1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
Моето тело има невидлива стража:
постара сум отколку што се чини.
Жените на моја врст
дење, пред куќа,
навалени на портата,
верно ги придржуваат покривот и
обесените облаци.
Седата заплетена мудрост
тешко ја носат без стап.
Говорат малку и
чудно.
Ѕвонат акорди во коскените пукнатини,
додека во самракот
несигурно чекорат по каменливиот пат.
Се среќаваме повремено
на темните страни на блиската планина,
во завет,
далеку од светлината и
од младоста.
Моето срце е без никаков засолн:
помлада сум од што можете и да замислите.
Приучена владетелка сум во долината,
а небото над е,
според мојата мера,
модро и оддалечено.
Не земам никаков штит,
од чист инает
врзувам марама преку очи
и врвам низ градина со трендафили.
Едно од ова е илузија,
ми вели илузионистот
покриен со црна,
семоќна наметка,
оставајќи ми
великодушно,
можност за избор.
Превод: Санде Стојчевски