Акварелното сликарство на Ванчо Кеков

28.05.2024 23:34
Акварелното сликарство на Ванчо Кеков

Со намера на акварелот да му се нагласи староста од појавата, некои припадници на стручната фела, во една духовита и максималистички насочена проникливост велат дека оваа техника, всушност, настанала кога се создала водата на земјата. Се разбира, иако ваквата досетка може да се прифати само во шеговита смисла, сепак корените на неговата долга традиција почиваат врз папирусите од Египет, свилата од Кина, Јапонија, Индија... Познати се и остварувањата низ античкиот, римскиот и ранохристијанскиот период, а преку византиските сликари почнува да се практикува и низ европските земји. Многу уметници како што се Дирер, Холбајн, Тарнер, Жерико, Делакроа, Сињак, Кле и уште плејада неспомнати, создале антологиски дела. Освен најчесто одбележуваниот Љубомир Белогаски кој остварил врвни творечки реултати, со особена страст кај нас акварелот го негувал и Пандилов, одделно место му посветувале Коџоман, Владимирски, Цицо, Мартиноски, Личеноски, но и Лена Стефанова, Катја Ефтимова и др. Од повоената генерација како изразит акварелист се афирмира Теофил Шулајковски ама неспорен придонес имаат Трајче Јанчевски, Васко Ташковски, Илија Кафкалески, Тодор Георгиевски-Теди, а во поново време Симонида Филипова Китановска и др.

Наспроти угледот кој го ужива во светот што е потврдено со Кралското здружение на акварелисти („Royal Watercolor society“) основано во Англија уште во 1804 г. и во околните земји му се посветува потребното внимание преку организирање исклучиво акварелни колонии (Во Сремски Карловци, „Тиска академија акварела“ во Нови Бечеј, „Ечка“ во Зрењанин, „Акварели на скели“ во Сомбор, „Сава“ во Славонски Брод , „Св. Архиѓакон Стефан“ во Будва, „Газиводе“ во Косово) и традиционални специјализирани изложби, биеналиња и триеналиња какви што се одржуваат во Белград, Нови Сад, Зрењанин, Тирана, Приштина и на други места. Како што, впрочем, не можеме да се пофалиме и за останатите полиња (не само во уметноста и културата пошироко, туку и на целокупниот општествен, економски, образовен, социјален и друг план) кај нас обидите „да фатиме приклучок со останатите поразвиени средини“ останаа неуспешни. Направените напори на ДЛУМ за афирмација и популаризација на овој вид творештво преку организирање „Биенале на македонскиот акварел“, на што кон таквите настојувања се надоврзуваа „Акварелниот симпозиум“ во Скопје, (првата и воедно последната) колонијата за акварел „Идила“ во Пехчево (2005), а пред се изложбата „Балкански современ акварел„ (одржана 2014 г. во галеријата во Куманово и МГС-Скопје), речиси и да немаа никаков ефект, одржливост и истрајност на благородната идеја.

