1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Ноќва сум Палестинка
Ме набедувале,
ми наредувале,
страсно ме плукале,
терористи, сексисти,
еден маж повеќе жени,
дивјаци, заостанати, неписмени.
Забораваш дека и кај тебе порано
беше три жени четири конкубини,
врзани стапала,
мажи со репчиња
што пушат опиум,
јадат без нож и вилушка,
без салфета,
без тоалетна.
Забораваш дека и кај тебе ѕидови се градеа
И со векови се колеа.
Ноќва сум Арап, Египјанка,
Јорданец, Сиријка, Ирачанин, Либанка,
Перзијка, Грк, Асиријка, Хананец,
ноќва сум сѐ,
и ништо не сум.
Дај ми простор, да пораснам во дрво,
да излетнам во птица,
да полегнам во слободно кралство.
Газа
Газа не е град
туку осумкратен концентрационен логор.
Два милиони бегалци,
цитрус, грнe, предивo, пустo острoвo.
Палестина не е земја
туку 165 островчиња.
Палестинскиот архипелаг
не е опколен со вода
туку со окупирана територија,
отцепена.
Енклави,
побројни од Еврејските концентрациони логорови,
Ерменските концентрациони логорови,
и Индијанските резервати,
заедно.
Толку прецизно расцепкана, распарчена енклава,
ремек дело
што само воен гениј може да го срочи.
Дивите островјани, мора да се покорат,
оголените брда, мора да се срамнат,
па цивилизациското море да протече?
Островите да се претворат во птици
па да бидат слободни?
Па зошто тогаш им се сече грлото?
Сум била во Аушвиц, Дахау,
сум била во Ерменија,
сум била во Индијанските резаервати.
Да одиш таму, би се прашал зошто немаат развиена економија?
Ќе речеш ова е победа на цивилизацијата над варваризмот?
Од Еврејските гасни комори, до Палестинските енклави,
од бродот Мејфлауер до Индијанските резервати,
зошто жртвите стануват џелати?
Зошто грасрутот ја поткосува тревата?
Од реката Јордан до Медитеранот
Ги сонував Израел и Палестина,
една држава, два изданока,
и уште една зелена партија, и партија на мирот,
на една иста земја, на едни исти дрва, листиња се веат,
два три народа, пет шест јазика,
дораснати, слободни,
свои знамња си веат и своите песни си ги пеат,
слободни, самостојни, еднакви.
Америка праќа хартиено оружје,
сето хартиено
хартиени проектили, хартиени дронови, хартиени бомби.
никој не експлодира,
Газа не е урнисана,
месечината од прав не е еклипсена,
војна не е водена,
го сонував Ерусалем
споделен,
пет шест јазика по уличките,
на телефонските кабли птичките
свиркаат девет различни песни,
нема куршуми,
само слободно ветрот вее.
Стандарди Американски двојни-С.А.Д.
Да не зборуваме сега кој е крив а кој прав, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега дали е црно или бело, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за лево или десно, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за студентски протести, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за голораките, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за слободата на говорот и слободата на собирање, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за првиот уставен амандман, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за брутална репресија, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за газење на човечките права, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за автономијата на судовите, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за конзервативци и либерали, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за поларизација, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за совеста, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за Русија и Украина, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за Израел и Палестина, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за геополитика, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за идеолошките судири, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за моќ и немоќ, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за мир и соживот, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за 7-ми Октомври без оглед на историјата, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега дека Палестина не се едначи со тероризам , само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за тоа кој дефинира што е тероризам, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега дека поддршката за Палестина не значи антисемитизам, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за колонизирање и морализирање, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега дали отпорот е оправдан, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за колонијализам и империјализам, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за почеток на трета светска војна, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за атомско оружје, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за уништување на планетата, само за двојните стандарди.
Да не зборуваме сега за истребувањето на човечкиот род жими диносауруси, само за двојните стандарди.
Фабрика за прикаски
На подвижната лента не се ракавици, чорапи, чевли,
туку прикаски, прикаски, прикаски.
Вишок производи.
Работниците ги тренираат на визуелно размислување:
ракавиците ја претставуваат слободата, чорапите ја претставуваат демократијата,
чевлите го претставуваат Западот.
Кина, од истокот на истокот, може преку подвижна лента да го копира Западот,
но не смее да произведе Запад.
По светот јурат германски коли, јапонски коли и американски,
но кинески не смеат.
Oва се нарекува пазарна поетика, геополитичка поетика:
кога им требаш, ќе ти помогнат,
кога се плашат дека ќе надминеш, немаш веќе права.
Велат, имаш вишок производство и го уриваш светскиот пазар.
Им се пријаде ли морско, еднаш те тераат да одгледуваш риби, еднаш ти забрануваат да одгледуваш риби.
Им се пријаде ли динстана гуска, печена патка, пилешко во сос или крцкава сланина,
нема само во кинескиот кварт да јадат, и до Кантон ќе долетаат.
Се најале ли и избришале усти, низ ждригање ќе ти кажат дека кантонското мезе било ептен вкусно,
ама ти со вишокот прозиводство на заситениот светски пазар
смееш само со ресторани да се занимаваш, со автомобили не смееш.
Можеш низ цел свет да отвараш ресторани, да нѐ раниш секој ден
Кантонско мезе и свинско на мраз,
можеш да одгледуваш кокошки и патки, да одгледуваш пилешки крилца, да одгледуваш селско месо и да одлгедуваш соја сос,
да, можеш да произведуваш соја сос,
но не смееш да произведуваш автомобили.
Можеш дури и поезија да произведуваш, да произведуваш прикаски, правописи и пророштва,
но не смееш да произведуваш Форд, Линколн и Шевролет.
Пазарот ти е голем, Западот може да ти испорача опиум и јаболка,
a ти смееш да испорачуваш само Кантонско мезе и Пекиншка патка.
Слики: Abdel Rahman al Mozayen
Избор и превод: Сара Цветановска
Минг Ди е поетеса и преведувачка родена во Кина, а моментално живее во САД. Авторка е на седум книги поезија на кинески и еден колаборативен превод на англиски: „Жената на речниот трговец“ (River Merchant's Wife; Marick Press, 2012). Соработувала со Lyrikline (Берлин), била уредник на кинескиот домен на Poetry International Web (Ротердам) и коорганизатор на Меѓународни работилници за превод (Пекинг). Во соработка преведела четири книги на англиски, меѓу кои и „Празни столчиња-песни“ (Empty Chairs–Poems од Лиу Шјиа; Graywolf Press, 2015), за која ја доби наградата за превод од Poetry Foundation. Превела седум книги на кинески, вклучувајќи ги и „Hабљудувања“ (Observations од Маријана Мур; Сечуан Венји, 2018). Ја добила наградата за поезија Лишан (превод) и повеќе од десет награди за превод во Кина, како и стипендии за превод од Фондацијата Luce во САД. Уредник е и ко-преведувачка на „Нов Катај - Современа кинеска поезија“ (New Cathay – Contemporary Chinese Poetry; Tupelo Press and Poetry Foundation, 2013) и на „Нова поезија од Кина 1917-2017“ (New Poetry from China 1917-2017; Black Square Editions, 2019). Некои од нејзините песни се преведени на други јазици: Luna fracturada (Valparaiso/Шпанија, 2014), Histoire de famille (Transignum /Франција, 2015), Distracción (Fundación Casa de Poesia/Коста Рика, 2016), Pájaculo de Poesia/Мексико, 2019 година).