Одвоеноста од недоумиците

28.05.2024 14:29
Одвоеноста од недоумиците

(Кон претставата „Врвот Митикас – на врвот од планината Олимп” во режија на Јан Фабр, а во изведба на „Троблејн” Лабораторијата од Антверпен, Холандија. Главни улоги: Алма Ауер, Анаела Шамбон, Седрик Шарон, Матео Франко, Ивана Јожиќ)

Митикас (Митикас на грчки значи „нос”) е највисокиот врв на планината Олимп, чија референтност на претставата на Јан Фабр значи достапност до грчките богови чија генеалогија е основа за најголемите древни трагедии и поезија. Базирана на драмскиот текст на Јохан де Бус (драмски автор и поет), кој според зборовите на самиот Фабр е текст кој зборува за „заумноста и лудилото на грчкиот пандемониум” е осумчасовна претстава која се нурнува во темните длабочини на опскурноста на древна Грција. Донесувајќи ѝ ги на публиката мирисот и вкусот на таа древност, овој контроверзен режисер во својот концепт се фокусира воглавно на страста, симнувајќи ги ликовите на Едип, Антигона, Прометеј, Атена и пред сè Дионис (кој го игра актерка) во чистилиштето на интерпретациите, ја одвојува целата таа кора на слава, но и црното јадро на хибрисот.

Гледајќи ја оваа претстава цели осум часа имаме чувство дека на празната сцена живее оставениот црн талог на недоразбирањето кое е главна основа на древните трагедии, совршено рационализирано и облечено во чудните кореографски делници. Имено, контекстите од кои излегуваат сите ликови се вовлечени во пластична реминисценција на нивната вековна интерпретираност во сите книжевни родови, па од таа позиција Фабр ги преиначува во современи персонални концепти чија исповед е крајно трауматска и чии реминисцентни констелации се на некој начин референтни на модерниот свет. Започнувајќи ја претставата со монологот на Дионис чија еротоманска тирада нè води во еден свет кој досега не сме го виделе, а и не сме го насетувале, свет кој низ сите трагични прототипови го бараме во нас или се обидуваме да се присетиме на „нашите” трауми.

„Еднаш одамна / гордо бесрамно ги покажувавме нашите тела. / Уживавме во играчката на нашата страст. / Но, времињата се сменија. / Телата се забранети. / Желбата е забранета. / Некогаш љубовта беше анархија, / сега мора да биде чиста и јасна. / Па пресечете ги брадавиците, срушете ги топчињата. / Исечете го клиторисот, запечатете ја пичката, / залепете и зашијте го задникот. / Бидете пристојни, бидете коректни, бидете нормални. / Убиј ја страста, заклучи го телото. / Скриј го, замати го, закопај го својот пол. / Запечатете го, затворете го. / Нема повеќе задоволство, нема повеќе рогови. / Направи како нас: уништи ја радоста”.

Низ овие текстуални вратоломии се премрежува целото дејствие на претставата која низ повремената репетитивност ги изнесува сите црнила на светот кој и според де Бус, а и според Фабр дваесет и пет векови не успеал да се спознае во целост, па мора да се уништува самиот себе.

Актерската енергија е сепак есенцијална во целата претстава. Во тие долги осум часа Алма Ауер, Анабел Шамбон, Седрик Шарон, Матео Франко, Ивана Јожиќ, Ени Чупер, Конор Доерти, Густав Кенигс, Ирена Урчиоли, Пјетро Квадрино и Стела Хетлер воодушевија со својата танцувачка и актерска умешност. Нивните тела и ликови говорат за древната, но и за нашата цивилизација со скараден, но многу точен, искрен и сиров јазик. Во овој когломерат од ликови во кои секоја сцена има свој актер кој ја води, би го истакнал актерскиот сензибилитет на Матео Франко чија емотивност и елоквентност се извонредни, но и Анабел Шамбон која донесе еден оригинален и зачуден Дионис, актерка која импонираше со движењата и гравидната реторчност.

Колективната игра на оваа претстава е основата врз која Фабр и ја гради својата слика за светот. Но тоа не е слика само на Јан Фабр, тоа е една експресионистичка интерпретација на светот кој и покрај тоа што се наоѓа само во цивилизациската меморија е слика и на денешната „Содома и Гомора“. Јан Фабр вели дека луѓето се суштински добри, но се жртви на сопственото лудило и недоумица.

И покрај тоа што претставата се одигрува на празна сцена со неколку праткикабли, излуденоста и сомнабулноста на митските ликови е она што најмногу инспирира и во визуелна, но и во аудитивна смисла. Алма Ауер, композиторката на музиката и актерка во самата претстава ни донесува еден многу интересн хибрид на традиционална музика и модерни ритми кои со кореографијата на самиот Јан Фабр и Ивана Јожиќ ја повлекува онаа толку посакувана нишка низ времето и, се чини, дека во таа елоквентност се огледува и целиот концепт на овој исклучителен режисер. На оваа поставеност се придружува и костимографијата на Касиа Мелчарек која е на некој начин референтна на древна Грција, но со себе носи и една кубистичка наслага во унифицирањето на основните костими кои со себе ги носат назнаките на болните места на Исус, фарсично придружени и во гениталиите.

Многу е чудно чувството додека ја гледате претставата која трае осум часа и нема пауза. Однапред изненадени и по малку уплашени од тајмингот седнувате и малку сте налутени на организацискиот дел од проектот, но навлегувајќи во дејствието и во концептуалната органика на овој голем режисер, чувствувате дека тие осум часа поминале многу брзо. Иако ова звучи малку излитено, сепак вашето чувство дека гледате претстава која е крајно импактна и доминантна во сите свои сегменти е она што и ќе ве фасцинира, но и ќе ве замисли. Јан Фабр е еден од најоригиналните и најинтересните театарски појави на дваесеттиот и дваесет и првиот век, чија поетика носи многу остри и неизбришливи пораки, па така и „Врвот Митикас е едно од тие дела кое ја спојува древната историја со малигноста на модерното време на еден ригиден, но многу комплексен начин.