За жал, кај нас на акварелот сè уште се гледа со потценувачки ставови како кон второкатегориска ликовна техника. Тоа, без двоумење, е едната од причините, а од друга страна, отсуството на интерес се должи и на комплицираноста и тежината за изведба. Во таа смисла, најсоодветна би била кинеската поговорка според која занимавањето со акварел се толкува како умеење да се скроти див коњ, што не е далеку од вистината бидејќи укажува на потребата од големо знаење, вештина и висок професионализам во совладувањето на медиумот кој е непредвидлив и во најдиректна зависност од искуството на сликарот, способноста да се контролира количеството на водата и пигментот, квалитетот на хартиената подлога, добриот прибор (штафелај, планшета), изборот на четката (Windsor and Newton, Rives, Gunter, Wagner) и сл. Секој што совладувањето на акварелната техника ќе си ја постави како цел и во таа насока ќе преземе конкретна активност, мора да признае дека е меѓу најодбраните и истата личност со сигурност поседува лични ментални, духовни и творечки способноси. Несомнено е дека такви особини поседува и Ванчо Кеков кој е меѓу ретките пасионирани автори со вистинска, вљубеничка посветеност на акварелот. Освен желбата, решеноста и академските поуки, несомнено е дека авторот мошне студиозно пристапил кон разни осознавања поврзани со практиката во оваа област, кон стекнувањето знаења поврзани и со досегашната продукција низ епохите, пред сè со остварувањата во современата уметност (странската и нашата). Очигледно и остроумно е тоа што го прифаќа и применува принципот на учењата, искуствата, поуките и уметничките практики на другите, ги апсолвира и согласно сопствените сфаќања и автентичните индивидуални двигатели ги прилагодува на мисловниот и креативниот лабораториум. Имајќи предвид дека акварелното сликарство е „аlla prima par excellence“ уште на самата стартна „спринтерска“линија, авторот веќе целосно ги има дефинирано и определено примарните и подготвителните фактори (идејни, мисловни, размислувачко/перцептивни, меморирачко/асимилативни), но истовремено е соочен со нужноста да изнајде баланс помеѓу емоционалната состојба на духот, инспиративниот порив и моментното расположение. Кон фокусираноста на избраниот мотив на претставувањето, природниот амбиент, панорамскиот приказ како низ широкоаголен објектив или поедноставениот интересен сценски кадар, во истиот момент треба да се активира контролиран и синхронизиран однос за скротеност на двигателените агенси. Мора да преовлада свесноста за синхронизирање на сите чинители преку хармонизирано единство. Откако ќе „созрее“ планот за конечната цел, при водењето на творечкиот процес неминовно е да се има апсолутна концентрација водејќи грижа за законот на гравитацијата, нагибот на штицата/подлогата (блокот), количината на водениот раствор и густината на пигментот, силата на апсорпцијата на хартијата (Whatman, Whatman Imperial, Fabtiano, Demi-torchon, Harding, Бристолски, Александриски), одлуката дали таа ќе е фиксирана или ќе овозможува ротација итн. Таа комбинирана и мошне сложена задача мора да е решена однапред и да се знае решението во поглед на композицијата, рамнотежата на елементите кои ја сочинуваат, распонот на колористичките амплитуди, светло/темните контрастирања, важните точки на акцентирањето/поентирањето, нагласувањето, истакнувањето и пополнувањето/надополнувањето. Притоа, применувањето на тактиката, техниката и методите секогаш зависи и се разликува од конкретните ситуации. Вештината во раководењето на тој процес придонесува за солидна оствареност на поставената задача, но недоволно ако тоа е приоритетот бидејќи суштината на целината ќе остане без конечниот ефект за посакуваниот сеопшт впечаток. Се забележува дека Кеков се придржува до начелата за строга доследност во применување на востановените правила за тргнување од најбитното, преку важното до споредното. Во зависност од посакуваните ефекти користи варијации на влажна или сува техника и (главно) уште во првата етапа (најарно да е единствена) успева да ги вообличи основните замисли, повремено навраќајќи се на минимална доработка и „ретуширање“. Неговите омилени мотиви првенствено се од роднокрајната околината - широки пространства од воздушести и водени површини (со постигната прозрачност) разбиени со извишени самоникнати стебла, барска вегетација и шибје, обраснати ледини, тревни ливади и плодоносни житородни полиња омеѓени со трновити грмушки и дрвореди по меѓаците, „соголени“ ридести возвишенија и планински масиви на хоризонтот. Во зависност од композициската распореденост некои од нив нудат спокојство, мир, опуштеност и лежерност, а кај други, каде што доминираат вертикали, се чувствува стабилност и достоинственост, но има и такви во кои е вткајана некаква тензичност и таинственост. Одредени квалитативи во опусот на Кеков се наоѓаат во спрегата на интуитивните, личните и поетските аспекти во релација со лирско-реалистичката компонента. Во оваа прилика важно е да се одбележи дека неговиот сликарски израз се движи во рамките на конвенционалниот третман на акварелната структура, а подобрите резултати се во творбите во кои е остварена поголема слобода, поизразена спонтаност, непосредност, разиграност, растрепереност и живост. Придржувањето до традиционалната постапка и усовршувањето може да пружи и натамошни уверливи достигнувања, но превагнувањето на овие ограничувачки фактори и применувањето на иновативни пристапи, користењето дозволиви контролирани случајности, воведувањето невообичаени „помагала“ (песок, сол, фен, сунѓер, челични четки, шмиргли, метални и дрвени гребала и сл.) може да придонесе за нов квалитет и додадена вредност.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото