Никој не го сака тоа жешко

28.05.2024 00:33
Никој не го сака тоа жешко

Бројот на луѓе кои умираат на работното место заради екстремните жештини во Европската унија расте побрзо од кој било друг дел од светот, покажува анализата на Меѓународната организација на трудот. Во 2020-та година на територијата на Европската унија 80 800 луѓе претрпеле повреди на работното место заради изложеноста на топлина, а дури 67 луѓе умреле од последици од работа на екстремни жештини, што е зголемување од 42 проценти на смртните случаи на работното место предизвикани од топлото време во однос на 2000-та година. Десетте земји со најголем пораст на смртни случаи поврзани со оваа појава од 2000-та година се Исланд, Ирска, Данска, Чешка, Норвешка, Австрија, Швајцарија, Нов Зеланд, Словенија и Словачка.

Според Европската агенција за животна средина на топлотни удари особено се изложени работниците во земјоделството, градежништвото, одржувањето на улиците и собирањето отпад. Кога температурите ќе се искачат над 30 степени целзиусови, ризикот од несреќи на работното место се зголемува за 5-7 проценти, а кога температурите ќе надминат 38 степени, несреќите се помеѓу 10 и 15 проценти почести, покажуваат истражувањата. Смртта на само еден работник на температура од 40 степени беше доволен повод во италијанскиот регион Апулија да се воведе забрана за работа во најтоплите часови, како и смртта на двајца мигрантски работници во Јордан по што беше забрането да се работи на сонце помеѓу 11 и 17 часот, а од тогаш работниците мораат да имаат студена вода.

Европската синдикална конфедерација (ЕТУЦ) во своето соопштение се присетува и на неколку трагедии од минатото лето: смртта на 60 годишен работник во складиште во градот Мостолес во близина на Мадрид, каде жештината достигнала 46 степени; смртта на 75 годишен работник на градилиште на складиште на Амазон во Италија на температура од околу 40 степени; смртта на 44 годишен градежник во Франција на висока температура, како и смртта на еден работник со срцеви проблеми во бродоградилиштето на Елефсин, откако бил принуден да работи на температура од 37 степени.

Затоа Европската синдикална конфедерација во својот манифест по повод изборите за Европскиот парламент повикува на донесување закон кој би вовел температурни ограничувања за да се заштитат работниците од ризиците поврзани со климатските промени. По кампањата на Европската синдикална организација која го насочи вниманието на оваа тема, Европската комисија ги презеде првите чекори во заштитата на работниците од минатогодишните екстремни жештини со издавање насоки за работодавачите. И покрај растечкиот ризик од смртни случаи и штетата по здравјето, само неколку европски земји имаат закони за заштита на работниците за време на топлотните бранови, со големи разлики во ограничувањата. Според Европската синдикална конфедерација, Европската комисија би требало да донесе задолжителен закон кој би обезбедил работниците да имаат право да ја прекинат работата и да земат пауза за време на големи жештини, право на вода за пиење, пристап до простор под сенка и заштитна облека, и при справувањето со ризиците од жештините да се управува преку колективно преговарање со синдикатите и обука за топлотен стрес за работниците кои се изложени на ризик од топлотни удари.

Конфедералниот секретар на ЕТУЦ, Џулио Романи, по повод одбележувањето на Денот на сеќавањето на работниците (28 април) изјави: „Не можеме да прифатиме секое лето десетици работници непотребно да ги губат животите зашто не сме ги прилагодиле своите работни практики на променливата клима. Прилагодувањето на работното време за да се избегне најтоплиот дел од денот е здраворазумски начин за заштита на работниците со одржување на продуктивноста. Сè поголемиот број смртни случаи ширум Европа покажува дека работодавачите не го прават тоа, и затоа Комисијата тоа мора да го наметне како обврска преку закон за максимални работни температури.“

Освен смртните случаи, тука се и ризиците за здравјето на работниците изложени на сончево зрачење, заради што исто така е потребно да се заштитат работниците на отворено. Европската синдикална организација почна да бара построга заштита на работниците на отворено, повикувајќи се на резултатите од истражувањето на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, кое покажа дека изложеноста на сончевото УВ зрачење е најчест ризик од рак со кој се соочуваат европските работници. Секој петти работник (20,8 проценти од работниците) во текот на работното време се изложени на УВ зрачење, покажаа резултатите од истражувањето, а ризикот од меланом е поголем од сите други ризици од рак. Особено се загрозени работниците во градежништвото, земјоделството, итните служби и транспортот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paco Pomet

Извор: https://www.bilten.org/