето деца.
Децата на оние кои значително придонесоа за ваквата ситуација, луѓето кои работат во технолошките гиганти во Силиконската долина, своите деца ги праќаат во училишта без екрани. Тие не сакаат децата да им бидат неписмени. Тие им го ограничуваат пристапот до екрани и по училиштето. Ги тераат да пишуваат, да учат како што се учело пред ерата на екраните. Тие создаваат класа владејачи кои ќе бидат толку пред сите други што нема да има сомнеж кој во иднина ќе се најде на позиција каде се донесуваат одлуки.
Оние кои студирале „тесни“ науки и кои од технологијата направија оружје за манипулација - сфатија каде е проблемот. И почнаа да го менуваат тоа. Така почнаа да создаваат нова класа.
И додека сите останати трпат сè поголем притисок, зашто се речиси неписмени, а покрај тоа и бомбардирани со страшни вести, потомците на новата феудална елита живеат во друг, паралелен свет.
Повеќето нивни врсници се повлекуваат во себеси; не се грижат за да имаат друштво, на многумина дури не им е ни до секс. Тие се депресивни и безволни. На другата страна се раѓа класа која мора да пишува, која нема екрани кои им ја уништуваат самодовербата.
Небаре е напишано сценарио за филм за господари и робови. Не мислам дека сето тоа некој го испланирал и спровел на дело; нештата се случија со голема брзина, па немаше време да се размислува за нив. Тешко е да се разбере што точно се случува додека се одигрува сето тоа. Тешко е да се размислува додека трае бурата и додека брановите ве туркаат од бродот. Но некои луѓе седнале и размислиле. Иронијата е во тоа што токму тие ја предизвикаа бурата.
Во случајов не ни помагаат класичните одговори, решение не нуди ни левата ни десната страна. Не нудат ништо ни револуцијата ни националната држава. Револуционерите немаат во кого да пукаат, зашто самите си се непријатели, а националната држава како лек нуди параноја и омраза кон сите што ја опкружуваат, додека со двете раце го прифаќа сето она против кое треба да се бори. Колку државата е понационална, толку повеќе екрани; колку повеќе национализам, толку вестите се полоши.
Има два можни излези. Еден е ангажирањето на помалите, самодоволни заедници, кои со другите заедници ќе се обидат да му се спротивстават на трендот. Другиот е обид поинаку да се размислува за државата. Ни требаат држави кои ќе се темелат на поинакви принципи. Но тоа прво треба да се смисли па да се спроведе на дело. Прашање е дали остана доволно време за размислување и пеење.
Националните држави во рацете цврсто ги држат сите актери на модерната апокалипса без среќен крај: војни во име на нациите, одбивање да се признае постоењето на глобалното затоплување, доволување технолошките џинови (новите феудални господари) да прават што сакаат во државата за која тврдат дека е суверена и, најпосле, малтретирање на граѓаните со екстремни вести.
Па, се прашуваме зошто младите се депресивни. Не е ни чудо што се такви, кога изборот им е сведен на четирите јавачи на апокалипсата. Можат да „фантазираат“ дали ќе ги спржи атомска бомба или глобалното затоплување, дали ќе станат кметови на новите феудалци или целиот живот ќе мораат да се лекуваат од душевните рани кои им ги нанесе (квази)медиумската инквизиција.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: John Goto
Извор: https://lavalab.rs/